„Небо без ѕвезди“, хаибуни

КОМАРЕЦ СО СЛУХ

Утрово преку мобилниот ми стигна одлично тазе хаику од еден пријател: Еј комарецу, / дај прво да заспијам, / потоа касај. Можеби не би инсистирал да го цитирам, ако не стигнеше баш во моментот кога го чистев ѕидот.

Натопен во крв,
распнат како на слика,
смачкан комарец.

Минатата ноќ беше невозможно да се заспие од комарците.

Не толку од касањето колку од зуењето. Сите научивме што значи буквално да ти пее некој „на увце“. Попусто се мачкавме со скапи препарати против инсекти. Попусто ги гаѓавме со перници. Попусто палевме индиски стапчиња. Сонот го сркавме во мали порции и меѓу долги паузи. Дури и во полусон, еден од комарците беше особено расположен.

Пред изгрејсонце
комарец во уво ми
шепоти мантра.

Не сум сигурен дали токму тој комарец беше споменат во првите стихови, но сигурен сум дека за вечерва добив моќно оружје: пред да легнам, за секој случај ќе го прочитам на глас хаикуто од мојот пријател, со надеж дека комарецот, за разлика од неговиот смачкан братучед, ќе има доволно слух.

***

МЕЦА И ТОЧАК

Знам дека насловов звучи како љубовна вело-басна, ама ова е вистинска случка: возам точак сред дабова шума, кон едно испустено планинско крушевско село, кое Блаже Конески го има споменато во песна. Се движам релативно бавно и фрлам погледи кон соседните планини. Повремено морам да гледам во патот за да ги избегнам камењата. Пред мене има траги од џиновски стапалки, како по макадамов да шетал некој Јети. Ама, кај се видело Јети среде лето? Можеби по патов џогирал некој кошаркар со стапала колку охридски кајчиња, си велам и продолжувам да веслам со велосипедот по нагорнината, слушајќи го птичјиот пој. Одненадеж слушам звук од пукање на гранка! Имам чувство дека некој ја настапнал и го вртам погледот налево: гледам една џиновска подвижна кафена јамболлија која се влече меѓу дабовите. Одеднаш педалите ги вртам како да возам педалинка што ја бркаат гладни ајкули.

Средба со меца:
точакот за миг стана
тркачки мотор.

НЕБО БЕЗ ЅВЕЗДИ

Ноќно возење.

Стрелката покажува дека колата веќе вози без гориво. Време е за пауза на бензинска пумпа.

  • Безоловен?
  • Да, а може со картичка?
  • Може, опремени сме за безготовинско плаќање.
  • Тогаш наполнете, ве молам, до даска.

Додека колата се налева со безоловен бензин, а јас плаќам „безготовински“, гледам дека голем број производи што се нудат на бензинскава се „без нешто“: безалкохолно пивце, безглутенски кифлички, безкофеинско кафе, мастики без шеќер, дневни весници без добри вести…

Излегувам надвор и пред да влезам во колата го упатувам погледот нагоре. Забележувам дека и на небото нешто му недостига.

Небо без ѕвезди.
Останале да висат
на друго небо.

***

ЗНАЦИ НА СТАРОСТ

Добар дел од луѓето вешто ги кријат првите предвесници на староста: во корпата за купување, заедно со зеленчуците, весниците и меленото месо, лежерно фрлаат боја за коса или крема која ги прекрива брчките и старечките дамки на кожата. Но утрово во дворот се гледа дека не е баш секогаш така лесно да се камуфлираат симптомите на стареењето.

Знаци на старост:
лилјакот се акнал во
хортензиите.

 

@фото: Иван Блажев

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *