Деновиве од печат ќе излезе второто издание на романот „Три Марии“ (Арс либрис) од Оливера Ќорвезироска, информација која само може да не’ израдува затоа што репринтот на едно книжевно издание не е баш честа појава, особено не на роман објавен во тековната година, само пред неколку месеци. Растргната меѓу промоцијата на изданијата на другите автори што како уредник ги приредува за читателите, како и со организацијата и жирирањето на една нововостановена книжевна награда, авторката скромно ја објави информацијата на својот профил, небаре се работи за секојдневие во кое добрите книги се препечатуваат толку често, што на публиката и’ преостанува да бара уште, и уште, и уште… само добра литература. Сето ова беше доволна провокација да ја препрочитам книгата и да ги споделам впечатоците за ова исклучително дело, кое во меѓувреме се закити и со престижното „Рациново принание“.

Во романот „Три Марии“ на Ќорвезироска доминира бројот „три“. Во три различни поглавја ги следиме животните приказни на трите „наши“ Марии, толку препознатливи, толку одомаќинети, толку блиски. Секоја Марија си има свое поглавје кое љубоморно го чува од она на другата имењачка, бидејќи приказната во тоа поглавје е нејзина и само нејзина. Секоја фабула содржи три глави кои структурно се речиси идентични. Концептуалноста во ракописот на Ќорвезироска е присутна и во другите нејзини дела, но овде доживува врвна обмисленост и луцидност.
Првата глава е онаа експлозивната, на неколку страници, со која авторката им ја фрла јадицата на читателите, после која нема враќање назад. Провокацијата кај првата Марија лежи во оние зачудни, небаре Линчовски бебиња-духови кои ја јадат мајката додека нејзиното тело беспомошно лежи на тротоарот. Каква бизарна сцена, на која веднаш „се фаќате“! Кај втората Марија изненадувањето е во неочекуваниот инфаркт на сопругот, а кај третата во надреалниот сон со вештерката, кој дотичната Марија го крие од другите, тоа е нејзина тајна, и како што вообичаено се случува, кога нешто не споделуваш ниту со најблиските, тоа понатаму се одвива со фатални последици. Во вторите глави, кои вообичаено се најдолги, следи комплетното „разголување“ на „(анти)хероините“ со исто име, за на крајот, повторно во прилично куси и ефектни глави, да следат експлозивните разрешници на приказните кои ни причинувале задоволство додека сме ги читале.
Сепак, трите Марии имаат и заедничка точка. Тоа е станот кој сите тие сакаат да го изнајмат, како бегство од животот во кој дотогаш престојувале, како алтернатива која без разлика дали е добра или лоша, сепак претставува некаква надеж за нов почеток. А таму ги пречекува Славко, кој нешто не се „мириса“ со првата Марија, со втората, пак, има амбивалентен однос, а третата штотуку треба да ја запознае. Во тој скромно наместен стан во Капиштец има една полица на која има десетина примероци од романот „Две Марии“ на Славко Јаневски. Дали газда Славко ја прочитал една од клучните книги на македонскиот класик, или можеби им подарува по еден примерок на сите негови потстанари, е сосема небитно. Овие преклопувања се прекрасни книжевни „игри“ со кои авторката низ романот вешто не’ води, истовремено оставајќи им простор и на читателите да и’ се препуштат на својата фантазија. Затоа книжевноста и понатаму останува прекрасна платформа која се’ уште достојно им парира на останатите уметности на секаков план.

Она што отсекогаш плени кај Ќорвезироска е употребата на јазикот. А зарем може поинаку кај една одлична писателка? Јазикот со кој авторката ги опишува ситуациите на протагонистите, со тие зборови меѓу кои некои од нив се одамна заборавени, а толку живи, наши, како извадени од утробата. Во претходниот роман „Аб’ т“ (Или-Или, 2019), кој исто така доживеа второ издание, писателката направи успешен микс на колоквијалниот и литературниот говор, проширувајќи ги границите на книжевно делување до бескрај, токму онака како што треба. И да, да не го заборавам ненаметливиот хумор кој се провлекува низ целата книга. Многу пати слатко се изнасмеав додека читав. Описот со разроките очи на Јулишка е брилијантен.
Всушност, „Три Марии“ е еден вид сублимат на сета книжевна поетика на Ќорвезироска. Во овој роман ја препознаваме нејзината љубов кон плетењето и шиењето на приказните, како и кон скопските улици овој пат со вистински, а не со сменети имиња. А кога сме веќе кај нив, кај имињата, разиграноста со нив низ ракописот плени со својата имагинација, иако се добива впечаток како само името „Марија“ да е сеприсутно од почетната корица до крајот на книгата. Својствените книжевни бисери ги согледуваме и во останатите постапки на ликовите, спакувани во точно 40 кутии за преселба на сеќавањата од една во друга книга, од една до друга локација, секоја од нив со наменска налепница. Иако навидум празни, тие се скришно полни со литерарни сензации, проследени со препознатливиот мирис на зелениот „Ајакс“ за чистење, наборот на завесата, сарделите во саксиите, како и со црвеното ткаено веленце кое, ни криво ни должно, се спостира врз тротоарот натопен со крв и крем супа од печурки, која првата Марија ја стиска во скутот до крајот од нејзиниот животен пат. Прекрасно зготвени мирудии на едно место, во една книга, во еден роман.

Марија Пребирлиева е вистинска македонка. Таа е претолерантна кон Љупчо. Таа трпи за доброто на сите, но не и за себе. Од каде доаѓа таа сила да се премолчи, толку долго да се чека? Дали тоа можеме да го припишеме на семејната традиција, или сите патишта водат кон нејзината (пот)свесна одлука дека до крајот на животот во однос на љубовта таа ќе биде таква, како конечно да се помирила со себеси на тој план!? Таа трпеливост, а истовремено страстност во сексот, во љубењето, во посакувањето… е главната поента кај нејзиниот карактер, иако насетив дека авторката имала намера тоа да биде и премолчувањето и разврската во односот со таткото.
Ова поглавје содржи феноменални описи на едно типично македонско семејство од 60-те и 70-те, па и 80-те години на минатиот век, со фокус на сложените семејни односи со роднините, пријателите, веселбите, погребите… со еден збор – фолклор! Уверливо напишана сцена е онаа со редењето со пари на младоженецот, која е врзана за најголемата траума на малата Марија, која (можеби) ја детерминира и нејзината подоцнежна љубовна приказна со постариот, женет маж, со кој влегува во тајна врска. А таа атмосфера, пак, како контрапункт на „фолклорната“, во која доминираат средбите на љубовниците во станчето, ме потсети на македонските филмови со урбана тематика на Бранко Гапо и Александар Ѓурчинов, на тоа постземјотресно и незаборавно европско Скопје.

Марија Зара, иако е сосема различна личност од претходничката, најпрвин ја доживеав како Пребирлиева која ја оживеале оние бебиња-духови, притоа присетувајќи се на антологискиот филм „Двојниот живот на Вероника“ на Кшиштоф Кишловски, каде ова е некоја сосема друга Марија, но можеби сепак е истата во некој паралелен свет, каде дури и улиците имаат исти имиња. Овде писателката ја менува фокализацијата и од трето го менува раскажувањето во прво лице, финеса која придонесува првите две Марии сепак да се паметат различно. Но во многу нешта тие се сепак слични. Во пристапот кон љубовта, во криењето на нештата што ги прават, итн.
Во овој средишен дел од романот клучна е раката на љубовта, која на крајот се претвора во палец на љубовта. Ножот крц – и палецот го снемува! Фасцинира таа предодреденост на нештата. Во ова поглавје сепак ми недостасува малку повеќе да се нагласи мајчинското чувство кај Марија кон близнаците. Знаеме дека таа е млада и дека влегувањето во брак и’ се случува инстантно, по смртта на баба и’ и по првото летување со Горјан, таа се’ уште е недозреана и неизживеана, опседната е со допишувањето со Марио, но како раѓањето на децата да не претставува настан за неа, носење на нов живот, превсртница… туку како да сака до крајност да си ја одживее својата задоцнета младост. Тоа, се разбира, и ја оправдува, но сепак, можеби некакви мали сцени на блискост со децата не ќе биле на одмет.

Марија Деспотовска Солев е модерна Пепелашка. Кај неа и со неа навидум се’ е совршено, а всушност однатре е труло и смрди. Таа навидум има се’ што првите две Марии немаат, но Ќорвезироска е мајстор на пишаниот збор и чини прељубата кај првите две кај третата Марија да си има реперкусии, затоа што таа ги живее денешните, модерни времиња, и сиот молк насобран меѓу редовите во првите два дела овде експлодира на сите страни и се разбива од огледалото на парам-парчиња. Инспириран директно од седмата уметност, во овој дел непредвидливите сцени се нижат една по друга како на филмска лента, достигнувајќи вистинско крешендо, и завршуваат во едно финале достојно за заокружување на замислената целина.

После сето ова, останува да се заклучи дека трите Марии на Оливера Ќорвезироска се трите „несудени скопски (по)сестри“ на ликовите на Чехов. Главните протагонистки, како и кај рускиот класик, имаат потреба од промени и конечно надминување на стегите (семејните, брачните, општествените…), како да почнуваат да уживаат во можноста за себе-ослободување, како „заклученото тело на Лу“ од истоимениот роман на авторката (Магор, 2005) да минало низ временски теснец и конечно се чувствува полетно и нестварно, моќно да ги сруши сите бариери, лични и колективни.
Суптилните алузии на романот „Две Марии“ од Славко Јаневски му даваат додатна длабочина на текстот, испреплетувајќи ги доктор Никола и безбројните Марии во дејствие полно со многузначности. И ако главен лик кај Јаневски е хирургот, а двете Марии попатно влијаат врз неговото себе-пронаоѓање, Ќорвезироска во нејзиниот роман оди чекор потаму и од трите Марии создава современи (анти)хероини со сосема поинакви нагони за преживување, во мирнодопски услови, надополнети со интензивните соништа кои ја дообјаснуваат нивната ментална и психолошка состојба. И можеби најважно од се’ – сето тоа таа го прави без (книжевна) помпа и без непотребни -изми со кои се обременети делата на современите автор(к)и, како вистински водич кон квалитетно напишана книжевност која не е сезонска поза, туку литература која остава неизбришливи траги зад себе.
Посакувам уште пар изданија на книгата и уште безброј читатели и преводи, бидејќи навистина го заслужуваат тоа, и Мариите и романот и Писателката, како еден вид неразделиво свето книжевно тројство!

