Денеска од печат излегува дебитантската збирка раскази „Млечни заби“ од Хана Корнети, како 197 издание во едицијата „ПРОаЗА“ на ИЛИ-ИЛИ. Вечерва во „Ла Кања“ ќе се одржи и промоцијата на книгата, која ќе ја води Нина Милева.
Збирката раскази „Млечни заби“ е книжевно млечно запче на Хана Корнети. Иако збирката содржи и истоимен расказ, насловот на некој начин ги опфаќа темите на десетте раскази – слатките и неслатки маки при растењето како што се бледеењето на детството, кревката вечност на пријателствата, безначајните соништа и поучните кошмари, смртта на блиските, своеволието на книжевните ликови и првите симпатии. Секој чин е дел од неговиот создавач, па така и оваа книга е отцепено делче од Хана.
Хана Корнети (1992, Скопје) паралелно дипломирала Философија и Историја на ОДТУ, Анкара, а магистрирала Културолошки студии на универзитетот Сабанџи, Истанбул. И Македонија и Турција ѝ се дома. Има напишано награден расказ (од „Нова Македонија“) и наградена пиеса (од Здружението на драмски писатели и сценаристи), додека неколку нејзини раскази се издадени во меѓународни електронски списанија.