„Музеј на прекинати врски“ во Загреб

Шетајќи по улицата „КирилоМетодиевска“ во Горниот град, онаму каде се наоѓаат повеќето знаменитости што треба да се посетат во хрватската метропола, една од неизбежните станици е симпатичниот „Музеј на прекинати врски“. Популарното место за младите собира, чува и изложува лични предмети и приказни со симболична емоционална вредност. Ова е музеј за сите нас, за начините на кои сакаме, љубиме и губиме.

На прагот од тинејџ годините, меѓу девојките беше популарно да имаат „Споменар“. Прашањата се движеа од оние, основните: возраст, висина, боја на очи, омилена група… па се’ до малку поспецифичните. „Споменарот“ на Заге сакаа да го пополнуваат сите бидејќи при крајот содржеше и две „храбри“ прашања: „Дали си се залапал/а“ и „Дали си раскинал/а“? Соочувањето со одговорите на овие две суштински прашања беше соочување со сопствената „зрелост“.

Олинка Виштица и Дражен Грубишиќ во 2006 година понудија оригинален уметнички проект посветен токму на „раскинувањата“. Виштица е филмска продуцентка родена во Сплит, дипломирала англиски и француски јазик и книжевност на Филозофскиот факултет во Загреб. Грубишиќ, пак, е сестран визуелен уметник кој дипломирал сликарство на Академијата за ликовни уметности во родниот Загреб. Од своето основање во 2006 година како уметничка инсталација во Загреб, „Музејот на прекинати врски“ еволуираше во меѓународно призната колекција која содржи преку 3.500 предмети, а секој од нив раскажува уникатна приказна за минатите односи меѓу двајца љубовници и партнери.

Музејот е постојано растечка збирка на предмети, сеќавања од минатите врски, кои се придружени со лични приказни на нивните донатори. За разлика од деструктивните упатства за самопомош за закрепнување од тага и загуба, музејот дава можност креативно да се надмине емоционалниот распад – со учество во универзалната колекција. Музејот однесе илјадници луѓе на патување низ светот со нивните лични приказни и предмети, доведувајќи го во прашање нашето разбирање за наследството. Во 2011 година музејот ја освои наградата „Кенет Хадсон“ за најиновативниот и најхрабриот музејски проект во Европа.

Музејот произлезе од патувачката изложба која се врти околу концептот на неуспешни врски и нивните урнатини. Без оглед на мотивацијата за донирање лични предмети – било да е тоа чист егзибиционизам, терапевтско олеснување или едноставна љубопитност – луѓето ја прифатија идејата да го изложат своето емотивно наследство како еден вид ритуал, свечена церемонија. Нашите општества ги признаваат браковите, погребите, но негираат какво било формално признавање на пропаста на врската, и покрај нејзиниот силен емоционален ефект.

Според зборовите на Ролан Барт во „Љубовниот дискурс“: „Секоја страст, во крајна линија, има свој гледач… (не постои) љубовна понуда без завршен театар“. Иако обоени од личното искуство, локалната култура и историјата, експонатите презентирани во музејот формираат универзални обрасци кои носат утеха на сите оние што ги откриваат. Приредувачите се надеваат дека тие исто така можат да ја инспирираат нашата лична потрага по подлабоки сознанија и да ја зајакнат нашата верба во нешто позначајно од случајното страдање.

Со текот на времето, сето ова се претвори во глобален проект чиј извор се луѓето. Постојаната поставка во Загреб се негува преку тековните турнеи на изложбите кои беа извор на разновидност и креативност на постојаната колекција. За време на изложбата во Токио во текот на 2017 и 2018 година, организаторите собраа илјадници приказни кои потоа беа изложени во засебен простор, дел од нив претворени во авиончиња од хартија чија порака треба да ја пренесат до Другиот во врската, односно, до посетителите.

А минатиот месец, на 7 ноември, музејот во Загреб доби свој близнак во Азија, каде тамошните страстни „љубовници“ ќе имаат можност да ги подарат своите лични предмети и приказни на постојаната колекција во музејот во тајландскиот град Чианг Маи.

И конечно, време е да се нурне во околу триесетина изложени експонати придружени со приказните на нивните автори, обичните луѓе кои се сеќаваат на порaнешните љубени низ емоционална призма поврзана со некој драг предмет. Ќе видите се’ и сешто: од вуду кукли, преку џуџиња, велосипеди и џемпери, па се’ до 27-годишната љубовна краста и еден хоум-мејд дилдо.

Се надевам дека ќе уживате во виртуелната изложба (како што јас уживав при посетата на загрепскиот музеј), читајќи ги приказните и анализирајќи ги предметите, истовремено преиспитувајќи се што е она што би го понудиле во музејот од некоја поранешна врска, доколку ви се укаже шанса за тоа 😉

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *