Кон коцертното претставување на новиот албум на Сашко Костов, 20.04.2019, МКЦ, Денсинг сала
Во единствената вечер во последниов месец кога можеше барем малку да се здивне од ветувањата на кандидатите во претседателската кампања на ова измачено и исполитизирано парче земја, посетата на Денсинг салата во МКЦ беше одличен избор. Таму ултра талентираниот Велешанец Сашко Костов и пријателите го промовираа неговиот најнов албум насловен „Крик и прашина“, издаден на почетокот од годинава со сопствени сили. Со симпатична слика од Ангел Коруновски на насловната, музиката и аранжманите на ова ЦД во целост ги потпишува Сашко Костов, овој пат текстуално потпомогнат од Ана Стојаноска, со што таа женска страна од неговата личност со која музичарот постојано кокетира конечно си добива и свое име и презиме. Двоецот ни подарува провокативни текстови чии пораки го отсликуваат времето во кое живееме и желбата истото да го надминеме, да го надраснеме и да полетаме понатаму, во една друга стварност во која ќе ги реализираме своите креативни идеи и потреби. Интересно, повеќето од текстовите се на македонски јазик, па и самиот Костов во текот на концертот гордо ќе контстаира: „Луѓе, македонски добро звучи, нели“. Со тоа градот на гемиџиите си доби свој модерен Рацин со глобален шмек.
Надополнет со уште неколку гости на одредени теми (Принц, Окац, Шамба, Мишко…), снимен во студиото Two points, а финализиран во „Тра ла ла“ на Мите Димоски, овој албум е конечен одраз на зрелиот Костов, потенцијал кој несомнено одамна го поседува, но веројатно му требаше време за конечно да го реализира онака како што сака, по свој терк. Ова издание доби одлична рецензија на еден хрватски портал, и сметам дека она што сакал да го каже рецензентот за албумот во однос на неговата еклектичност и разните музички фузии е фантастично доловено, па нема потреба од повторување на материјалот, туку прочитајте си тука, се’ е кажано 😉 (http://www.terapija.net/mjuzik.asp?ID=29091&fbclid=IwAR0OQ_OxtcjaQYb3VSsnCnvAfUbErrYdW40EJV63rTMq9GIUQwqHjS40J-Q).
За жал, не се сеќавам на точната година кога Сашко влезе речиси ненајавен во македонската музичка орбита. Одеднаш неговиот автентичен пристап миксајќи различни музички жанрови звучеше толку свежо и иновативно, што ги изненади сите слушатели на „Стотројка“, каде вообичаено се вртеа неколку негови теми. И таму некаде пред 10-12 години, излезе неговото и-пи „Вертиго“ на кое само со три теми го потврди својот талент. По него следеше и албумот „I’m losing my mind“ чија насловна тема е вистински разбивач на сите илузии, и Костов веќе беше зрел музиката која ни ја презентира да ја вообличи во сугестивен сценски настап, бидејќи ги имаше сите предиспозиции за тоа. Експлозијата следеше на еден од првите фестивали на „Пи-ем-џи“ во „Хавана“ на Нова железничка станица, каде потпомогнат од заводливиот пратечки вокал на Марија Каева и од посебната состојба на свеста, тој го покажа сиот свој артизам на сцената, на задоволство на сите присутни, бидејќи останатите изведувачи не беа баш на нивото на задачата. Таа вечер Сашко Костов блесна во сиот свој сјај, и колку тоа на моменти да изгледаше хаотично, многу наликуваше на нескротливиот талент од првата фаза на Дејвид Боуви. Да, ова е нашиот, македонски Боуви, беше констатацијата на многумина. И публиката бараше уште, и уште… но Сашко се загуби некаде во бекстејџот.
По ваквиот настап следеше спуштање на топката и интересен потег, акустична варијанта на неговата музика во студиото на македонското радио, онаму кадешто свои легендарни настапи, меѓу другите, остварија и Архангел со „Двојката“ и ЕКВ со „Дум дум“, на почетокот од 90-те. Во таа констелација Сашко го покажа својот мултиталент во поинакво, акустично светло, оставајќи ни со нетрпение да го очекуваме неговиот следен проект, се’ до 2012 година. Тогаш тој и неговата музичка екипа наречена The waiting waits не’ почестија со албумот Silent in the crowd, чиј звук беше нешто ново, експериментирање со некои нови форми и звуци, но генерално, според мене, големо разочарување. ‘Тишината во толпата’ може да биде силен момент за себеидентификација, но овој пат Костов застранува од патеката која претходно ја зацрта со силниот звук надополнет со сјаен перформанс во живо, што за ова музичко остварување воопшто не беше изведливо. Во меѓувреме тој е дел од многу домашни музички постави (Мугер фугер, Ласт експедишн…), има една интересна посета на Јужна Кореја каде на удирачки инструменти настапува во тамошниот театар, и секако, станува дел од Велешкиот театар каде создава музика за нивните претстави.
И конечно, се враќаме на актуелниот момент, концертното претставување на најновиот албум „Крик и прашина“ во саботата во МКЦ, како еден вид Супернова, чии честички прашина се’ уште го облетуваат објектот покрај Вардар. Едноставно, Сашко експлодираше во вистинска смисла на зборот, и направи СВЕТСКИ концерт. Посетата, секако, беше во границите на нормалата (300-400 луѓе?), но тоа не е важно, важно е што ми се чини дека сите уживаа во она што го видоа и доживеаја. Костов во темите од својот нов албум е продукциски прецизен и перфекционист. Истата поставеност на нештата се обиде да ја направи и во првиот дел од коцертот, кога како под конец ги отсвире првите четири теми од албумот (Прашина, Ништо посилно, Living, Еве ти сон), строго држејќ ја гитарата во рацете и одвреме-навреме трескајќи со стикот по инструментчето пред него, подигајќи ја атмосферата. Пресвртниот момент беше излегувањето на сцената на единствениот гостин вечерта, Александар Ристовски Принц, кој во темата „Еј еј“ свиреше на гитара, а Сашко конечно се ослободи од инструментите, го грабна микрофонот и влезе во „филм“. Неговата фигура и движењата потсетија на оној Костов од пред една декада, кога артизмот беше на пиедесталот, а перформансот врвен. Овој пат отиде чекор понатаму, бидејќи музичарот има одличен материјал. Во текот на концертот следат и останатите теми од албумот, „Неонски хаос“, „Здив“ и „Последна“, но во меѓувреме Костов со воиграната екипа од прекрасни млади музичари на сцената не’ потсетија и на неговите претходни проблесоци, меѓу кои вечерта кулминираше со жестоката изведба на темата „I’m losing my mind“. Сашко е на подот, Сашко вреска во микрофонот, Сашко го губи умот… па тоа бе Костов, тоа ти треба, тоа ни треба, не го чувај талентот во себе, извади го и сподели го со оние што дошле да ја поминат оваа скопска вечер со тебе заедно. Можам само да замислам како би било доколку во бендот има уште неколку луцидни личности, ми се чини дека тогаш настапот на сцената би бил комплетен, луд, незаборавен, таа размена на енергија која би се случила, која би била взаемна, нешто како Ник Кејв и неговата банда која и на овие години брилјира на сцената. И така, во моментите на креативен набој, зрелиот Костов сосема го неутрализира оној млад и неискусен Костов од почетокот на новиот милениум, кој веднаш сфати дека таквиот вид на фестивалски настапи не е за него, иако песната и не му е баш лоша (https://www.youtube.com/watch?v=QZo5X-V4UFY ).
Луѓе, доколку не бевте во МКЦ, навистина ми е жал, пропуштивте фантастичен коцерт, а доколку бевте, знам што доживеавте. Ми се чини дека Сашко мора да размисли и да го прошири своето делување и надвор од овие загушливи балкански кафези, затоа што го има тоа во него, оној момент кој на времето Пинк флојд, иако во сосема друга конотација, го насловија Shine on you crazy diamond. Само напред дечко, затоа што „нема ништо подобро од тоа да веруваш“ 😉
(Текстот е објавен и во kritika.mk)