Прекрасната Прага нуди многу можности, а за љубителите на музејските поставки особено атрактивен за посета е Националниот технички музеј. Оформен во далечната 1908 година, овој музеј е најголемата чешка институција специјализирана за музејски поставки од техничка природа. Векови наназад исполнети со технички иновации се презентирани во оваа атрактивна зграда на неколку ката, во која можат да се посетат 14 постојани поставки и неколку периодични изложби, секогаш тематски поврзани со намената на музејот.
До Националниот технички музеј од центарот на Прага се стигнува многу лесно. Со трамвај, попатно разгледувајќи го градот, можеби е најдобро, а најбрзо секако, со метро, симнувајќи се на станицата „Храдчанска“ доколку се возите со „А“ линијата, или на станицата „Влтавска“ со метро линијата „Ц“. По кратка прошетка набргу стигнувате до музејот, кој има огромен паркинг доколку сте дошле со автомобил. Уште во предворјето започнува музејската поставка со неколку атрактивни инсталации во просторот пред влезот. Таму, пак, купувате билет со различна цена доколку сакате да фотографирате, па ви лепат една налепница на маицата. Погледот од еден од погорните прозорци на музејот кон градот, пак, е неодолив.
Музејската прошетка ја започнавме од најдолниот, и се покажа, всушност, и најатрактивниот дел. На -1 катот се наоѓа делот „Транспорт“ со фантастични експонати од автомобили, мотори, велосипеди, авиони и бродови. Секако, прво во очи ви паѓаат висечките авиони од почетокот на минатиот век, прекрасно сочувани примероци чија атрактивност ве остава без здив.
Моторциклите исто така раскажуваат атрактивна приказна за историјатот на овие машини, кои неретко биле фатални за нивните сопственици на отворените патишта или на официјалните трки, кои отсекогаш ги следеле голем број на гледачи.
Тркачките автомобили, односно, едни од првите формули во историјата, заземаат значајно место во овој дел од музејот. Преку нивниот развој го гледаме и растежот на оваа индустрија, која набргу ќе го заземе приматот како една од најразвиените во 20 век, претставена и преку градските возила со прекрасен дизајн, кои ги одбележаа филмовите, и секако, вистинскиот градски живот во 20-те и 30-те години на минатиот век.
Дел од поставката е посветена и на развојот на железничкиот транспорт во Чешка од крајот на 19 и во текот на 20 век, преку една атрактивна локомотива на која можете да се качите и да ја разгледате до детал.
Во овој дел, за мене најатрактивни беа велосипедите. Ги имаше секакви, од различни периоди на развојот на велосипедизмот, и беше вистинско уживање да се разгледуваат од таква близина, сето тоа надополнето со автентични плакати од пред многу децении.
За љубителите на фотографската и филмската уметност, „Интеркамера“ е дел од техничкиот музеј посветен на развојот на фотоапаратите и филмските камери. Со уживање можат да се проследат сите експонати кои еве, веќе 13 децении наназад, па и повеќе, го бележат и архивираат развојот на човечката цивилизација.
Вселенските истражувања од 15 до 21 век се дел од поставката едноставно насловена „Астрономија“. На располагање на посетителите им се 220 инструменти и научни алатки користени од астрономите, геометрите, навигаторите, математичарите и картографите, на радост на многумина вљубеници во вселенската шир.
Уште една интересна тематска поставка насловена „Печатење“ ни го претставува историјатот на печатењето на книги. Од легендарната Гутенбергова преса од 15 век, која го смени изгледот на човештвото со нејзините можности, па преку различни машини и нивниот развој, се’ до знаменити имиња од чешката историја, оваа изложба навистина вредеше да се види.
Како реминисценција на не толку дамнешни времиња, во случајов од 1997 до 2011, во делот едноставно насловен „Телевизиско студио“ можете да присуствувате и да бидете дел од историјата на чешката телевизија, влегувајќи во студио автентично опремено со техника од овој период.
Како дел од периодичните изложби, имавме можност да присуствуваме на приказната за легендарниот италијански возач Тацио Нуволари од првата половина на 20 век. Тој прво бил страстен тркач со мотори, но потоа се префрлил на тркачките автомобили-едноседи и спортските автомобили од првите децении на минатиот век. На времето ги освоил сите големи награди на Европа, а интересно, единствена каде не победил е Големата награда на Чешка.
Надвор цел ден врнеше, и сфативме дека престојот во оваа музејска институција е идеален за вакво тмурно време. По исцрпното прегледување на понуденото, најмладите завршуваат во делот за анимации, а постарите на заслужен ручек со чешко пивце. Наздравје!