Синоќа бев позитивно испровоциран од ФБ постот на Оливера Ќорвезироска, која пред една декада беше една од ретките уредници кои со драго срце отстапуваа простор за филмски осврти во печатен медиум, за разлика од денешната ситуација, кога филмските рецензии тук-таму можат да се прочитаат на одредени портали, блог-страници и специјализирани „проекти“ кои ја третираат седмата уметност, а всушност се само начин за преживување на годината. Интересно, Ќорвезироска најпрво не го препорача филмот за гледање, и покрај потенцираната брилијантност на хрватскиот филм, актуелен добитник на три „Златни арени“ во Пула, а потоа се предомисли бидејќи вакво ремек-дело навистина мора да дојде до поширок круг на луѓе, бидејќи зборува за суштинските човекови проблеми. Впрочем, како што таа подоцна допиша во самиот пост: „Филмот отвора толку длабока тема за менталното здравје на „нормалните“ луѓе, за депресијата за која се молчи додека се зборува и се дере за триста глупости, додека неважното ни се наметнува како најважно, додека светот се распаѓа од погрешност во сите пори на општеството“. Право во центарот!
Филмот на Јурај Леротиќ го гледав сосема случајно пред околу еден месец на еден од филмските канали на кабловската телевизија. Беше еден по полноќ, летната загушливост не ми дозволуваше да заспијам, и „листајќи“ ги ТВ каналите наидов баш на почетокот на филмот, не знаејќи воопшто ништо за него. Сакам да ја следам балканската кинематографија, секако, од професионална љубопитност, но и заради споредбата со нашата, македонска кинематографија. И покрај различните судбини, проблемите на луѓето во поранешните ЈУ-републики горе-долу се истите, затоа ме интересира како словенечките, хрватските, босанските, црногорските, српските сценаристи и режисери го третираат лудилото во кое се најдовме во овие триесет и кусур години (транзициска) реалност. Со резигнација можам да констатирам дека во последниве десетина години останатите филмски уметници од регионот се неколку чекори понапред од она што се случува во домашната кинематографија. Можеби затоа ми е срам да седнам и да напишам збор-два за двата нови македонски филма на чии премиери неодамна присуствував. Најверојатно ќе ги напишам рецензиите наесен, откако ќе помине нивното прикажување, чисто за да не ги одвратам гледачите од посета на кината, мислејќи дека така постапувам ферски. Понекогаш ми се гади од сопствените постапки, затоа што, конкретно со оваа, не сум поинаков од останатите, не сум далеку од стадото во кое мора да се премолчува за да не се конфронтираш, или во најлош случај, да се стане дел од кланот, овој или оној, затоа што така функционира општеството. Бљак!
Иако доцна во ноќта, „Сигурно место“ на Јурај Леротиќ ме извади од кожа, ми ги наостри сетилата, широко ми ги отвори очите и во лице ми ја плесна вистината. Во последно време мислев дека вистината може да ја бараме само во добрата литература, но после овој филм, повторно почнав да верувам во моќта на седмата уметност. Се гледа од месечината дека овој филм е снимен со многу мали средства, но тука во игра влегува идејата, сценариото, актерската игра, начинот на кој е снимен и режиран филмот, и – ете ти полн погодок! Тоа го сфати жирито уште на минатогодишниот Сараевски филмски фестивал, кога на дебитантскиот филм на Леротиќ му ја даде главната награда „Срцето на Сараево“.
Она што најмногу ми се допадна во филмот е што тој е уште посуров од самата реалност, која често пати сакаме да ја разубавуваме и на неа да гледаме низ розови очила. Вистинско злато вреди можноста на големото платно да се „разголи“ сето човечко тивко страдање внатре, во себе, кое најчесто е незабележливо за останатите. И да, за него не се зборува, зашто е срамота! Тоа се премолчува, иако тивко тлее во тебе со цел да те уништи. И покрај желбата од најблиските да се помогне, молкот, тишината и премолчувањето се константи кои никој и ништо нема да ги промени. Е, тие морничави и недофатливи моменти од човековата психа и егзистенција, тие „сигурни места“ се оние кои сценаристот, актер и режисер Јурај Леротиќ успеал да ги дофати и комплетно да ги деконструира, давајќи му на ова парче филмска уметност една фина вертикала, особено по завршната сцена со „оживеаната“ фотографија, која поместува планини. И сето ова само со тројца феноменални актери и неколку мали, споредни улоги. Горан Марковиќ како нежно човечен, но суицидален лик е просто брилијантен, а ништо помалку ефектна не е и Сњежана Синовчиќ, која ја игра неговата мајка.
Токму затоа, уште еднаш ќе ја нагласам веќе апсолвираната констатација дека за вистински погодок во уметноста не ви треба многу, единствено сите коцки фино да се наредени. Во таков случај нема да имате потреба ниту од поголем буџет, со кој нема ништо да постигнете, освен можеби мало полирање на недостатоците, ниту од лобирања ваму-таму, бидејќи вистинската уметност се препознава од Месечината, и подалеку од неа. Таа е тука за да постави прашања, да ги „разголи“ нештата и да навлезе во нивната суштина, да даде момент на идентификација за конзументот, а сето понатаму се само нијанси во нејзиното интерпретирање, што само го збогатува впечатокот со различни можности. Затоа треба да се нагласуваат и да се препорачуваат одличните филмови, и воопшто, добрата уметност, бидејќи треба да дојде до што поширок круг на рецепиенти. Ова особено важи за фестивалски остварувања кои имаат лимитирана публика, освен ако во меѓувреме не соберат еден куп награди, инаку ќе останат незабележани. Впрочем, тоа се случува и во книжевноста, сликарството, музиката… За среќа, на „Сигурно место“ му се случи токму тоа – освен Сараево и Пула, тој во изминатата година ги собра наградите и во Трст, Лисабон, Пекинг, Шангај, Локарно, Љубљана, и за мене особено драга, наградата од колегите од ФИПРЕСЦИ на филмскиот фестивал во соседна Атина.