05:17, Скопје

„Се’ е спасено, кога барем еден уште памети“, гласи поднасловот на романот „Земја на бегалци“ од Кица Колбе, кој неодамна во издание на ИЛИ-ИЛИ доживеа второ издание. Но овој текст не е за децата бегалци од Егејска Македонија по Втората светска војна, чија судбина Колбе ја раскажува брилијантно во книгата, туку е поврзана со сеќавањата за уште една катастрофа, овој пат природна, која пред 60 години го погоди Скопје. Вчера и денес на неколку пункта во градот достојно се одбележува јубилејот од катастрофалниот земјотрес, со онаа стандардна порака на надеж следните генерации да не доживеат ништо слично.  

Мајка ми на 21 јули го прослави 71-иот роденден, но за неа еднакво значаен датум е и 26 јули, сметајќи го за неофицијален втор роденден. Таа деновиве се присетуваше на случувањата во тоа кобно утро 1963-та, и така се вообличи ова кусо сведоштво-приказна за нејзиното доживување и преживување на кататрофата која однесе многу животи.

„Во спалната соба од куќата спиевме јас (тогаш имав 11 години), брат ми (7 години), сестра ми (3 години) и мајка ми“, ја започнува мајка ми својата приказна. „Рано утрото не’ разбуди многу силен звук, дотогаш такво нешто не сме слушнале. Ветрот толку силно дуваше што додека се рассониме, ги скрши прозорците и сето стакло летна врз креветите каде лежевме. Мене ме расече на стомакот и раката. Почнавме да врескаме од страв. Тогаш почна да паѓа и малтер од таванот врз нас. Мајка ми ја зема најмалата ќерка, ја стави на подот надвиснувајќи се над неа за да ја заштити. Забележав дека лактот и’ крвареше. Кога првиот удар за момент се стиши, почнавме да се упатуваме кон излезот, но тогаш наиде следниот. За среќа, успеавме да се симнеме од вториот кат на куќата долу во дворот. Погледнав околу мене и насекаде забележав огромни облаци прашина. Небото беше темно. Околните тополи како лудо да танцуваа. Нивните врвови за време на земјотресот се симнуваа долу до земјата, и доколку дрвото не се скршеше напола, врвовите се враќаа нагоре. И потоа пак истото. Конечно, надојде и третиот бран кој го бутна камениот ѕид од нашата спална соба, правејќи огромна дупка. Кога подоцна се качивме во собата за да ја видиме штетата, сите камења беа паднати врз нашите кревети, каде што сите спиевме. Затоа 26 јули го сметам за свој втор роденден“, го завршува мајка ми сеќавањето за утрото 1963-та година.

Она што следело бил стравот земјотресот да не се повтори. Следните денови ги посетила комисијата која ги обележала оштетените куќи со црвени крстови за понатамошна санација, а почеток на школската година во септември и октомври се одвивал со часови под отворено небо, но есента била многу дождлива и спиењето во поплавените шатори не било баш пријатно. Се’ на се’, било – да не се повтори. Никому!

Полека од овој свет заминуваат луѓето кои ја доживеале оваа траума, затоа не е лошо да ги запишете нивните сеќавања за да останат и за идните поколенија. Доколку немате некој член во семејството со такво искуство, сигурно има поединци во пошироката фамилија кои може автентично да ви ги пренесат сеќавањата за скопскиот земјотрес, затоа што „се’ е спасено, кога барем еден уште памети“.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *