„Крајот“ од Атила Бартиш

Ова е приказна за еден фотограф, кој… Не: приказна за еден маж, кој… Не: приказна за една љубов, која… Или приказна за повеќе љубови кои меѓусебно… Или приказна за една држава која… Ех, да оставиме. Овој роман ни дава сè што може да ни даде еден роман: вистина, искреност, атмосфера, фабула… Сеедно дали читателот ќе го смета Андраш Сабад за манијак, или пак смртно ќе се вљуби во него, секако ќе почувствува дека само така вреди да се живее, како него: со таков оган. Атила Бартиш, еден од наинтригантните унгарски писатели на денешницата, е роден во 1968 година во Романија во семејство на унгарското малцинство. Неговиот татко, новинар, е во немилост на режимот на Чаушеску, па семејството се сели во Будимпешта. А. Бартиш таму работи како успешен фотограф, но 1995 година со романот „Прошетка“ го најавува својот исклучителен книжевен талент, а критиката го споредува со Кафка и Ками.  За романот „Спокој“, објавен 2001 година ги добил наградите Тибор Дери и Шандор Мараи. Според романот, Роберт Алфелди во 2008 година го сними истоимениот филм.

Останатите негови дела, кои се преведени на повеќе јазици, се: „Синкава магла“ (збирка раскази, 1998), „Апокрифите на Лазар“ (есеи, 2005), „Тишината, така“ (фотодневник, 2010), „За она за што може“ (со Иштван Кемењ, разговори за книжевност и фотографија, 2010), „Четиринаесет новели“ (2010), „Крајот“ (роман, 2015), „Опишување на светот“ (фотографии, Иштван Кемењ, текст, 2016).

Press release

Почитувани, eден од најпознатите унгарски современи писатели Атила Бартиш во петок (25.08) гостува во Скопје на промоција на неговиот најнов роман ‎ „Крајот“ во издание на ИЛИ-ИЛИ.‎ Романот е приказна во којашто се испреплетени политиката, историјата, љубовта, стравот, амбициите, успесите и падовите на поединецот, но и на целото општество, процеси што во државите од овој дел на Европа одат рака под рака. Токму фокусот на границите на човековите потенцијали диктирани од авторитарните режими е застапен низ целата приказна, приказна во којашто ќе се пронајде секој роден на овие простори во периодот од Втората светска војна, па до денеска. Промоцијата е во рамките на програмата „Креативна Европа“ на ЕУ, а ќе се одржи во кафулето “Ла Кања” во Старата скопска чаршија со почеток од 21 часот. Преводот од унгарски е на Златко Панзов, а јазичната редакција на Анамарија Цинеге–Панзова. Промотор на романот е Катарина Синадиновска.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *