О хепи деј

Излегувам утрово од дома кон работа, најавија дека ќе има сонце, но повторно е тмурно, стушено, но ајде, си велам, се надевам дека од утре пролетните дождови ќе бидат зад нас, треба да се издржи ова сивило уште денес, па тргнувам да собирам позитивни вибрации од она што ме опкружува во околината.

Првата сцена на која наидувам е многу симпатична. Сосетката го пуштила кучето, а ова ни две-ни три го душка задникот на една сродна графити душа. Се згазивме од смеење.

Преминувам преку улица, а таму една госпоѓа веќе на големо влегла во денот, суптилно делејќи им љубов на сите.

Стигнувам до мојот паркиран автомобил, а на брисачите оставена порака. Од комшијата што живее над мене. „Извини брат, у брзање малку те пољубив отпозади. Јави ми се, ќе ја опраиме“. „Кај ме пољубил?“, се прашувам. Тогаш ми текнува дека треба да видам што се случило позади автомобилот. Се сеќавам, вчера се паркирав до него. Па да, ме стиснал кога одел рикверц.

Но, оттисокот толку наликува на бакнеж, не оној на Климт, но бакнеж си е бакнеж, што решив да му простам поради неговите ненамерни уметнички афинитети. Ајде, еднаш се живее 😉

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *