„Лудиот Макс“ во казахстанските степи

Прекрасниот филм „Тулпан“ е одличен пример како една убава идеја со помош на осум продукциски куќи од пет различни европски држави може да се претвори во успешен проект. Сите почести одат на адресата на авторот Сергеј Дворцевој, кој конечно, по неколку обиди во доку жанрот сликајќи го животот во казахстанските степи („Степа“ (1992) и „Рај“ (1993)) успеа својата внатрешна потреба да ја претвори во особена и автентична приказна и на големиот екран.

Ова е едно од оние остварувања за кои важи ефектната девиза – помалку кажаното значи повеќе. Тоа се отсликува уште во самиот наслов, кој во суштина е името на „фаталната“ девојка зад пердето која воопшто нема да се појави до крајот од филмот. Тулпан е потенцијалната невеста на главниот херој Аса, кој по служењето во руската морнарица се враќа таму кадешто е роден, во степата, со надеж дека ќе живее со својата сестра и внуците, и како и неговиот зет, и тој еден ден ќе стане овчар со свое сопствено стадо со овци. Но, прво ќе мора да се ожени. Е, тука веќе настануваат тешкотиите.

Очекувањата во однос на филмот на непознатиот за нас Дворцевој беа никакви и веројатно ова беше еден од насловите кој повеќето од публиката го скокна на неодамна завршениот фестивал „Браќа Манаки“ во Битола. Но таквото размислување, секако, е сосема погрешно. Можеби Саша Барон Коен, алијас Борат, со својата откачена смисла за хумор со која целосно ја обезвредни казахстанската култура ја постигна посакуваната цел. Токму затоа особено ми е драго што „Тулпан“ го докажа спротивното, пред се’ на план на хуморот, бидејќи овој филм со својот шарм беше единствениот кој успеа да не’ насмее до солзи, иако финтата со големите уши на главниот лик, примарната причина поради која не може да се ожени, на прв поглед изгледа инфантилно.

Хуморот не е единствениот квалитет на оваа драма/комедија. Влијанието на културата од Западот врз Истокот, додека цело време слушаме тема од „Бони М“ која еден од ликовите го води дури до ниво на феминизираност, е поттекст за подлабока опсервација. Исто така, впечатлива е и апокалиптичната сценографија во манирот на „Лудиот Макс“ во која, иако нема многу детали, сепак, доловени се многу нешта, за што најзаслужна е полската кинематограферка Јоланда Дилевска, која ја „лапна“ Сребрената камера 300 од жирито на фестивалот. Затоа крајната констатација неминовно гласи: неизнасилената натуралистичка приказна на Сергеј Дворцевој, претходно наградувана во Кан и Цирих, е триумф на примарните над наметнатите човекови чувства, и вреди да се гледа неколку пати.

@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 28 октомври 2010 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *