Синоќа во македонскиот Културно-информативен центар во Загреб се случи магична книжевна вечер, судејќи според вниманието со кое беше проследен настанот, а потоа и со реакциите и насмевките на публиката, составена од Хрвати и Македонци, како што и вечерта се зборуваше на обата јазика.
Загрепскиот музички фестивал „Ин мјузик“ годинава ќе се одржи по осумнаесетти пат на старата, добра локација, „Островот на младоста“ на езерото „Јарун“, и со тоа ќе стекне полнолетство. Веќе две децении наназад ова е фестивалот кој остана доследен на својот концепт од самите почетоци, нудејќи и’ на многубројната публика музички квалитет што трае. За разлика од „Зигет“ во Будимпешта и „Егзит“ во Нови сад, фестивалот во хрватската метропола, кој стандардно се одржува во третата седмица од јуни, отсекогаш милувал да донесе потентни бендови и музичари, често пати и за прв пат на овие простори, и затоа може да констатираме дека „Ин мјузик“ е музички настан борј 1 во регионов.
Не знам зошто, но првата асоцијација за Загреб отсекогаш ми била „Крлежа“. Веројатно сеќавања на некои минати времиња. Затоа, за време на мојата минатогодишна еднонеделна посета на хрватската метропола, решив дел од времето да му го посветам на книжевниот великан, посетувајќи ја неговата куќа во која го поминал поголемиот дел од животот, и во која на крајот и починал. Денес таа е музеј отворен за посетителите. Ми се чинеше возбудливо да се биде во просториите каде тој пишувал, да се види кои книги ги содржи неговата домашна библиотека, да се помириса застоеноста на тој стар мебел во вилата на влезот од прекрасниот парк „Тушканац“… Има нешто кај книжевниците од стар ков што привлекува, што е дел од таа стара школа чии вредности се универзални, кои денес речиси и да не постојат. Желбата за нурнување барем за момент во тој недопирлив свет си е сосема легитимна желба, но… Секогаш постои едно „но“!
На петнаесетина минути пеш од центарот на Загреб се наоѓа техничкиот музеј кој го носи името на најзначајниот научник во минатиот век, „виновникот“ за нашиот модерен начин на живеење, денес и овде. Не сум го посетил музејот посветен на Никола Тесла во Белград, но овој во Загреб ми даде и повеќе отколку што очекував. Техничкиот музеј на „Савска 18“ го прикажува историскиот развој на техничките решенија со кои човекот се обидувал, и во многу нешта успеал да ги совлада просторот и времето. Добредојдовте 😉
Шетајќи по улицата „КирилоМетодиевска“ во Горниот град, онаму каде се наоѓаат повеќето знаменитости што треба да се посетат во хрватската метропола, една од неизбежните станици е симпатичниот „Музеј на прекинати врски“. Популарното место за младите собира, чува и изложува лични предмети и приказни со симболична емоционална вредност. Ова е музеј за сите нас, за начините на кои сакаме, љубиме и губиме.
За да привлечете што поголем број на туристи во метрополата, морате да имате што повеќе работи кои ќе ги анимираат додека престојуваат во градот. Освен музеите, скулптурите и останатата стандардна понуда, потребна е програма плус за што подобри впечатоци по заминувањето на посетителите. Загреб има убав проект кој е остварлив за најупорните, и според коментарите на сите оние кои поминале низ процесот, заклучокот е дека навистина вредело.
Престојот во хрватската метропола го искористив добро да го запознаам градот, се разбира, однапред пикирајќи одредени места кои морам да ги посетам. Меѓу сите нив, на прво место на приоритетната листа беше „Музејот на Новиот бран“ кој, интересно, се отвори на 05 ноември 2022-та година. Го запаметив датумот затоа што тогаш вообичаено славам роденден, правејќи си муабет со себе дека и по четири декади, јас се’ уште сум заинтересиран за нешто што се случило многу одамна, како не ми е срам, дури се прекорив. Но ако тоа ревносно си го следел, ако со тие песни си пораснал и на некој начин го оформиле твојот светоглед, тогаш тука нема ништо спорно, се тешев. Информацијата остана во главата, и еве, Загреб конечно ми се случува во живо, on the face of the place, и подготвен сум за едно убаво доживување кое ќе разбуди многу (подзаспани) спиритуални духови во мене, а се надевам и во вас читајќи ја оваа репортажа.
Приказната сакаше да бидам на еднодневно пропатување низ Загреб, на пат кон писателската резиденција на Истра. Покрај кафето во едно од бистроата на поранешен „Трг Републике“, денешен „Трг Бана Јелачиќа“, решив времето да го потрошам конструктивно и да ја посетам изложбата во атрактивната галерија „Кловиќеви двори“. И не погрешив, иако ми требаа речиси две години за доживеаното низ текст и фотографии да го изнесам тука, на овие херојско-виртуелни страници полни со изненадувања. Но, никогаш не е доцна кога се работи за безвременска уметност, а особено за онаа на уметник како Густав Климт, чиј „Бакнеж“ ми е една од омилените слики. Но, во случајов, се работи за something completely different, што би рекле Монтипајтоновците 😉
Трамвајот со број 6 за десетина минути ме донесе од централната автобуска станица до предворјето на Музејот на современа уметност во Нов Загреб, каде деновиве може да се види изложбата насловена „Новиот бран во Белград – Пакет аранжман 1981-2021“. Автори на изложбата се Зорица Којиќ и Драган Амброзиќ, и таа содржи дела на фотографите Горанка Матиќ, Горан Вејвода, Бранислав Рашиќ и Бранко Гавриќ, кој е автор и на обвивката на славниот албум на новата генерација белградски бендови, после кој ништо не беше исто. Односно, на музичката сцена во поранешна Југославија се гледаше како на период пред и по излегувањеот на култниот „Пакет аранжман“.
Што да се издвои како значајно од концертите на кои сум присуствувал, кога всушност сите се значајни на овој или оној начин. И на свирките на кои не си поминал ОК од разно-разни причини, сепак дел од нив остануваат во меморијата и со драго срце им се навраќаш на тие моменти на кои си присуствувал по своја волја. Во овој втор дел, повторно хронолошки, стартувам од втората половина на 90-те, па се’ до крајот на првата деценија од новиот милениум. Има тука многу за што да се пишува, но ќе се обидам да се задржам во рамките на возможното 😉