Кога пред десет дена Михаел Хакене ја доби „Златната палма“ во Кан за неговото ново остварување „Белата лента“, ми се чини дека беше поправена уште една неправда, бидејќи со својот филмски опус австрискиот автор со години заслужуваше да добие фестивалски почести, особено на најценетиот фестивал во светот, каде неколку пати беше во конкуренција за престижните награди. „Понекогаш сопругата ми поставува едно женско прашање: Дали сум среќен? Тешко е да се одговори на него, бидејќи мислам дека среќата е реткост. Но, ова е еден од ретките моменти кога можам слободно да кажам дека сум навистина среќен“, беа зборовите кои на сцената ги кажа брадестиот филмаџија, чија скромност подоцна се покажа и на дело, бидејќи на прашањето „како ќе ја прослави големата победа во Кан“, тој едноставно одговоri „со чаша вино со сопругата, а потоа одиме на спиење, затоа што сум премногу уморен од сите прашања на кои мораше деновиве да одговорам“.
Студентот по психологија и филозофија многу рано стана дел од уметничкиот свет во Виена пред се’ поради неговите родители, мајката-актер и таткото-режисер. Првите 15 години ги мина снимајќи повеќе телевизиски филмови, за конечно во 1989 година да го реализира првиот долгометражен филм насловен „Седмиот континент“. Од филмографијата на Ханеке незаборавни се „Видеото на Бени“ (1992), „Смешни игри“ (1997), кој десет години подоцна доживеа и американски римејк, потоа, адаптацијата на романот на Нобеловката Елфриде Јелинек, „Учителка по пијано“ (2001), за кој Изабел Ипер ја доби актерската „палма“ во Кан, и секако, фантастично-морничавиот „Скриено“ од 2005 година.
Злите јазици велат дека претседател на годинашното жири во Кан беше токму Ипер, било лесно да се претпостави во чии раце ќе замине главната награда за најдобар филм, но, судејќи според комплетниот список на наградени остварувања, кадешто конкуренцијата беше исклучително жестока (Тарантино, Лоуч, Кемпион, фон Трир…), сепак победи европски филм, каде Ханеке со својот опус зазема значајно место, таму некаде горе, близу до врвот.
Кога пред неколку години имав можност да го интервјуирам кинематографот Кристијан Бергер, соработник на Ханеке во неколку негови филмови, кој беше гостин на „Браќа Манаки“ во Битола, тој потврди дека филмовите на австрискиот мајстор не се многу популарни во неговата земја, кадешто обично се прикажуваат во неколкуте арт-кина со две-три илјади посетители во текот на месецот, и кадешто, нормално, царуваат американските блокбастери. Но тоа воопшто не го поколеба Ханеке да остане на својата авторска линија на снимање филмови чии пораки, доколку правилно ги читаме, ни кажуваат многу работи за историјата на стариот континент, но и за модерната и отуѓена Европа во која денес живееме.
Затоа Михале Ханеке е бисер кој треба да се негува и поддржува и покрај неговите контроверзни остварувања, кои не се за гледачите со нежни стомаци. Вистината боли, особено ако, освен во реалноста, таа врескајќи се потврдува и на големиот екран. И покрај тоа, режисерот и понатаму тврди дека е оптимист во срцето. Нам не ни останува ништо друго, освен да му веруваме.
@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 2 јуни 2009 година.