Едно лето со Рембо

Денес од печат излегува нова книга од ИЛИ-ИЛИ, насловена „Едно лето со Рембо“ од авторот Силвен Тесон. Се работи за петтата книга во едицијата „Виртус“, со што издавачката куќа ја продолжува тенденцијата барем еднаш годишно да ја израдува македонската читателска публика со дело од прекрасниот серијал „Едно лето со…“. Преводот од француски на македонски јазик е на Валентина Новачева.

„Едно лето со Рембо“ е патепис за животната и творечката таректорија на еnfant terrible – поетот Артур Рембо. На тој пат, Силвен Тесон – и самиот вечен патник – ќе се обиде да го лоцира авторот како авангарда пред авангардата и да даде одговор на прашањето зошто неговата контроверзност провоцира и 150 години подоцна.

Во времето кога светот беше парализиран од кинескиот вирус, Силвен Тесон „побегна“ истражувајќи го животот и делото на Рембо. Од тоа бегство произлезе оваа длабока (и објективна) анализа на појавата на францускиот автор како предвремена комета на литературното небо. Можеби Тесон успеа да го врами фундаменталното прашање: што е тоа што го прави Рембо толку историски важен книжевен феномен? И, кои индивидуални и колективни околности ја овозможија појавата на тој феномен?   

Силвен Тесон е француски писател и патник-авантурист, роден на 26 април 1972 година во Париз. Бил дел од голем број необични патувања и експедиции кои се основа за неговите книги. Помеѓу неговите најуспешни дела се „Во сибирските шуми“ (Dans les forêts de Sibérie), за проект да се живее шест месеци сам во селска куќичка во Сибир, и „Уметноста на трпението“ (L’art de patience) за потрагата по снежните леопарди на Тибет. За таа книга ја добил наградата „Ренодо“ (Prix Renaudot). По образование е географ, но има и диплома по геополитика.  

Ноќта помеѓу 21-ви и 22-ри август 2014 година, Тесон паднал од покривот на планинската куќа во Шамони при што се здобил со 4 фрактури на черепот и завршил во кома од којашто се разбудил со парализа на десната страна на лицето. По несреќата се одлучува да ја помине Франција пеш, што подоцна ќе е темата на неговата филмувана книга „По непознатите патеки“ (Sur les chemins noir).

Тесон има напишано и две дела произлезени од радио-програмата од серијалот „Едно лето со…“. Ги напишал „Едно лето со Хомер“ (2017) и „Едно лето со Рембо“ (2020) 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *