„Розе кадилак“ во „Нова машина“

На 01 мај 1991 година, „Стотројка“ почна да зрачи во етерот над Скопје. За нејзиното несомнено големо значење и влијание се кажани многу работи. Потребата од ваков медиум и понатаму е насушна, меѓутоа, проблемот со губењето на фреквенцијата на ФМ скалата продолжува да се провлекува низ политичките лавиринти без волја за крајно решение. Меѓутоа, сметам дека кога (ако?) ќе се реши тој проблем, во „Стотројка“ треба додатно да се вложи (бадијала ако се врати фреквенцијата кога техничките услови се застарени, да не речам мизерни!?), а потоа да се мисли и на квалитетно екипирање со соодветно уредништво (без удирање в гради и работа на стара слава), за збогатување на програмската понуда со нови дечки и девојки кои имаат што да кажат и кои ќе бидат новиот импулс во етерот. Со таква стратегија, истиот експресно може да биде освоен, со оглед на тоа што во моментов не се нуди ништо квалитетно на ФМ скалата, а младите генерации се препуштени сами на себе. Сето останато е само конструктивен романтизам кон некои дамнешни убави времиња, кога „Стотројка“ во вистинска смисла на зборот беше „Државен непријател број 1“, нудејќи програмска разновидност која поттикнуваше на размислување и делување.

По повод 30-годишниот јубилеј, кој се надевам дека е само дел од процесот на преструктуирање и вовед во нови, поинакви, посветли времиња за медиумот, го прикачувам прилогот емитуван во музичкиот магазин „Нова машина“ на ТВ Сител во далечната 1999 година, со што го продолжувам она што минатиот викенд го започнав со прилогот за „Суперхикс“. Од многуте квалитетни емисии на „Канал 103“, изборот падна на „Розе кадилак“ затоа што (беш)е најрелевантната музичка топ листа со години на домашните радио фреквенции, тогаш со Шурбе и ВиЏи (го замени Фрешко) како домаќини, и Пикисипи (САФ) како гостин во тоа издание на емисијата. Video kill the radio star!? За многу години 😉

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *