Моќта на Африка на „ОФФест“#23

Како што зрелите цреши не’ радуваат во доцна пролет, така и „ОФФест“ редовно ни причинува задоволство во овој период од годината веќе по 23-ти пат, земајќи го најдоброто од „светската музика“ и подарувајќи ни го на дланка во нашиот град. Годинава во мојот фокус е Африка како убавица која на светот се’ уште му дава изворни возвишености, а организаторите тоа многу добро го знаат, и првите два фестивалски дена им беа посветени токму на бендовите од овој инспиративен музички континент. Впрочем, „ОФФест“ отсекогаш имал добро чувство за современите музички тенденции, па по плејадата модерни звуци од Јужна Америка во првото десетлетие и кусур, овој пат следиме концепт „back to the roots“ во кој навистина имаме што да видиме, чуеме и научиме. Она што David Byrne од Talking heads го започна уште во 90-те со неговата продуцентска куќа „Luaka bop“ во меѓувреме стана канон кој треба да се следи и почитува.

Како добар вовед во коцертната понуда, „ОФФест“ веќе со години наназад неофицијално стартува со филмски проекции, па така и овој текст, по краткиот вовед, ќе го отвориме со осврт кон филмот за првата африканска ѕвезда Бомбино, прикажан во Кинотеката еден ден пред возбудувањата на сцената.  

„Агадез, музиката и бунтот“ е документарен филм на Рон Вајман од 2010 година, реализиран по сценарио на Џек МекЕнани. Според Белопета и Шурбе, токму ова остварување е иницијалната каписла за годинашното гостување на Бомбино на „ОФФест“. И навистина, по неговата проекција чувствувате таква голема слобода и енергија, што возбудата околу купениот билет и посетата на концертот на ѕвездата од Нигер од час во час се’ повеќе се зголемува.

Во ова 75-минутно остварување ги дознаваме сите „тајни“ на успехот на Омара Моктар, момчето кое својата љубов кон гитарата ја датира од својата 12-13 годишна возраст, кога при првото востание на Туарезите неговото семејство привремено се сместува во Алжир. Роднините на раниот тинејџер му го претставуваат „митскиот“ инструмент во кој тој инстантно се вљубува, па дури почнува да забушава со одењето на училиште само за да може да свири. Интересна е приказната и за касетите кои пристигнувале во пустината, поради долгото патување, со веќе избледени омоти. Музиката која младиот Омара ја слушал и ја учел, честопати и не знаел кој ја изведува. Многу подоцна ќе сфати дека меѓу понудата биле и инспиративните Dire straits, како и Jimmy Hendrix, кој го смета за свој основен инспиратор и водич во магичниот свет на музиката.

Уште два битни моменти во животот на младото момче од Нигер се искуствата од различна провиниенција. Имено, кон крајот на 90-те тој кратко време бил овчар, во едната рака стапот, во другата гитарата, и така се создала една фина синергија со природата која Омара отсекогаш ја почитувал и ценел. Речиси една деценија подоцна, пак, тој се наоѓа во улога на туристички водич кога неговата сиромашна земја ја посетува Анџелина Џоли со својата екипа, како „дежурна сестра“ која после војната сака да ги посети нестабилните региони каков што, впрочем, отсекогаш Нигер и бил. Од доверливи извори, Џоли танцувала во пустината на звукот на Моктаровата гитара, и веројатно оттука тргнува да се испишува неговата понатамошна музичка историја. Можам да ја замислам заносната Џоли како боса цупка по песокта, додека ветрето и’ ја лелее марамата на пустинското зајдисонце, а Моктар свири ли свири за да ја погоди во жичка… Лудило!

photo by NANCY VIEIRA

Но филмот на Вајман е нешто сосема друго од овие неколку информации важни за развојот на приказната за музичарот. Документарецот е ангажиран филм кој низ музиката и успехот на Бомбино се обидува (и успева!) да ја долови поетиката на пустината низ животот на Туарезите, тие номади во постојано движење, чиј единствен дом е широчината на непрегледниот пустински простор и ѕвезденото небо над нив. Тие се духовните двигатели на Сахара уште од времето на нивните претци, со свои правила и начин на живеење, со нескршлив дух кој не е баш популарен кај официјалните власти на Нигер, но и вo околните земји каде што тие живеат и егзистираат веќе со векови (Мали, Буркина Фасо…).

За подлабоко разбирање на суштината на филозофијата на Туарезите, режисерот на филмот ги сопоставува мислењата на еден социолог, антрополог, бунтовник, лидер… Тие велат дека сфаќањето на животот на овој номадски народ е прилично едноставно – тие сметаат дека основна економска единица е човекот, а не парите, а Бомбино со неговата музика и популарност меѓу младите е тука за да им ги отвори очите на своите сонародници и да им посочи дека не секогаш победува оружјето, туку најважно од се’ е образованието. Преку него тие можат да го остварат својот глас и својот сон за подобро утре. „Музиката се наоѓа меѓу нашата традиција и современиот свет, таа е универзален јазик кој треба да ги споjува луѓето“, вели Бомбино, чија мисија на овој свет е благородна. Не за бадијала први на удар по второто Туарешко востание во двеилјадитите биле музичарите. Во тие турбулентни времиња, кога владее демократскиот мрак, двајца од неговиот бенд, за жал, се егзекутирани.

Нигер е сиромашна земја, и еднаш во десет години ја погодува катастрофална суша. Областа околу Агадез, градот од кој доаѓа Бомбино, е богата со ураниум, но Туарезите никогаш не виделе добробит од неговото искористување. Затоа тие се гласни дека дел од заработката Владата треба да вложи за подобрување на здравството и образованието на нивните деца. Во 2011 година, по бунтот, за прв пат еден Туарег, Рафини, влегува во Владата на Нигер. Но работите не можат толку бргу да се сменат. Следи наметнување на Исламот и бурката како начин на живот, но Туарезите се бранат и велат дека тие се Муслимани, но на свој, автентичен начин. Тие религијата ја практикуваат поинаку, и не сакаат Папа или било кој моќник да им кажува какви верници да бидат. Тие само сакаат да бидат „Смазул“, слободен човек, слободни луѓе, деца на пустината. И да, во нивниот свет жената е почитувана, малтене, тие живеат во матријархат, и таквиот начин на живот претставува вистински модел кој треба да се прифати и во другите африкански земји, сметаат соговорниците во филмот.

Бомбино во филмот си се вози со една фина веспичка од едно до друго место, од една до друга свирка кај пријатели, на која се создаваат цели музички универзуми. Најсигнификативен момент е неговото враќање од Буркина Фасо и одржувањето на концертот пред џамијата во Агадез, каде се прославува победата на отпорот и од каде што, всушност, започнува вртоглавиот успех во неговата музичка кариера. Во 2012 година патот го води во славниот Нешвил на снимањето на вториот албум „Номад“, кој го востоличува на пиедесталот на светската музика.

На сцената на НОБ, приказната за неговата култура и регионот од кадешто доаѓа квартетот на Бомбино ја започна со неколку акустични теми. Загревањето и напипувањето на пулсот на публиката се одигрува во пријатна, очекувачка атмосфера, во која гласот на Омара земаше залет, пред ритам-дуетот да се претвори во ритам-секција која доследно го поддржува звукот на неговата елегична гитара.

И уште со првата „електрична“ песна сфативме зошто овој звучен пејзаж е инспиратор на младите луѓе од Нигер за прилагодување на новиот свет, истовремено почитувајќи го богатото наследство на Туарезите. Таа суптилна мешавина на традиционалното и современото означува само едно нешто: љубов! А зарем е потребно нешто повеќе од тоа во овој краток живот на планетата Земја?

Структурата на песните на Бомбино е едноставнa, а едноставноста, констатирал Леонардо да Винчи уште во Ренесансата, е најтешко да се постигне. Вовед, крешендо и расплет, каде неколкуминутниот врв е оној важен момент во кој вообичаенo ја сведочиме неговата гитарска виртуозност, при која со инструментот ја креира звучната слика која всушност го претставува неговиот внатрешен глас. Бомбино можеби не ги вербализира добро своите мисли и размисли, за тоа му треба преведувач и толкувач, во случајов неговиот добар дух, басистот Џакраве Диа, но неговата моќ е во рифот, моќта лежи во неговото соло со кое креира засебни универзуми, Бомбино-универзуми.

И да, Бомбино пее на својот мајчин јазик – и сите го разбираат. И додека пее за љубовта – сите го разбираат. И додека пее за отпорот – сите го разбираат. И додека пее за сиромаштијата – сите го разбираат…. зашто во неговата музика се чувствува недофатливиот дух на пустинската слобода, пустински блуз кој го прославија „Тинаривен“ (исто така гости на „ОФФест“ пред неколку години), музика која во овој луд свет во кој живееме претставува единственото прибежиште со кој се останува здрав и приземен. Со која се (о)станува – ЧОВЕК.  

По гледањето на филмот, но и по уживањето во концертот, се’ повеќе сум убеден дека уметничкото име на овој прекрасен музичар од Нигер требало да биде „Бамбино“, а не „Бомбино“. Секако, актуелното име е вистински погодок поради метафората за отпорот на неговиот народ, но нежниот карактер на музичарот и неговиот пристап кон луѓето и кон она што го работи ја покажуваат неговата мека природа, неговата човечност, која е основата на целата негова животна филозофија. Моќта е во гитарата, но и во човечноста зад неа. Како убава спојка, Бомбино во едно интервју раскажува дека се вљубил во односот на Џими Хендрикс кон гитарата, на кој гледа како на однос на мајка кон своето бебе. Човек што на ваков начин ги согледува нештата не може да биде лош човек. Ниту лош музичар. Напротив. Може да биде само генијален музичар. А тоа, со своите музички соборци, величенствено го покажа на сцената на НОБ. Ave Bombino!!!

По полчасовна пауза, се вративме во супер-акустичната сала на НОБ за да го проследиме и вториот концерт на отворањето на 23-иот „ОФФест“. И ако Бомбино и неговите пајташи не’ разнежнија, септетот „Bantu Continua Uhuru Consciousness“ (BCUC) од Јужноафриканската република буквално не’ истресоа од гаќи. И ако за Бомбино имаше филм-најава за тоа што не’ очекува, за BCUC не знаев ама баш ништо и и’ се препуштив на варијантата „изненадување“. И не згрешив. Еден од најангажираните африкански бендови во моментов, со бескомпромисни текстови и луда енергија, буквално ги размрда сите во салата и придонесе оваа фестивалска вечер да заврши спектакуларно.

BCUC доаѓаат од Совето, и тоа е една од суштинските одредници во нивниот пристап кон музиката и она што сакаат да го соопштат. Совето е предградие на големиот Јоханезбург кое го привлече вниманието на светот на 16 јуни 1976 година со востанието наречено „Soweto uprising“, кога избувнаа масовни протести поради одлуката на владата на ЈАР да го спроведува образованието на „Africaans“ наместо на нивниот мајчин јазик. Полицијата отвори оган врз 10.000 илјади ученици кои маршираа од средното училиште „Наледи“ до стадионот „Орландо“. Првиот ден од немирите во Совето загинаа 23 лица, од кои 21 беа црни, меѓу кои и малолетниот Хектор Питерсон, како и двајца белци, меѓу кои и д-р Мелвил Еделштајн, доживотен хуманитарец.

Влијанието на протестите во Совето одекна низ земјата и низ целиот свет. По нив беа воведени економски и културни санкции од странство. Политичките активисти ја напуштија земјата за да се обучуваат за герилски отпор. Совето и другите населени места станаа сцена за насилна државна репресија. По ослободувањето од Апартхејдот,  од 1991 година датумот 16 јуни се одбележува како „ International Day of the African Child“. Со ваков бекграунд зад себе, што може да се очекува од бенд како BCUC? Па се разбира: бунт, енергија и екстаза на сцената.

Во фестивалскиот каталог за бендот е нагласено: „Звукот на BCUC е истовремено современ и оригинален, самоуверен и моќен. Тој е исполнет со фанки грувови и хип-хоп сензибилитет, но и со репетитивни бас рифови, флејти и галопирачки ритми, како директно оддавање почит на надежта и борбениот дух на претходните генерации“. Но се’ ми се чини дека многу повеќе е објаснето во една, единствена реченица, онаа која јасно вели: „Кога BCUC настапуваат во живо, тие ја вовлекуваат публиката во вистински транс“. И навистина е така. Не можете да побегнете од сировиот ритам на тапаните и конгата кои ве вовлекуваат во вртлог од кој не можете лесно да излезете, освен со танц. На овој перформанс (намерно не велам „на оваа музика“) можете да одолеете единствено приклучувајќи му се со играње, и никако поинаку.

Интересно, на шестчлената доминантно машка екипа и’ „парира“ единствената претставничка од понежниот пол Kgomotso Neo Mokone, „јужноафриканската Шара Нелсон“. Нејзиниот глас толку ме потсети на прекрасната англиска вокалистка, која на супериорен начин ја изведува легендарната тема „Unfinished sympathy“ на Масив атак. Но, улогата на Кгомотсо ја видов и на поинаков начин. Таа покрај динамичниот и на моменти дозирано-агресивен настап на главниот вокалист беше суптилниот глас на разумот, гласот на онаа јужноафриканска мајка која тагува по своите деца во деновите на реперкусија во нивното предградие. Таа е логичниот контрапункт на решавањето на конфликтите само со насилство, и навистина на моменти ја опушташе ритмичната атмосфера на сцената… се’ до следните удари на тапаните: БУМ-БУМ-БУМ!!!

Баш размислував, доколку на голем дел од американскиот хип-хоп му се одземе оној набој кој во многу случаи е детерминиран од сликата за себе да се биде „кул“, тогаш што би останало од него? Веројатно одговорот е звукот на BCUC. Тој е самата суштина, тој е извор на енергија, на ритам, а по нив следи и пласирање на пораката. Водечкиот вокал Nkosi „Jovi“ Zithulele е доволно силен и харизматичен за да знае како да искомуницира со публиката, и да ја пренесе пораката за животот на неговите предци, за суровата реалност со која се соочуваат сиромашните работници во Јужна Африка, истовремено „прикажувајќи ја татковината не како сиромашна, туку како богата со традиции, ритуали и вера“. Влегувајќи длабоко во улогата на „the Preacher“, Нкоси навистина верно ја одигрува на сцената, на ниво на еден „Малколм Икс“.

Поради сето ова, навистина ми е драго што и Скопје го понесе жестокиот ритам на BCUC, исто како на фестивалите Roskilde, Glastonbury, Afropunk Brooklyn, Womad… ова навистина требаше да се доживее. Во живо! Alive and kicking!

Пред да направиме трансмисија кон втората фестивалска вечер, следи мало африканско интермецо. Ајде да видиме колку познаваме геополитика, економија, екологија и останати работи поврзани со африканскиот континент. По предметот Географија учевме доста работи, но кој ли само се сеќава на нив? Еве потсетување на некои актуелни бројки, кои можеби и ќе ве изненадат, затоа што стереотипот за Африка вообичаено посочува дека се работи за сиромашен континент од каде доаѓа одлична музика, и толку!

Но, пред да се препуштиме на бројките, сакам да споменам една битна тема која се однесува на картографијата низ историјата. Имено, во минатото, па и денес, се’ уште се провелкува практиката африканскиот континент (случајно или намерно?) да се претставува со помал размер во однос на останатите континенти, особено оние каде се распостилаат супер-силите. А работите стојат вака: подрачјето на Африка има 30 милиони квадратни колометри, и е поголемо од површините на Кина, Америка и Европа заедно. Кој би рекол, нели!?

Од бројките и фактите кои ќе ви ги отворат очите (и умот), ќе наведеме неколку од многуте: Африка е богата со нафта и природен гас; поседува 40% од резервите на злато, а третина од светските дијаманти се ископуваат кај нив; Африка е богата и со манган, железо, дрвна маса, колтан (минерал за производство на телефони и електроника) и кобалт (минерал за прозиводство на акумулатори); континентот има 60% обработливо земјиште, се вели дека само обработливите површини на ДР Конго се способни да ја хранат цела Африка; истата држава има многу реки што можат да го осветлат целиот континент; Африка има 30.000 лековити рецепти и билки кои Западот ги преработува и модифицира во своите лаборатории…

Веројатно и ова е сосема доволно за да се добие целосен впечаток за „Црниот“ континент. И на крајот, како најважно од се’, оваа лулка од каде започнува историјата на „исправениот“ човек, на културолошки план е шаренолик континент кој ни „подарува“ разновидна музика, ориентални танци, архитектура, скулптури… со кои го славиме развојот на човековата цивилизација. Заклучокот, без предрасуди, е дека Африка е иднината на човештвото! А дел од тоа богатство на музички план проследивме и на годинашното, 23-то издание на „ОФФест“.

Втората фестивалска вечер ја отвори секстетот „Boi akih“ во кој носечка сила се двоецот Моника Акихари како вокалистка и изведувачка на бас калимба и електроника, и гитаристот и композитор Нилс Браувер. Нејзиното потекло е од малинезиските острови над Австралија, а тој доаѓа од Холандија. Навидум невозможен спој, но ете, добро функционира веќе две ипол децении. Потпомогнати од нивните пријатели музичари на несекојдневни инструменти (оргула, кора, перкусии…) тие создадоа прекрасна амбиентална атмосфера, во која провејуваше и африканскиот сентимент. Во еден момент почувствував како да се наоѓам во некоја дождовна шума заплиснат од многуте звуци и прекрасниот глас на Моника, која повеќето од песните ги пееше на Харуку, јазикот на островот на нејзиниот татко.

Приказната на „Boi atih“ отскокнува од досегашната линија на текстот, во која ја славиме африканската музика, но таа всушност, одлично се надоврзува на целиот концепт затоа што и таа претставува спој на акустиката и електрониката, и таа е прекрасен микс на звуците од минатото и сегашноста. Истовремено, структурата на композициите содржи толку шарм и слободна импровизација, што никогаш не знаете каде ќе заврши(те). Неретко во текот на песните членовите на бендот „откачуваа“ со своите брилијантни соло делници, што на навидум релаксираната атмосфера и’ даваа доволно електрицитет, како навестување на она што следеше.

А она што следеше беше вистинска бомба во стомакот. И во срцето. По истресувањето од гаќи на BCUC претходната вечер, овој пат добивме посуптилна журка во која скокањето беше пожелно, затоа што едноставно не можеше да се одолее на енергијата која зрачеше од сцената.

„KUTU“ се одличен избор за затворање на првата фестивалска половина со африкански вкус на „ОФФест“. Тие се формирани во христијанската Етиопија, каде во метрополата Адис Абеба дуваат модерни ветришта, збогатувајќи го ноќниот живот со звуци на разум и надеж.

И како што обично се случува во најубавите бајки, веќе докажаниот француски композитор и виолинист Тео Секалди една вечер ја посетува магичната Адис Абеба и во зачадените ноќни клубови ја открива рок-пејачката Хејван Гебреволд. Јас верувам дека Тео најпрво „паднал“ на нејзината појава, затоа што Хејван навистина изгледа прекрасно. Таа со својата извајана фигура е најубавото нешто што досега сум го гледал на музичките сцени во мојот живот.

На трагата на реоткривање на „Азмани“ звукот и етиопскиот џез, „KUTU“ ja антиципира андерграунд културата на Адис Абеба претворајќи ја во нешто ново, современо, но и вонвременско. Музиката на бендот содржи дозирана импровизација надополнета со прекрасни вокали, а згора на тоа од сцената шиба панк енергија која ве разбива. Журка е нивното второ име. А зошто да не? На крајот од денот, концертите се тука, меѓу другото, и за да се забавуваме.

Се разбира, во овој еклектичен концепт кој бара многу енергија за изведба, Тео со својата виолина одвреме-навреме потсетува на неговото виртуозно владеење со инструментот, како во времињата кога практицирал класична и џез музика, овој пат сосема наклонет и вклопен во новиот концепт на „KUTU“, со кој ги проширува(ат) музичките хоризонти.

За заокружување на настапот и на впечатокот, пред крајот Хејван ја повикува публиката горе на сцената. Таа не знае дека ние, Македонците, едвај чекаме. Неколку момци и девојки го пополнија просторот пред дивиот тапан на откачениот Сирил Атеф, и неколку минути танцуваа на неодоливиот ритам со членовите на бендот. Незаборавно!!!

Завршни зборови? Само една забелешка. Сите овие концертни би било добро да се одржеа некаде надвор, на некоја пријатна летна сцена која би била сосема соодветен простор за концертирање во овој период од годината. Скопје, за жал, нема летна сцена, но затоа со децении има добри градоначалници. Драг граду – „тешки“ градоначаници те газат!

Се надевам дека уживавте во текстот. До следното читање, Au revoir 😉

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *