Кон албумот „Songs of a lost world“ на The Cure
Се чини како оваа година сите да објавија албуми. Го слушам интервјуто на „стариот лисец“ Дејвид Гилмур кој јасно нагласува дека клучни биле тие година-две од пандемијата, кога бевме затворени дома и сакал-нејќел, за да не полудиш, почнуваш да твориш. Ник Кејв, Меркјури рев, Тиндерстикс, Бет Гибонс, Прл џем, Лори Андерсон, Смешинг пампкинс… се само дел од имињата кои не’ почестија со нов материјал. Дури и јас издадов пет книги(!) Сепак, од сето наброено, за мене албум на годината е „Songs of a lost world“ на Кјур, не затоа што стана број еден на релевантните листи од оваа и онаа страна на океанот, туку затоа што слушањето на ова ремек-дело и уживањето во него е најмалку што можам да сторам за Илиќот, првиот што од мојата генерација замина на оној свет.
Минатиот месец наполнив 50 години, но минливоста на овој свет и времето кое секојдневно не’ меле го почувствував уште пред некоја година, кога дознав дека Дејан не’ напуштил. Беше малиот дебелко со голем диоптер, кој беше добар пријател, без никаква зла намера зад неговите постапки. Многу ја сакаше музиката и често се гледавме на концерти. Најмногу ги сакаше Кјур. Тој живееше за нив, тие постоеја за него, да објават нов албум и да го усреќат него и милионите фанови низ светот. Незаборавна анегдота е онаа кога на класниот час задоцни 15-тина минути, после кои тропна на вратата и во класот влезе Роберт Смит „главом и брадом“. И покрај „теглите“ на носот, таа недела Илиќ беше нашиот средношколски херој, нашиот Роберт Смит.
На 20-годишнината од матурската вечер сторивме убава дружба. На пултот добро „возеше“ една диџејка која пушташе музика од „наше време“, од втората половина на 80-те и првата половина од 90-те години на минатиот век. Меѓу нив, секако, и неизбежните хитови од Кјур. Секогаш кога ќе ја препознаеше темата уште од првите тактови, Илиќот го прекинуваше муабетот со нас и почнуваше да пее. Ги знаеше сите песни напамет. Му останале од младешките денови. Кога нешто ќе прирасне при срце, особено кога нешто те оформило како човек, потоа тешко се заборава. Се’ уште го слушам неговиот тогаш веќе зрел и длабок глас како ја пее „Just like heaven“:
Show me, show me, show me how you do that trick
The one that makes me scream”, she said
“The one that makes me laugh”, she said
And threw her arms around my neck
Show me how you do it
And I promise you, I promise that
I’ll run away with you
I’ll run away with you.
Како изминуваше ноќта и и откако престанавме да ги броиме пијачките, дознав дека пријателот од класот е семеен човек со две дечиња, и дека срчано се бори со транзициското секојдневие, таксирајќи и работејќи безброј други работи за да преживее. И потоа се случува кобниот ден. По обилниот дожд, свлечиштето надвор од градот однесе многу невини жртви. Меѓу нив и неговите родители. Срчаниот Кјураш малку подоцна замина поради срцето. Не ја издржало болката. Затоа слушањето и навлегувањето во суштината на новиот материјал на неговиот идол од младоста, Роберт Смит, во моментов е најмалку што можам да сторам за сопатникот од некогашните невини и наивни средношколски денови. Велат, со повикување на спомените, чиниш луѓето одамна заминати како повторно да ги враќаш во живот, а истовремено сфаќаш и дека не си сам, туку дел од заедницата, целината. Токму „Alone“ е првиот сингл и темата што го отвора новиот албум на легендарниот британски бенд.
Во домашната ЛП колекција имам само еден албум од Кјур, антологискиот „Disintegration“. Сум ги преслушал и другите нивни албуми, но овој ми има целина, атмосфера, поетика… едноставно, содржи се’ што треба за да ги задоволи префинетите слушателски потреби. Најчесто тој е првиот избор и кај вистиснките „Кјураши“, иако дискусиите на оваа тема можат да одат во бесконечност. Новиот албум за мене е вистинско продолжение на албумот од 1989 година, но во современ контекст. 1989 година, годината кога падна Берлинскиот ѕид и од кога светот веќе никогаш нема да биде ист, само 35 години подоцна. И што добивме? До каде стигнавме? Станавме ли подобри луѓе?
Се разбира, Роберт Смит не го интересираат големите историски наративи, туку личното, индивидуално искуство. Дури откако ќе го искусиме неговото (а низ неговото и нашето) гледање на светот, го сфаќаме контекстот во кој живееме и чувствата низ кои сме минале. Или, историјата како неминовност. На крајот човекот секогаш, без исклучоци, останува сам. Неговото лице ја губи природната боја, се скаменува, и почнува да создава песни од еден сосема изгубен свет, песни со кои се идентификуваме и во кои се препознаваме.
Затоа г-нот Смит го отвора ова албумско ремек-дело со вечната тема за осаменоста, за меланхолијата, за радоста да се биде тажен. Славниот француски писател Виктор Иго на времето рекол: „Меланхолија е радост да се биде тажен“. Тоа се совршените зборови да се опише не само новиот албум, туку и целото творештво на Кјур.
Триминутниот влез во „Alone“ влегува веднаш под кожата и потоа тешко може да се оттарасите од него, особено од оние тонови на клавијатурчето, толку едноставни, а толку заразни. Потоа следи исповедта на големиот текстописец:
This is the end of every song that we sing
The fire burned out to ash, and the stars grown dim with tears
Cold and afraid, the ghosts of all that we’ve been
We toast with bitter dregs, to our emptiness
Доволно темно, доволно готик, доволно моќно за опис на крајот на светот, затоа што ова што го живееме, на некој начин, е крај на историјата што досега ја знаевме.
And it all stops
We were always sure that we would never change
And it all stops
We were always sure that we would stay the same
И вечното прашање помеѓу:
Where did it go?
Where did it go?
Where did it go?
Where did it go?
Broken voiced lament to call us home
This is the end of every song we sing, alone.
Сам, но не и осамен, друже Смит. Жал ми е што Илиќот не е во можност да ги чуе овие стихови и оваа божествена музика, но сигурен сум дека ќе му се допаднеа и дека ќе уживаше во нив. Како што деновиве уживам и јас.
Смит и пајташите и во следните шест теми продолжуваат на зрел начин да се преиспитуваат себеси, да поставуваат релевантни прашања за современоста во која живееме, сето тоа низ врвна звучна продукција и незаборавни аранжмани кои потсетуваат на старите, добри Кјур денови, но во сосема ново руво.
Со секоја нова песна минуваме низ ветрилиште од емоции кои тематски не’ носат низ современието (“жалзамладоста”, заминувања, војни, загуби…), за на крајот, природно, да дојдеме до последната тема на албумот, но се надевам не и последната во нивната кариера, иако Роберт не се „устручавал“ да ги сокрие своите емоции. Речиси два пати подолгата тема од воведната „Alone“ е интензивирана на секое ниво. Шестипол-минутниот влез ве кине на парчиња, за конечно гласот на Смит да ве врати во реалноста, соопштувајќи ја „вистината“:
And I’m outside in the dark
Staring at the blood red moon
Remembering the hopes and dreams I had
And all I had to do
And wondering what became of that boy
And the world he called his own
I’m outside in the dark
Wondering how I got so old
Старееме, друже, старееме, и убаво е што си свесен за тоа, што не продаваш басма дека си вечно млад, со разбушавена коса, со зацрвенети усни, со енергија на сцената… Си го сторил она што секој човек треба да го стори – си се соочил со стварноста, каква и да е таа, си и’ погледнал в очи, и на свет си донел уште едно чедо кое нема да биде заборавено. Пријателчето Дејвид Боуви велеше дека дури во подоцнежните години човек станува она што птсекогаш требало да биде, иако ти и понатаму тврдиш:
It’s all gone, it’s all gone
I will lose myself in time
It won’t be long
It’s all gone, it’s all gone, it’s all gone
Меланхолијата е убава за пријатно „возење“, но и самиот знаеш дека овие теми, и сите што си ги создал со колегите, ќе останат како тестамент на времето во кое сме живееле (и умирале). Можеби се чувствуваш осамено на крајот на секоја песна, на тој начин преиспитувајќи го и повикот што си го избрал, да бидеш лидер на популарен бенд со сите работи што тој крст на грбот ги носи со себе, но сепак на крајот зад себе не оставаш „ништо“, туку големо „Нешто“. Уживај во тоа, те молам. Се обложувам дека и Илиќ те слуша од некаде, ги научил и новите песни напамет, ги пее на глас и ти заблагодарува за тоа.
Left alone with nothing at the end of every song
Left alone with nothing at the end of every song
Left alone with nothing
Nothing
Nothing
Nothing
До некој следен крај на светот…