Филмаџијата Трајков е познат по тоа што во секој нареден филм сака да третира поинакви теми, па дури и помалку или повеќе успешно да експериментира со самиот филмски јазик (се сеќаваме на “Филм”, “Проектот Берлин”…). По адаптацијата на романот „Големата вода“ на Живко Чинго, овој пат тој приказната во новелата “Уво” на чешкиот писател Јан Прохаска ја прилагоди на случувањата на актуелната македонска политичка сцена, каде веројатно по гледањето на филмот многумина ќе се препознаат во матриксот, што е еден вид одење по жица на авторот на овој филм, секако, доколку истите имаат потенцијал да ја сфатат неговата намера.

Жанровски, филмот е класична камерна драма (иако слоганот на филмот е “Бракот е политички трилер”), во која двајцата главни протагонисти, заменик министерот и неговата жена, преку паранојата дека се прислушувани во нивниот дом, на виделина го исфрлаат сиот валкан веш од нивното десетгодишно заедничко живеење. Токму клаустрофобичноста на просторот за делување до израз ги доведува актерските можности на Никола Ристановски, чиј филмски перформанс од “Буре Барут” наваму оди во одлична нагорна линија, и на Верица Недевска Трајкова, која како одминува филмското дејствие, станува се’ подобра. Режисерот Трајков сосема минимално и суптилно прави интервенции во филмот (флешбековите се во црно-бело, а звучните излети на моменти се прилично хумористични, и покрај сериозната тема), и токму затоа вниманието на гледачот постојано е во состојба на будност и ловење на одредени сочни детали.

На тој начин, со “Медена ноќ” продолжува тенденцијата во домашната кинематографија во последниве години да се снимаат камерни филмови чиј буџет и во европски рамки не е голем, како еден вид неформална стратегија во држави како нашата да се снимаат остварувања кои раскажуваат „мали“ приказни, но на крајот ја постигнуваат својата сакана цел – гледаност во домашните кина и достојна презентација на странските фестивали. Затоа, стоп за историските спектакли! 🙂
(Текстот е објавен во книгата „Филмски град“)
