Во последниов период неколку пријатели и познаници се пофалија со прошетката до Кожле, покажувајќи фотки на кои се гледа дека местото е совршено за еднодневен излет надвор од градот. А тоа „надвор од градот“ всушност воопшто и не е далеку: Кожле се наоѓа на четириесетина километри од Скопје, поточно, на шест километри од Катланово, и навистина не претставува никаков напор да се дојде до него. Но, поради неговата очигледна популарност во последно време, кога на една раскрсница застанавме еден автомобил за да прашаме дали да продолжиме нагоре или надолу кон Кожле, возачот ни го покажа патот, но низ заби и со сериозен тон не’ замоли да не паркираме по малите сокачиња, за да не им го заградиме патот на мештаните или викенд-посетителите. Се заблагодаривме, и за кратко бевме на сред-село, секако, внимавајќи каде ќе го оставиме автомобилот.
„Безобразниот број“ на автобусот кој врви до селото наговестува убав, оргазмичен ден. Патот повторно се двои, лево е црквата св. Спас, а нагоре с. Богородица. Ние се упатуваме кон црквата изградена во карпа која се наоѓа зад ридот, каде не’ чека чичко Стојан со неговата легендарна пита. Имено, пред да тргнам, еден пријател ми го даде неговиот број, и ме советуваше да не го пропуштаме тој деликатес. Со Стојан се слушнавме пред да тргнеме, и тој ни даде две опции како да стигнеме до вкусната пита: директно по автопатот кон Велес, да застанеме на местото каде се полни вода, и надолу по скалите ќе стигнеме директно во црквата и конаците пред неа; ние сепак ја избравме втората опција, бидејќи сакавме со пешачење да стигнеме дотаму, што беше и целта на оваа еднодневна екскурзија – мало раздвижување на закржлавените мускули.
На почетокот од едночасовното патешествие го забележавме големиот знак поставен од мештаните, на кој љубезно не’ опоменуваат да си го понесеме ѓубрето со себе. А ние сме баш од оние кои не само нашето, туку ако попат видиме уште нешто, особено пластични шишиња, ги собираме со нас и ги фрламе на соодветно место, во контејнерите.
Мирисот на јоргованите кои ги красат дворовите на куќите ме потсетува на детството. По нивното одминување, наидуваме на првиот поглед во далечина кој остава без здив. Снегот на највисокиот врв отспротива потсетува дека сепак е само почеток на мај, најубавиот месец во годината, а авионите кои слетуваат на аеродромот во Петровец даваат надеж дека светот сепак полека, но сигурно се рестартира по пандемијата.
По педесетина минути рекреативно искачување, го освоивме врвот и од горе го здогледавме висечкиот мост над Вардар, кој води од другата страна на реката, и по скалите нагоре до паркингот од опцијата број 1 на чичко Стојан. Се спуштивме долу и влеговме во дворот на малата црква, која мудрите монаси пред многу векови ја издлабиле во карпата.
Љубезната жена не’ замоли да не фотографираме внатре, бидејќи е забрането. Она што го запаметивме од нејзините приказни е спецификата на нацртаниот череп под крстот на иконостасот во црквата св. Мала Богородица. Такво нешто, според информациите, постои само во уште две или три цркви, а неговата намена била предупредувачка во однос на неверниците или престапниците во дамнешните времиња. Интересно, над црквата има пештера, од/во која постојано излегуваа и влегуваа лилјаци, што не’ потсети да не ги вадиме маските во присуство на други посетители.
Конечно, време е за ри-фреш. Стојан и неговата, претпоставуваме, сопруга, ја имаа подготвено трпезата за нас, а во дворот веќе беа зафатени неколку маси од другите посетители, кои исто така уживаа во домашната пита. Ние се одлучивме за онаа со сирење, а во понудата беа и питите со праз и блитва. Но помладата генерација не го сака тоа. За зголемување на впечатокот, добивме и биено сирење. Прсти излижавме 🙂
Откако собравме сили, го продолжуваме патот кон крајната цел, вливот на реката Пчиња во Вардар. Но, прво не го пропуштивме задоволството да го „пробаме“ висечкиот мост во близина, наречен „Стојанов мост“ (да, да, погодувате зошто 🙂 ) на кој може да поминуваат максимум три луѓе одеднаш, иако знаевме дека и на составот на двете реки има уште еден, уште постар и поатрактивен мост од овој. Впечатокот се удвои откако видовме дека тој ден, на тоа место, во истиот час, со своето семејство е дојден и Матеј од серијата „Зоки Поки“, која со малиот мој ја обожуваме. Тој прв го проба мостот, како вистински нинџа!
По дозираната „Индијана Џонс“ авантура, продолжуваме по патчето покрај бистрата и тивка Пчиња. Една шарена прекрасна змија за момент ни го пресече патот пред да стигнеме под првиот мост на автопатот. Пределот е восхитувачки, поминуваме низ ниска шума од зимзелени и листопадни дрвја. Тишината заведува до бескрај.
По половина час стигнуваме на една полјана, на која пасат неколку крави. Во близина има и бачило. Звукот се засилува, што значи дека сме блиску и до подивиот и побучен Вардар.
И да, очекувано, рибарски таканаречениот „састав“ на двете реки е прекрасен. Мирната и прозрачна Пчиња се влева во валканиот и брановиден Вардар, создавајќи поглед кој не ве остава рамнодушни. Навистина убаво!
Недалеку оттука, на стотина метри, се наоѓа и т.н. „Карабунишки мост“ изграден од мештаните, кој води, секако, кон селото Карабуниште. Интересно, дел од конструкцијата е направена од стари железнички шини, кои ги имаше и покрај Пчиња на пар места, а со една таква шина на која пишуваше „Диосѓер 1918“ (очигледно унгарска направија) беше потпрен и балконот во црквата св. Мала Богородица. Овој мост дури изгледа и постабилно и поцврсто од претходниот, и навистина беше задоволство да се прооди по него, додека одоздола татнеше матниот Вардар.
Но, возбудувањата не застанаа тука. Отспротива здогледав семафор. Си велам, мора да има пруга. Баш сум интелигентен 😉 Во право бев, од другата страна на мостот е послана пругата кон Велес. Отидовме таму да штракнеме некоја фотка, и гледај чудо – по неполна минута се појави воз. Од оние, новите. Лудило! Немаме баш секој ден можност во Македонија да видиме воз одблизу. И, кога коцките ќе се наредат, наредени се до крај. Композицијата застана на семафорот, кој во тој момент светна црвено. Точно пред нашиот нос. Хаос!
Си мавнавме со машиновозачот, сликнавме неколку фотки, а откако замина и свирна отпоздравувајќи не’, се потсетивме на детството одејќи по загреаните шини.
Преку мостот се враќаме на големата полјана која е како создадена за голем летен музички фестивал на отворено, или пак за снимање на некоја убава филмска сцена. Осаменото дрво е совршено за фотографирање, додека на мостот пред Велес во далечинаta шибаат автомобили во празничен занес.
Местото е толку инспиративно, што успеав да направам и фото-реминисценција на славниот албум ATOM HEART MOTHER на Пинк Флојд.
Сонцето веќе одамна ја имаше фатено надолната линија на движење, и веќе беше време за враќање назад. Пред повторното благо искачување кон Кожле, љубопитно ја испитуваме кравјата лепешка на тревата, исушена од сонцето.
Силите ни се при крај, но насмевката и задоволството од убаво поминатиот ден се бесценети.
Пред тргнување, ги полниме шишињата со свежа вода од чешмата на сред-село, каде забележавме вистински „артефакт“, една чаша од тенеќе која датира којзнае од кога, како и еден современ реликт, кошот на кој гордо беше напишано „НБА“.
Се’ на се’, овој идеален еднодневен излет топло го преорачувам поради многуте причини наведени претходно во текстот. По едногодишната затвореност, мислам дека вреди и како телесно и како духовно прочистување, како доказ дека Македонија има прекрасни места, доколку само посакате да ги откриете.