Престојот во хрватската метропола го искористив добро да го запознаам градот, се разбира, однапред пикирајќи одредени места кои морам да ги посетам. Меѓу сите нив, на прво место на приоритетната листа беше „Музејот на Новиот бран“ кој, интересно, се отвори на 05 ноември 2022-та година. Го запаметив датумот затоа што тогаш вообичаено славам роденден, правејќи си муабет со себе дека и по четири декади, јас се’ уште сум заинтересиран за нешто што се случило многу одамна, како не ми е срам, дури се прекорив. Но ако тоа ревносно си го следел, ако со тие песни си пораснал и на некој начин го оформиле твојот светоглед, тогаш тука нема ништо спорно, се тешев. Информацијата остана во главата, и еве, Загреб конечно ми се случува во живо, on the face of the place, и подготвен сум за едно убаво доживување кое ќе разбуди многу (подзаспани) спиритуални духови во мене, а се надевам и во вас читајќи ја оваа репортажа.
Чекорам преку плоштадот „Бан Јелачиќ“ и цело време си ја потпевнувам една од омилените песни на „Прљаво казалиште“ сместена на легендарниот албум „Црно-бијели свијет“:
Zagreb te zove
Dođi na ulice grada
Zagreb te zove
Dođi u predgrađe
Се упатувам кон улицата „Влашка“, динамична улица со густ сообраќај, каде најпрво ме пречекува „Музејот на мамурлакот“, кој го скокнав, а стотина метри подолу е мојата зацртана дестинација. Висечкиот банер ја најавува неговата местоположба, до која се стигнува низ тунелот прошаран со графити и постери содржински соодветни на темата.
Десно од влезот е направена автентична инсталација на „Звечка“, пред која кон крајот на 70-те и почетокот на 80-те се собирала прогресивната загрепска и хрватска младина. Тоа била продавница на фабриката „Звечево“ во која си можел да сркнеш кафе набрзинка, да лапнеш нешто блачко и да шибаш понатаму низ денот. Набргу пред неа секоја вечер почнале да се собираат стотина млади луѓе од уметничката фела, претворајќи го тротоарот пред продавницата главна сообраќајница на авангардните идеи по смртта на другарот Тито. За што поавтентично доловување на духот на времето, тука се и легендарниот „Стојадин“, телефонската говорница, графитите, но и поштенските сандачиња на пар музичари за подобар шмек пред влезот во музејот.
Конечно, влез во рајот. Момакот зад пултот е зафатен со сметководство, но доколку ми треба било што, тука е за мене. Му заблагодарив и му реков дека ми одговара што сум сам во музејот, така можам подобро да го доживеам. Се насмевнавме. Тој за нијанса ја засилува музиката, и плеј листата од „Новиот југословенски бран“ ми е верен придружник во едночасовната музејска мисија.
Музејот не е голем, наликува на некогашен магацин, и во духот местото потполно одговара на целата замисла, но поради пребогатата понуда од разна меморабилија навистина ви треба време да разгледате се’, особено доколку сте љубопитен навистина да видите се’. Тргнав концептуално, од десната страна на ѕидот, на која низ фотографии и предмети се претставени работата на театарот „Кугла Глумиште“, каде својата уметничка кариера ја започнал и Дарко Рундек (оттаму на своите настапи во првите години со Хаустор излегуваше како пантомимичар), потоа, театарскиот фестивал „Еуроказ“ на кој се играле актуелни претстави од целиот свет, и меѓу нив, ликот и делото на Игор Кордеј, графички дизајнер, кој со Марко Илиќ креирал омоти за албуми за многу тогашни бендови, пред да направи завидна интернационална кариера во деветтата уметност, стигнувајќи и до вратите на „Марвел“.
За новите вибрации и тенденции во современата култура потребно е да имате и поддршка од медиумите. Клучна улога за сцената во Загреб одигрува популарното радио „101“ и неколкуте водители со препознатливи гласови кои сесрдно помагаат омладинците културно да се воздигнат над нивото на просечноста. Тука се и делата на неколкуте ликовни уметници, но и проектот „Весела Телевизија“, како музичка-видео вечер во клубот „Лапидариј“, каде режисерите Горан Гајиќ и Зоран Пезо ги анимираат присутните со магијата на „Новиот бран“. Подоцна, секако, стануваат пошироко познати по популарниот младешки филмски омнибус „Како је пропао рокенрол“ (1989).
Истите ликови (Гајиќ и Пезо) во текот на 80-те ја покренуваат и „Blue moon“ рокабили вечерта во култниот клуб „Кулушиќ“, чија сценографија го краси централниот дел на музејот, сето тоа во стилот на Ворхоловиот „Поп арт“.
Овој медијски дел го затвора впечатливата жолта машина за пишување на новинарката Сања Музеферија, која во почитуваните „Студентски лист“ и магазините „Старт“ и „Ревија“ дала огромен придонес за видливоста на „Новиот бран“ меѓу младите и пошироката јавност.
Конечно, посветата на бендовите. Старт со Хаустор, Филм и Кул-де-Сак. Дарко Рундек со реизданијата е активен и ден-денес на хрватската и регионалната музичка сцена, Јура сутблиќ одвреме-навреме знае да направи некој концерт, понекогаш и за 8 март, како подарок за дамите, а Кул-де-Сак беше олстар бенд во кој членуваа многу музичари од различни бендови, но неговото делување вклучуваше и ликовни и видео уметници и перформери, така што местото за присетување на нивното делување е сосема соодветно избрано – помеѓу Хаустор и Филм.
Најатрактивни во поставката се работничкиот комбинезон на Рундек со кој често настапуваше на сцената, кој го нашол во некоја кеса многу валкан, па специјално го испрал и го донел во музејот, и секако, препознатливата марама и очилата од една од многуте фази на Јура Стублиќ. Кога го замолиле да донира нешто за музејот, тој ги донел токму марамата и секси очилата, за кои рекол дека служеле за „заштита при работа“, затоа што често додека пеел жените му фрлале градници врз фацата, па морал да ги носи за да не го повредат со фижбанот 🙂
Zagreb te zove
Razbi dosadu
Zagreb te zove
Dođi na Zagrebov stadion
Следи поставката со меморабилија поврзана со уште три значајни хрватски бендови од тоа време, меѓу кои „Психомодо поп“ се’ уште се активни. Другите два се „Аниматори“ и „Боа“. Крешо Блажевиќ од „Аниматори“ почина во 2007 година, а „Боа“ со својот њу-вејв пристап во музиката оставија значаен печат на тогашната музичка сцена. За „Психомодо поп“ знаеме се’, особено за нивниот пробив по настапот во живо во клубот „Парадизо“ во Амстердам, откако во 1982 година започнаа со краткото и експлозивно име – „Нерв“.
Овој дел од долгиот десен ѕид завршува со една мала, но значајна посвета на неодамна починатиот Масимо Савиќ и неговиот матичен бенд „Доријан греј“, чиј истоимен албум ми е едно од омилените изданија од тој период, ако не и најомилен 😉
Музејската поставка продолжува од левата страна со посвета на панкерските бендови од тоа време, веројатно не баш познати за пошироката публика, меѓу нив и за потписникот на овие редови. Низ фотографии е одбележано постоењето и музицирањето на бендовите „Тробецове крушне пеќи“, „Клинска помора“, „Лос Фортуњерос“ и „Пингвиново потпалубље“, а најизвикано име меѓу нив, секако, е бендот од Госпиќ, „Sexa“ (Sedativ Ex Apotekae), кои создаваа музика инспирирани од „експресионизмот“ како уметнички израз.
Конечно, дојдовме до мангите од „Азра“, до крпата на Џони Штулиќ и „гаќите“ на Јурица Паѓен. Харизматичниот и контроверзен „Скопјанец“, според многумина, е предводник на целата таа луда музичка сцена во 80-те години, но поради неговите тенки нерви, дури и „позајмувањето“ на музејот на предмети поврзани со него предизвика бурни реакции на социјалните мрежи. Имено, Јурица Паѓен, единствениот на кој во Холандија, каде живее по распадот на Југославија, овој му крева телефон, ги нашол „пешкирот“ и гитарската педала во некоја вреќа во неговиот подрум, и се сетил дека тоа не се негови предмети, туку на Џони. Секако, го консултирал дали може да ги донира во музејот кој требало наскоро да се отвори, и овој му дал изим, бидејќи бил во „добрите“. По неколку дена се појави со напис во кој плука на секого поврзан со тој „посран музеј“, и така уште еднаш покажа дека, за жал, се’ уште е едно големо недозреано дете. Но, за Џони имам уште една добра приказна во ракавот, бидете трпеливи до крајот од текстот 😉
Како логично надоврзување следи бендот „Аеродром“ на Паѓен, како и помалку познатите и не толку популарните „Патрола“ и „Звијезде“, но по звукот, сепак дел од „Новиот бран“ во Загреб.
Zagreb
Zagreb je jedini grad
Zagreb te zove
Dođi u noćni život
Pogledaj posljednja svijetla
Dođi u ritz kabare
И на крајот од патувањето, заслужен простор за загрепските херои, „Прљавците“. Денес стадионските ѕвезди сепак започнаа со дуплерица во „Полет“ и наслов на текстот „Панк во Хрватска“. Откако првиот албум им беше оданочен поради шунд, со вториот („Црно-бел свет“) достигнаа завиден тираж и голема популарност. Останатото е историја.
„Музејот на Новиот бран“, освен оваа посвета на директните протагонисти на сцената, содржи и многу други детали кои ја надополнуваат сликата и контекстот во кој тој се одвиваше и реализираше. Најдиректен тактилен момент се изложените инструменти на музичарите кои лебдат околу вас, и кои слободно можете да ги допрете и почувствувате.
Тука се и зачуваните броеви од печатените медиуми меѓу кои, секако, доминира авангардниот „Полет“, кој ја започнал целата работа, но и британските музички магазини „Мелоди мејкер“ и „Њу мјузикл експрес“.
Симпатични се и останатите изложени дребулии кои го облагородуваат просторот, како висечките обувки, уште еден „Скопјанец“, Аки Рахимовски на една врамена фотографија („Парни ваљак“ барем на почетоците беа дел од целото движење), потоа, старите грамофони, легендарните вокмени, и секако, касетите на кои претежно се слушаше музика и кои ги вртевме со едно моливче на почетокот од страната. Многу ми се допадна и столната ламба направена токму од музички касети. А за длабочината на целото движење, добар доказ е приложениот магистерски труд на тема „Панкот и Њу вејвот во Југославија“ од 2022/2023 година. Алал вера за дипломецот!
И на крајот, мала фото галерија на Горан Павелиќ Пипо, фотографот кој со својот апарат ги архивирал најголемиот дел од случувањата и урбаното живеење во тогаш полетниот Загреб.
Ги разгледувам плочите и останатите изложени асесоари, и момакот, по слободна проценка малку постар од мене, станува, ми пружа рака и ми се претставува („Томислав“. „Еј, како татко ми“. „Супер“), ме кани на кафе-цигара-муабет, тоа свето тројство, но јас го замолувам најпрво да го посетам ве-цето, па потоа да седнеме. Тој ми вели дека тоа е веднаш тука, на влезот-излезот, но јас гледам уште една музејска поставка вредна за фотографирање, заборавајќи сосема на мочањето 🙂
„Панкерски е да се измоча музејското ве-це“, му велам со насмевка, а тој ми објаснува дека најпрво ве-цето било сосема нормално, но потоа некој дал инстант идеја дека не е автентично, бидејќи во сите алтернативни клубови ѕидовите се преполно со пораки, чкртаници, цртежи… и дека под итно мора да го направат во тој стил. Речено-сторено. Навистина е кул!
Времето во меѓувреме со подрасипало, почнало да дува силен ветер, но со Томислав не ни пречи да седнеме на масичката пред музејот, да испиеме кафе од автомат и тој да ми „продаде“ пар приказни за тоа како дошло до идејата за отворање на музејот, колку време траела реализацијата, проблемите со туристичката заедница на град Загреб која конечно ги ставила на мапата за да можат посетителите полесно да ги најдат, итн. Исто така, ми кажа дека постојано организираат настани, како посветата на Милан Младеновиќ, роден Загрепчанец (постер во прилог долу, како и цртежи од настанот), ме поканува да дојдам за два дена и да ја посетам берзата со стари плочи (што секако, и го сторив, иако не купив ништо), како и дека сакаат да ја прошират приказната со Белград, да направат некаков заеднички проект кој ќе ги спои двете сцени кои егзистираа паралелно.
Секако, најголем дел од муабетот зазема оној за непредвидливиот Штулиќ, чија реакција за педалата, иако претходно ја имав читано, ми ја дообјасни Томислав. Сепак, врвот на шлагот од тортата беше анегдотата за Џони и неговиот евентуален настап во Скопје пред една декада, која Јурица Паѓен, неговиот „неофицијален портпарол“, им ја раскажал при една од неговите посети на музејот. Имено, градските власти во Скопје имале идеја за отворањето на арената „Филип Втори“ (денес „Тодор Проески“), откако „Градски“ беше реновиран и фрлен во ново руво, да приредат спектакл кој ќе одекне и пошироко. За таа цел, на некој умник му паднало на памет дека би било добро доколку Џони Штулиќ, роден Скопјанец, би ја собрал „Азра“, и после толку години повторно би направил концерт, се разбира, на тревникот во „Арената“. Дошле некако до Паѓен и го замолиле да го контактира Џони за да му ја пренесе поканата. Овој го слушал и му побарал мејл од луѓето во Скопје за да не си играат расипан телефон. По некое време, нашите градски власти добиле мејл од Џони дека му се допаѓа идејата и им се заблагодарува што се сетиле на него, и дека се’ што бара е да му резервираат 11 еднокреветни хотелски соби. Нашиве се израдувале за горе-долу позитивниот одговор („Го имаме Џони!“), но ги чудело неговото барање со 11-те хотелски еднокреветни соби. Бидејќи им било непријатно да му пишат прашувајќи го што е работата, веројатно од страв да не се налути и да не го начекаат во неговата „жолта минута“, тие повторно му се јавиле на Паѓен и го замолиле, тој да го праша Џони. Јурица му се јавил, а Џони низ насмевка му рекол дека кога веќе отвора фудбалски стадион, нема да дојде да свири со некогашниот бенд „Азра“, туку со својот фудбалски тим од 11 играчи, и дека затоа за секого од нив побарал посебна соба. Лунатик 🙂
Му заблагодарувам на Томислав што последните половина час одвои време за единствениот денешен посетител и што љубезно ми раскажа неколку анегдоти кои слатко ме изнасмеаја. Се поздравивме, и заминувам назад во срцето на Загреб, задоволен од виденото. Некои работи навистина оставаат трага врз човека. Моќниот југословенски „Нов бран“ дефинитивно е една од нив, како носталгија, енергија, како залет и полет за новите почетоци и новото време пред нас кое треба да се освои, доживее и одживее, колку и да е различно од она пред четири и кусур декади.
Zagreb te zove
Razbi dosadu
Zagreb te zove
Noćni tramvaj još uvijek vozi.