Скопје, понеделник, 03 декември 2018
Градот се гуши во сопствените г..на, а сограѓаните се шетаат со заштитни маски ко да сме во Пекинг. Апокалипсата е на хоризонтот, освен ако истата веќе не ја живееме, но сме го преспале моментот. Единствена моментна утеха е гостувањето на името кое отсекогаш предизвикувало внимание на овие простори. Салата е полна, следи уште една, се надевам распродадена вечер, време е за ставање на розевите очила и соочување со болната балканска вистина која мајсторот секогаш ни ја фрла пред очи, без влакна на јазикот, сето тоа низ еден тон смеа и солзи.
Последната моја концертна средба со генијалниот Рамбо Амадеус беше пред 10-12 години во тогашниот клуб „Вега“ во ГТЦ (спроти екс „Словенија спорт“). Маестрото дојде со џез формација и едноставно брилјираше, докажувајќи дека освен хумористично-саркастичниот пристап во своите текстови, тој истовремено е и одличен музичар, доколку некој воопшто и се сомневаше во тоа. Оттогаш тој уште неколку пати гостуваше во Скопје, благодарение на одомаќеноста која му ја овозможува добрата соработка со „Пасворд продукција“ и „Таксират“, но откако за мене го достигна врвот токму таа ноќ во „Вега“, разните мутации на Светскиот мега цар повеќе не ми беа предизвик за гледање. По веќе огромната временска дистанца, и по легендарната изјава во која, парафразирам: нема ние веќе што да бараме на Балканот, бидејќи сакавме демократија во раните 90-ти? гласавме за демократија? Е па, еве ни демократија!, или подобро, клептократија… време беше да се види новото Рамбо шоу спакувано под одличниот наслов „Вечер на гломазна поезија“.
Рамбо, колку и да изгледа тоа шашаво и несериозно, отсекогаш имал добро разработен концепт. Така беше и синоќа, кога предвидените два часа забава тој ги контролираше како добар театарски режисер, ниту еднаш не дозволувајќи нивото да падне под дозволеното. Иако на крајот од претставата Рамбо не’ замоли да не прераскажуваме што се случувало, туку на прашањето „Како било?“ да одговориме „Па, добро, онака“, сепак, малку ќе го разоткриеме. Шоуто беше поделено на три чина. Првиот, според него, и најздодевниот, е „кукачко-плачечкиот дел“, во кој рецитира поезија во која се жали на триста работи кои му/ни се случуваат, во стил на добрата традиција на турбо фолкот, кој им донесе еден куп пари/џипови/базени на нивните претставници. Во вториот, естраден дел, во моменти на инспирација, знаеше да завергла и некоја своја песна со изменет аранжман, а во последниот дел, станат на нозе, не’ забавуваше без предрасуди, достигнувајќи катарза. И сето тоа надополнето со најпознатите музички стандарди како „Г’рл фром Ипанема“, „Бесаме мучо“ и останатите балкански и светски музички бисери (шоуто стартуваше со звуците на „Интернационалата“), на кои Рамбо секогаш одлично се надоврзуваше со својот сатиричен поглед врз современото живеење.
Всушност, синоќешното шоу на Рамбо беше „фри џез“ со сите негови карактеристики. Тој пред себе ги имаше текстовите на една ролна која, како пивнуваше од чашата на масата, му стануваше се’ посложена и позамрсена, па низ една слободна импровизација, потпомогнат од пријателот Панчевац на клавијатури, успеваше да не’ „извози“ низ разните пасажи на балканската крчма, рецитирајќи и поезитирајќи за слоганите во рекламите, за сераторите, за Шварцвалд-клиник и останатите феномени на овие простори, докажувајќи дека само Рамбо Амадеус во една иста поема може да ги спои „Зона сумрака“ и „Зона Замфирова“. Концепт, пријатели, концепт. Па како тогаш да не го сакаш човекот кој, во соработка со Горан Вејвода, го издаде можеби најдобро осмислениот концептуален албум во 90-те години на овие простори, „Микроорганизми“, кога на Балканот се’ уште се водеше безмилосна војна?
На крајот, сигурен сум дека на ваквиот сериозен пристап при пишувањето за ликот и делото на уметникот Антоније Пушиќ истиот тој слатко ќе му се изнасмее, но во тоа е и поентата: уметникот секогаш се преиспитува самиот себе, и влегува во нови фази, притоа останувајќи свој.
Урбано, само урбано 😉