Како “кец на десетка” ми дојде можноста на сребрениот екран да го гледам актуелното остварување на Иво Трајков, “Медена ноќ”, на фестивалот “Браќа Манаки” во Битола, откако пролетта, кога се случи неговата премиера во отворањето на Скопскиот филмски фестивал, не бев во можност тоа да го сторам. Два македонски нови филмови (по премирата на “Лазар”) за само два дена, и тоа не било какви, туку две квалитетни домашни остварувања – полна капа!
Трајков е познат по тоа што во секој нареден филм сака да третира поинакви теми, па дури и помалку или повеќе успешно да експериментира со самиот филмски јазик (се сеќавате на “Филм”, “Проектот Берлин”). Овојпат тој ја адаптираше новелата “Уво” на чешкиот писател Јан Прохаска, и сосема ја прилагоди на случувањата на актуелната македонска политичка сцена, каде веројатно по гледањето на филмот и многумина ќе се препознаат во матриксот, што е еден вид одење по жица на авторот на овој филм, секако, доколку истите имаат потенцијал да го фатат моментот. Жанровски филмот е класична камерна драма (иако слоганот на филмот е “Бракот е политички трилер”), во која двајцата главни протагонисти, заменик министерот и неговата жена, преку паранојата дека се прислушувани во нивниот дом, на виделина го исфрлаат сиот валкан веш од нивното десетгодишно заедничко живеење. Токму клаустрофобичноста на просторот до израз ги доведува актерските остварувања на Никола Ристановски, чиј филмски перформанс од “Буре Барут” наваму оди во одлична нагорна линија, и на Верица Недевска Трајкова, која пак како одминува филмското дејствие, ја поправа својата изведба. Режисерот Трајков сосема минимално и суптилно прави интервенции во филмот (флешбековите се во црно-бело, а и звучните излети на моменти се прилично хумористични, и покрај сериозната тема), и токму затоа вниманието на гледачот постојано е во состојба на будност и ловење на одредени сочни детали.
И на крај, една мала генерализација. Имено, со “Медена ноќ” продолжува тенденцијата во домашната кинематографија во последниве години да се снимаат камерни филмови чиј буџет и во европски рамки не е голем (“Соба со пијано” на Игор Иванов, “Балканот не е мртов” на Александар Поповски, но и престојниот “Три дена во септември” на Даријан Пејовски), како еден вид неформална стратегија во држави како нашата да се снимаат остварувања кои раскажуваат мали приказни, но на крајот ја постигнуваат својата сакана цел – глеаност во домашните кина и презентација на странските фестивали. Стоп за историските спектакли!!! 🙂
(Текстот е објавен во книгата „Филмски град“)