Дали е добро воопшто да не се лаже, или понекогаш, кога за тоа налагаат околностите, да се пласираат т.н. „бели лаги“, особено кога се работи за деликатна ситуација во која може да се растурат долгогодишни пријателства и брачни заедници? Ова е основата на текстот „Лагата“ на Флоријан Зелер, кој во Македонскиот народен театар одлично функцинира на сцената благодарение на двојниот актерски тандем Јордан Симонов-Габриела Петрушевска и Оливер Митковски-Драгана Левенска.
Сите ние сме биле во ситуација опишана во претходниот пасус, и сите во животот сме се нашле во состојба кога навистина треба да ја затвориш устата пред фактите. Но кога се работи за емоции, работата станува деликатна. Режисерот Бесфорт Идризи на сцената го поставува интелигентниот драматуршки текст на наградуваниот француски драматург, сценарист и режисер Флоријан Зелер, кој користејќи го потенцијлот на испреплетени односи во рамките на една пријателска микро-средина, создава драма преполна со набој, насмевки и тага.
„Лагата е текст што говори за тоа колку можеме да бидеме искрени особено во интимните односи, односно кога, колку и дали воопшто е дозволено да се лаже. Иако при прв контакт со текстот, може да се добие впечаток дека негова главна тема е брачниот однос или неверството, сепак, како што и самиот наслов навестува, всушност, тоа со што се занимава текстот, а воедно и нашата претстава, е лагата како феномен.
Флоријан Зелер во „Лагата“ иако е сконцентриран во брачните односи, успева да ни понуди една широка палета на концепти, сфаќања и практики на лажењето. Ставајќи го брачниот пар во размери на микрокосмос и согледувајќи ги сите причинско- последични состојби што произлегуваат од лагите во кои се обвиткани и продолжуваат да се завиваат ликовите, лесно можеме да си ги претставиме аналогиите што произлегуваат, а се однесуваат на општеството како макрокосмос“.
„Доколку самата лага стане општествено прифатлива норма, тогаш паѓа општото ниво на вистинитост; тогаш луѓето се поттикнуваат да лажат; на луѓето им станува потешко да си веруваат едни на други, а истото се случува и во однос на институциите; ослабува социјалната кохезија; никој никому не му верува и на крај општеството пропаѓа“, пишува во каталогот за претставата, и добро е што фокусот е ставен токму на насловот на овој текст, бидејќи пред да одам во театар да ја гледам оваа претстава, проработија предрасудите и бев сигурен дека ќе гледам уште една типична „МНТ комедија“ за брачните односи. Но, на крајот пријатно се изненадив. Да, во ткивото на овој интелигентен текст чучи потенцијалот на комичното во сиот свој сјај, но истиот благовремено е скротен, нудејќи ни продлабочена мисла за современието во кое живееме и за човечката искреност која како да ја заборавивме.