На последното издание на „Загребдокс“, освен актуелните филмови од регионалната, европската и светската кинематографија, организаторите се погрижија публиката да биде во тек и со курентните остварувања во музичката документаристика. Ревијалната селекција необременета со фестивалски награди понуди неколку остварувања во кои главните улоги ги толкуваа Ју група, Култур шок, Џоан Баез, Ник Кејв и Брдеј парти, Рјичи Сакамото… Како фестивал во фестивал! Најголема беше возбудата околу проекцијата на филмот „Ryuichi Sakamoto: Opus“ на Нео Сора, бидејќи авторот на овие редови не знаеше ништо за овој проект, не сакајќи да прочита ниту ред и во богатиот фестивалски каталог, одејќи сосема ослободен и подготвен за изненадување. И го доби – во сиот свој сјај!
На 28 март минатата година од овој свет замина јапонскиот пијанист и композитор со светско педигре, Рјичи Сакамото. По борбата со ракот на грлото, последните години се бореше со ракот на дебелото црево. И покрај успешната операција, тој, за жал, почина на 71-годишна возраст, оставајќи зад себе еден куп музичко наследство. Знаејќи дека нема уште долго да живее, тој ја прифаќа подадената рака на режисерот Нео Сора, и ја собира сета енергија со цел да го напушти земскиот свет со својата последна концертна изведба. Така настанува 103-минутниот филм во кој, во црно-бело, како борба на животот со смртта низ ноти, фигурираат само композиторот и неговото оружје – пијаното.
Сакамото е еден од најпознатите јапонски музичари, чија кариера стартуваше во електро-поп групата „Yellow magic orchestra“ во 70-те години на минатиот век. По влегувањето во соло водите, тој компонираше и објави 19 албуми. Познат е по различните соработки со музичари како Брајан Вилсон, Иги Поп и Дејвид Бирн, а полето на делување го прошири и врз филмската музика, соработувајќи со режисерски имиња како Оливер Стоун, Алехандро Инариту, Педро Алмодовар… За прекрасниот саундтрак за филмот „Последниот кинески цар“ на Бернардо Бертолучи, во 1987 година се закити со врвните награди Оскар, Златен глобус и Греми.
Знаејќи ги овие референци, кои се само дел од неговата богата биографија, мислев дека ќе гледам класичен документарен филм со изјави од соработниците, архивски снимки од концертите и неговите врвни достигнувања… но не. Она што го добивме на големото платно е, за мене, досега највеличенственото простување од овој свет на еден уметник. Знаејќи дека ова може да му биде неговиот последен концерт, Сакамото е врвен во својата изведба, која ве исполнува со тага, но истовремено и со насмевки, знаејќи дека смртта е составен дел од земното патување на човекот.
За потребите на филмот, Сакамото избира да изведува дваесет дела од својот богат опус. Тие го раскажуваат неговиот творечки пат од почетоците до самиот крај на неговата композиторска креативност. Јапонскиот композитор ги изведува делата максимално сконцентирарно, во интимна атмосфера, во простор кој добро го познава опколен со блиските соработници, и речиси без зборови. Само во два наврати, кога не е задоволен од својата изведба, тој изустува по некој збор, чисто за да видиме дека сепак се работи за човек со емоции склон кон грешка, а не за робот.
„Ryuichi Sakamoto: Opus“ е „лебедова песна“ за популарниот јапонски композитор, кој низ игра на светла и сенки ни ја прикажува сета моќ на уметноста. Неговата музика совршено кореспондира со режисерската замисла да се фатат детали во просторот кои ја потенцираат моќта на уметничката фантазија, користејќи минималистички филмски јазик. Тоа како гледач ве тера да се опуштите во кино-столчето и да ги примите тие вибрации од сребрениот екран на најчистиот можен начин, бидејќи маестрото дава се’ од себе, соголувајќи ја својата душа пред Другиот.
И се’ ми се чини дека за постигнување на ваков безвременски ефект, изборот на Нео Сора на режисерското столче е полн погодок. Човекот е млад автор со неколку наградувани кратки филмови зад себе, а периодов го подготвува и своето долгометражно деби остварување „Земјотрес“. Неговата необременетост и јасен концепт прават од филмот достоен омаж на животот и делото на Рјичи Сакамото преку она што тој најмногу го сакаше – јазикот на музиката. Премиерно прикажан на последното издание на венециската Мостра, „Ryuichi Sakamoto: Opus“ уште долги години по неговото создавање ќе инспирира со својата црно-бела маестралност, непосредност и топлина. Битка на уметникот со смртта преку својата љубов – музиката. Топла препорака!