Мирно лето во Маврово

Доколку здравствената состојба не беше ваква каква што е, веројатно не би ги вкусил мавровските убавини во лето, освен на еден ден. Но, ете, се случи и тоа, неколкудневен престој во македонскиот (зимски) туристички бисер, кој покажува дека може да функционира пристојно и во летните месеци, по урнек на една Словенија, да речеме, која своите планински убавини добро им ги продава на туристите од сите континенти.

Сурфајќи на Интернет до информациите како можат да се исполнат неколку денови престој во Маврово, сфатив дека истите можат многу убаво да се пополнат со квалитетна содржина. На веб страната на Националниот парк Маврово има објаснето речиси се’ што ви треба, но сепак, решив во Маврови анови да го посетам Инфо центарот и да се снабдам со додатни информации и материјали. Љубезниот господин ми го повтори она што веќе го знаев, извинувајќи се што нема да ми даде ниту еден флаер, anything, што би ми помогнало во понатамошно планирање на четирите денови престој. Усната традиција останала за навек на овие простори. Нејсе, езерото е тука, нема каде да бега 😉

Првиот ден попладнето времето почнува да се мршти, и одлучуваме да останеме близу, во околината. Секако, најпрво тркнуваме до жичницата, каде не’ израдува веста дека едноседот работи цело лето, и дека можеме да поминеме убави и забавни часови горе, на „Старо бачило“. Се сложивме тоа да го сториме уште следниот ден. Попатно го сликаме споменикот кој веројатно ретко кој го забележува, како и спомен бистите (на едната од нив и ликот на Заре Лазаревски, според кој е крстен и центарот).

Следи посета на блиската и неизбежна црква „Свети Никола летен“, која благодарение на тоа што езерото е прилично повлечено, таа неприкосновено си стои среде улиштето, до следната „плима“ наесен или во зима, кога нејзините ѕидови повторно ќе го чувствуваат студот на водата.

Изградена во 1850 година, а потопена во 1952 година (при изградбата на хидро-системот Маврово), оваа црква му одолева на времето и не ми е јасно дали воопшто ќе влезе во некаква програма за заштита на културното наследство. Дотогаш останува да уживаме во магијата што ни ја дава, особено доколку имате среќа истовремено да ја споделите со локалните коњи, кои мирно пасејќи од сочната трева го проследија нашиот восхит, и малку ни позираа.

Езерото овој август е прилично повлечено, и пејзажот што го создава како да не е од оваа планета. Во секој случај, пријатна мавровска приквечерина, во која по заоѓањето на сонцето, почнува да застудува, и дуксевите се задолжителна облека.

Како што најавив, следниот ден со едноседот уште во 10 часот, со првата тура, се искачивме до блиското „Старо бачило“. Пријатни 15-тина минути летно возење до една прекрасна точка, која со видлив вложен труд е оспособена за летна уживанција.

Пред неколку години бевме во Словенија и го посетивме Бохињ, каде планината функционира и во лето, до чиј врв се доаѓа со жичарница, а потоа пред вас широко се отвораат планинарските патеки за рекреација. Супер што и во Маврово работите почнале да мрдаат во таа насока. На „Старо бачило“ е прекрасно, особено за децата, затоа што имаа еден куп занимации како квалитетно да си го поминат времето – од трамболина, преку клацкалки, кошеви, бејзбол, фрлање на кругови врз потковици, и на крајот, доколку сакате, и семејна борба во „ласер таг“ зоната. За жал, малото трло беше празно, но со автентичната мавровска овца ќе имаме тет-а-тет средба нешто подоцна, во природна околина 😉

Местото е направено толку по мерка на човекот, што не ви се заминува од таму, и де се преместувате да ве пече убаво летно планиснко сонце, де се повлекувате на клупите под сенка. Нема храна, но затоа има освежителни пијалоци, кафиња и сладолед. Таман!

Во близина може да се напиете прекрасна, чиста изворска вода над која виси еден интересен споменичен мозаик, а не е лошо да тркнете и да го освоите врвот на блискиот рид, од кој се пружа прекрасен поглед кон езерото и околните планински врвови, над кои висат прекрасни бели облаци. Оние со поголема кондиција можат да поодат и до „Трифкова колиба“, во вкупно траење на трасата од два часа (час натаму и час назад).

И ако доволно сте се изнауживале, веќе следниот ден мора да размислувате за активен одмор. Од многуте трасирани патеки во околината, ние ја избравме онаа над селото Никифорово. Едноставно, подобро ни звучеше тоа име од „Леуново“, не знам зошто, па така падна и изборот. Малото село од другата страна на езерото мудро се скрило меѓу два рида, со убави куќи и вили, едно скромно мотелче на сред село, неизбежната чешма со спомен плоча од партизанско време, како и спомен-дом во обид отспротива, посветена на народниот херој Чеде Филиповски – Даме. Да не го заборавам и вредниот рецидив од минатото, запуштената продавница за мешовита стока, која во меѓувреме служи како гласачко место за време на изборите.

Планинарската патека над селото е прекрасна. Трасирана е меѓу густата шума, лесно-средна по тежина, и по патот навистина уживате во сите придобивки на една ваква релаксирана тура – бујни потоци, печурки, малини, сончеви зраци… Интересно, во меѓувреме наидувате на уште две спомен-табли од Втората светска војна, како уште еден доказ дека овие краишта дале многу жртви во борба против окупаторот. Во среде шума – црвена ѕвезда петокрака, лудило!

Крајот на оваа патека ве води кон два врва, „Петти леб“ и „Сандакташ“, и иако не стигнавме до ниту еден од нив, сепак се изнауживавме во прекрасната природа наоколу.

На враќање фрламе поглед и врз селската црква, чии порти беа затворени за посета.

Попладнето, после заслужениот обилен ручек, се решаваме да го поминеме на „Бојков кладенец“, кој исто така се наоѓа на патот кон Никифорово. Група локални ентузијасти ја изградиле оваа оаза на патот кон селото Маврово, и претставува прекрасно место за кулирање и средување на досегашните впечатоци.

Последниот ден е резервиран за Галичник. Едноставно, не можете да го одминете. Да, во подалечната околина се и Бигорски, Јанче, Тресонче и останатите мијачки села, но Галичник е неодолив. Петнаесет километри е оддалечен од Маврово, најпрво возите по серпентини, и доаѓате до уште една точка со прекрасен поглед кон езерото и околината.

Галичник тоа саботно утро мирно спиеше во планинските пазуви, и чекаше да биде разбудено. Соочувањето со него секогаш создава возбуда поради глетките кои ве оставаат без здив.

По шпартањето низ селото угоре-удолу, при што го ѕирнавме хотелот „Неда“ кој ни е драга семејна приказна од минатото, се скрасивме во ладовината на сенките на црквата „Света Петка“ во долно маало. Оваа црква од 16 век и’ пркоси на многу попознатата централна црква на сред село, „Свети Апостол Петар и Павле“, во која се одвива легендарната „Галичка свадба“, која ова лето, секако, не се одржа.

 

Враќајќи се на сред село, земавме намирници од единствената локална продавница и седнавме на скалите од амфитеатарот до главната црква, веднаш крај спомениците на Ѓорѓија Пулевски и останатите локални херои од минатото, следејќи го зголемувањето на бројот на минувачите и автомобилите. Сепак, викенд време е.

 

Откако забележавме дека галичкиот музеј, за жал, е затворен за посетители (функционира ли воопшто нешто кај нас?) , од намерата да се спуштиме долу до реката не’ одвраќа една госпоѓа, која претходниот ден видела голем смок на патеката. Но, во тој момент на брдото горе го здогледуваме пријателот кој мирно си ја косеше тревата во дворот, и по стариот добар македонски обичај немаше бегање и цело попладне поминавме во прекрасна дружба, со најубавиот поглед од неговиот двор во цел Галичник, т.н. поглед вреден милион долари. Спонтаните средби се најдрагоценото нешто што може да ви се случи. Ви благодариме Баже и Кате 😉

И, крајот делото го краси. На одење од Галичник застануваме во ергелата крај патот, и си дозволуваме 15-минутно јавање на кротките коњи. Незаборавно доживување за децата!

Но, што би рекле на Топ шоп, тоа не е се’! Вестерн крајоликот пред стемнување ни нуди уште едно неочекувано задоволство. На враќање од пасење сретнуваме стадо со овци, и љубезниот овчар ни дозволува да ги погалиме, ако можеме. Иако тоа не ни успева, не успеавме да дојдеме ниту до црната овца, особено не до неа, сепак уживавме во нивно присуство, а потоа побрзавме да го фатиме заоѓањето на сонцето зад планините. Природата ни подари уште една незаборавна глетка.

Се’ на се’, неколкуте летни денови во Маврово беа вистински погодок. Следното утро, на заминување, застанавме на средина од браната во Маврови анови за да го фотографираме Голем Кораб, нашиот највисок планински врв, затоа што нашите галички пријатели ни кажаа дека тоа е најдобрата позиција истиот да се види во најдобро можно светло. 2764 метри и од далечина изгледаат моќно и грандиозно.

Фала Маврово, до следната (летна) посета!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *