Вчера од печат излезе шестото издание на збирката раскази „Мојот маж“ од Румена Бужаровска. Иако се’ уште е актуелна нејзината последна збирка раскази „Не одам никаде“ од крајот на 2018 година, третата книга на Бужаровска деновиве се реактуелизираше поради истоимената претстава во Драмски театар во Скопје во режија на Нела Витошевиќ, која по премиерата доби одлични критики од оние што успеаја да ја видат. За разлика од претходните пет изданија, овој пат корицата на книгата е навистина провокативна, и веќе предизвикува поделени реакции, што значи, не ве остава рамнодушни. Фотографијата и идејата за корицата е на Јана Јакимовска, а дизајнот на Марија Смилевска.
„Мојот маж“ во изминатите години доживеа неколку преводи во регионот, и редовоно беше на топ листите на најчитани книги. Еве дел од реакциите за расказите на Бужаровска во балканските медиуми:
Бужаровска припаѓа во највисокиот ред на современите авторки – мислам дека е сосема оправдано да се проценува во глобален контекст, рамо до рамо со, да речеме, најреномираните англосаксонски писателки, каква што е Алис Мунро. (Теофил Панчиќ, Глобус)
Румена Бужаровска е економична раскажувачка, избрусена, со воздржан стил, не се стреми кон китење и непотребни вишоци, со соголена реченица за која што ви се чини дека се сведува на едноставно пренесување некоја информација, а сепак богата со значења и отворена за различни интерпретации. И покрај тоа што, во најмала рака, се занимава со вознемирувачки теми и со леснотија го воведува читателот во драмите на своите херои(ни), далечни ѝ се сите ефекти предизвикани од патетиката и сентименталноста. (Ивана Иванишевиќ, Слободна Далмација)
Во секој расказ од оваа збирка жената е во некој вид кафез, секогаш поинаков, но сепак во кафез. Тој кафез понекогаш може да биде и златен, а понекогаш да е направен од решетки на сиромаштијата и насилството. (Беким Сејрановиќ)
И покрај најгустата темнина што избива од него, овој врвен книжевен текст ќе им пружи недвојбена радост на читателите. (Иван Миленковиќ, Време)
Секој од овие 11 раскази има нешто заедничко – сите жени се во бракови, какви и да се. Начинот на кој авторката ги раскажува нивните приказни е интересен бидејќи низ целиот тек на книгата имате впечаток дека секоја од нив е толку едноставна, но всушност е толку сложена што со нетрпение читате понатаму само за да откриете што ѝ се случува во животот на хероината во следниот расказ. (Ѓурѓица Сарјановиќ, Вријеме)
Доколку се’ уште не сте ја прочитале збирката, или пак одамна сте го сториле тоа, време е да го набавите Вашиот колекционерски примерок со жолтите капки на капакот од тоалетната школка.