Неодамна како подарок за роденден добив машина за пишување, иста онаква на која ги пишував своите први прозни обиди. Стариот ми ја носеше од работа за време на викендот, и така добивав прекрасна „играчка“ со која од својата детска фантазија создавав нови светови. Исто така неодамна, посетив еден индустриски музеј во Германија каде дел од поставката содржеше и стари машини за пишување, кои беа вистински празник за очите. Овие среќни околности ги споив во текст посветен токму на тие „чуда“ на кои беа напишани еден куп значајни книги во минатиот век, текст кој, ете уште едно чудо, се случи да биде јубилејната, илјадита (и со бројка: 1000!) содржина на „Херој на еден ден“. Време е за мало славјe, но претходно, читнете го текстот за убавиците кои го обележаа 20 век 😉
Особено ми е драго што за подарок добив исто онаква машина за пишување каква што фигурира на корицата на мојот претходен роман „Шрапнел“, каде и се споменува анегдотата со Стариот. „Унис“ беше една од најуспешните фабрики во поранешна Југославија чија специјализација беше токму производството на машини за пишување. Но, пред да одиме со тој локален историјат, кој услужуваше и усреќуваше околу 22 милиони жители, накратко ќе претрчаме низ светскиот историјат на машините за пишување, секако, тесно поврзан и со ширењето на просветителството и писменоста меѓу луѓето.
Со векови и векови наназад, низ историјата на човештвото особено биле ценети луѓето кои ја поседувале вештината на убаво пишување. Но човекот отсекогаш сонувал за побрзо и почитливо пишување на записите, писмата и книгите. Револуционерната машина за печатење на Гутенберг од средината на 15 век беше зачеток на крајната реализација на таа идеја, на која паралелно работеле многу изумители. Се смета дека Англичанецот Вилијам Пети во 1674 година е првиот кој јасно ги формурирал функциите на машината за пишување, додека неговиот земјак Хенри Мил прв го понудил идејниот проект. Дури во 1820 година, Американецот Вилијам Барт изумил машина за која е зачувана документацијата, но на неа не се пишувало којзнае колку побргу отколку со рака. Австриецот Петер Митерхоф изумил дури пет различни модели, додека еден дански свештеник, директор на дом за глувонеми лица измислил „топка која пишува“, со педесет букви и бројки, и со нејзино вртење останувале отпечатоци врз хартијата. Забележано е дека ја користел Фридрих Ниче кога поради последиците од прогресивниот сифилис почнал да ослепува.
Конечно, со индустријализацијата, се наметнала потребата од поефикасно средување на документацијата, и оп – на пазарот се појавува „THE машината за пишување“. Уште една револуција! Имено, производителот на машини за шиење и ловечки пушки „Ремингтон“ во 1868 година за 12 илјади долари го купува патентот на Шолос, Гилден и Соул, и ја произведува првата машина за широка употреба. Пет години подоцна, по усовршувањето на патентот, започнало и нејзиното индустриско производство.
Американската економија отсекогаш се базирала на конкуренција, и набргу потоа „Ремингтон“ добива ривал во „Андервуд“, кој ја произвел најкомерцијалната машина за пишување, која ја сакале сите и која навистина изгледала истовремено и елегантно и моќно.
И одеднаш се појавила потребата за брзо пишување на новиот изум кој буквално го трансформирал секојдневието. Уште од почетокот се велело дека ова е добра работа за жените, а иноваторите Шолос и Гилден изјавиле дека им е драго што отсега жените ќе можат да работат полесна работа за да заработат за живот, со што ќе ја развијат својата кариера и полесно ќе влезат во деловниот свет. Затоа на рекламите од тоа време претежно фигурираат жени кои пишуваат на машините, а зад нив елегантен маж кој го диктира текстот.
Европјаните во производството на машините за пишување се приклучуваат дури на почетокот од 20 век. Најдобро на пазарот котирале германската фабрика „Мерцедес“ (не е онаа за автомобили) со моделот „Олимпија“, и италијанската „Оливети“ со истоимениот елегантен модел за пишување, на кој газдата Оливети не ни знаел да чука. Но токму тој бил еден од „виновниците“ за производство на една од најпопуларните машини за пишување меѓу уметниците, „Летера 22“, која денес е гордо изложена во њујоршкиот МоМА. Познато е дека меѓу фановите на овој модел биле Боб Дилан, Леонард Коен и Силвија Плат. Инаку, меѓу првите кој користел машина за пишување бил Марк Твен. Хенри Џејмс ја обожавал „Ремингтонката“, а Џек Керуак на неа исчукал 36 метри долг ракопис бидејќи, едноставно, имал потреба да пишува без престан.
За „златно доба“ се сметаат педесеттите години, кога производителот „Смит-Корона“ во 1953 година продал преку 12 милиони примероци. И така, ако претрчаме пар децении нанапред, доаѓаме до Стив Вознијак, кој посака истовремено да го гледа она што го запишува, и оп – добредојде за компјутерот! Машината за пишување, секако, опстојуваше уште долги години, не беше веднаш исфрлена од употреба и издржа до 2011 година, кога светските медиуми ја пренесоа веста за нејзината „смрт“. Имено, на 28 април во Бомбај престана со работа погонот во фабриката „Годреј и момчињата“, последниот во светот за производство на машини за пишување. Со тоа таа и официјално замина во историјата. Но, доказ дека машината за пишување се’ уште може да предизвика неизмерна радост е токму подарокот за мојот роденден. Да живее „Унис“!!!
Да, да, освен машината која ја добив на подарок, која е со латинични букви, постоеја и кирилични варијанти. А приказната вели вака: со одлука на работничкиот совет на УНИС Сараево од 12 март 1971-та, од 28 јуни 1972 година почнува да функционира ООУР Фабриката за машини Бугојно, која е изградена за 16 месеци на основа на меѓународниот договор за техничка соработка со германската „Олимпија“. За неполни две години таа го достигнала светското ниво на производство на канцелариски средства, по што го преземала производството на машините за пишување од фабриката „Славко Родиќ“, вклучувајќи ја и популарната „Бисер“.
Машината за пишување „Олимпија“ се произведувала во варијанти „Травелер“, „Нормал“ и „Де лукс“ во пет бои: црвена, сина, портокалова, бела и зелена. Тие бргу го освојуваат југословенскиот пазар, и веќе до 1980 година производството надминува 500 илјади машини, вклучувајќи ги и регистер-касите за трговија и угостителство како паралелно производство, најголем дел од нив за извоз во Европа, Азија и Африка. Со тоа, Бугојно станува четврти град според стапката на развој во поранешната држава. Лудило!
И пред крајот на овој текст, конечно, простор за посетата на Музејот на индустријата во Кемниц во септември, еден од инспираторите за овој текст. Сместен во стара фабрика за производство на разно-разни нешта, овој прекрасен музеј на посетителот му нуди да го погледне константниот развој на јужната покраина Саксонија од 19 век наваму, и секако, нејзиниот придонес во развојот и еманципацијата на човештвото.
Покрај возилата, велосипедите, возовите и разните машини за нивно производство, еден дел од поставката содржи и стари машини за пишување, кои се произведувале во фабриките токму во овој дел од Германија. Следат неколку модели во кои уживав во живо, и приказната поврзана со нив, секако, прикажани хронолошки.
Машината за пишување, во сите нејзини варијации, на почетокот од 20 век ги освои канцелариските простори, а подоцна и приватните домови. Престижните саксонски компании добро заработија со продажбата на машините за пишување: од „Идеал“, произведен во 1900 година, до „Ерика“, добро познатиот модел од времето на ГДР.
Оваа машина од 1939 година го намалува звучното „загадување“ во канцелариите. Механизмот за враќање работи речиси бесшумно. Плочата е направена од тврда гума, а јадрото од материјал што го придушува звукот при притискање на тастатурата.
За крај, како мала дигресија, ја претставувам и Телекс машината изложена во музејот, поради тоа што нејзин составен дел е делот за пишување, поврзан со телефонската линија и лентата на која се испишувала пратената порака. Таа одиграла значајна функција за време на Студената војна. Двете суперсили го користеле овој медиум како „жешка линија“ помеѓу Москва и Вашингтон по кубанската ракетна криза во 1962 година, која го донела светот на работ од нуклеарна катастрофа. VEB Geratewerk од Карл-Маркс-Штад била единствената фабрика од саксонскиот регион која ги произведувала овие машини. Но сепак, ова е некоја сосема друга приказна.
Враќајќи се на основата на овој текст, останува уште да го чуеме оној антологиски звук кој се слуша додека се чука на машината, кој долго по работата останува во умот, каде книгата продолжува да се развива. Еве го тој привлечен звук во изведба на едни млади, спори, но достоинствени и љубопитни прсти 😉