70 години Музeј на град Скопје

Не сум човек кој сака свечености, отворања и останати формалности. Затоа бирам некој од следните денови за посета на одредена изложба, која вообичаено трае подолг период, за да можам на раат да го видам изложеното. Возбудата околу најавениот  јубилеј „70 години Музеј на град Скопје“, како што гласи и насловот на изложбата, во чии рамки ќе се промовира и луксузна монографија, во јавноста траеше веќе одредено време. И, само еден ден по официјалното отворање, ете ме мене во познатиот простор на старата железничка станица, каде во изминатите децении се случиле безброј настани, поминале безброј уметници, се размениле еден куп енергии.

Старата скопска железничка станица, денес Музеј на град Скопје, е клучната точка на градот. Нејзината надалеку прочуена велелепност уште од крајот на 30-те години на минатиот век предизвикувала восхит, иако била „насадена“ во простор зад кој било пустош, и кој дури подоцна почнал да се урбанизира и обликува.

Сепак, пристигнувањето во Скопје со воз, а потоа и директното шетање до легендарниот хотел Бристол (кој во новата историја доби и поинаква конотација по атентатот на претседателот Киро Глигоров) и низ денешната централна улица „Македонија“ се’ до Камениот мост, претставувало вистинско доживување како за странците, така и за нашиот народ. За жал, Втората светска војна, а подоцна и катастрофалниот скопски земјотрес не ја поштедил оваа градска убавица, но нејзината пренамена во централен градски музеј со децении наназад е благородна идеја која на граѓаните им нуди уметност за душа и неодминливо место за средба.

70 години навистина претставува достоен јубилеј и очекувањата се дека ќе биде анимиран целиот простор на музејот за ваквата цел, но изложбата се случува во задната изложбена просторија, каде во централниот дел, на една долга ролна која минува низ целиот простор, е испечатен целиот историјат, со клучните личности споменати притоа.

 

На левата и десната изложбена страна се претставени дел од репрезентативните примероци на музејот, кои сме можеле да ги видиме во различни прилики, но никогаш вака, на едно место. Затоа, вреди да се посети изложбата, бидејќи веројатно и подоцна ретко ќе можат да се видат како на едно место „си прават муабет“ „Адам од Говрлево“ и „Големата мајка“ од истиот локалитет, да речеме. Или да видиме како „Дионис од Таурос“ од Јаболце жедно гледа во „Пехарот“ од 12-13 век, небаре ќе го испие наискап доколку излезе од стаклената витрина 🙂

Од вредната историја под закрила на Музејот на град Скопје, исто така, можат да се видат и „Статуетата на младото момче“ од почетокот на милениумот наспроти прекрасната икона на мајсторот Дичо Зограф од с. Тресонче од крајот на миленимот, како интересен пресек на развојот на уметноста на овие простори со векови наназад.

Најзастапени на изложбата се сликите на најрепрезентативните македонски уметници од различни генерации во минатиот, 20 век, па така, на едно место можеме да видиме дела на Петар Хаџи Бошков, Вангел Коџоман, Димитар Аврамовски Пандилов, Никола Мартиноски, Димитар Андонов Папрадишки… но и од русинот Никола Славин, едно масло на платно од 1925 година, кое го претставува Скопје во сиот тогашен сјај.

За љубителите на оружјето, носиите и накитот, кураторите на изложбата изложиле неколку репрезентативни примероци на фолклорни носии, сабји и кубури, како и  прстени, пронајдени на локацијата Рамниште во с. Ново село – Зелениково.

 

А можеби најинтересни за посетителите се двете насловни страници од книгите „Историја на Скопје и околината“ од 1908 и 1932 година (второ издание), напишани од Сали Рустембег, и подоцна Салих Асим, неговиот син, како први пишани книги за историјата на нашиот град и околината.

И на крајот, монографијата! Засега можев да ја видам само како изложбен објект, фино вклопена како дел од изложбата. Информацијата вели дека печатницата доставила малку примероци и веќе следната недела истата ќе биде достапна за читателите. Според најавите, во неа се претставени сите значајни музејски предмети и уметнички дела од збирките на музејот, таа ги содржи и ги обединува сите значајни настани, како и сите значајни печатени изданија што се резултат на работата на неколку поколенија музејски дејци. Монографијата и онака заслужува засебна објава и поглавје на овие страници, така што, вреди да се почека.

На крајот, излегувам од музејскиот простор и се сретнувам со почесните табли десно од влезот, на кои се претставени основните информации за објектот, како и говорот на Тито по земјотресот во 1963 година. Легендарните букви од страната неодамна беа вратени на своето место, но сега како да се недостапни за гледање и читање бидејќи пристапот токму на таа страна е недостапен поради градежни работи.

Заминувам, и си велам „среќа што пропадна идејата за активирање на часовникот чии сказалки стојат на 05.17 и не’ потсетуваат на моментот кога градот речиси беше срамнет со земја, како и на идејата да се слуша песна на отчукување на секој нареден час, не друго, туку како луѓето кои живеат во околината ќе можеле да го издржат тоа?“ 🙂

Шега на страна, пронајдете време, посетете ја изложбата и оддадете му чест на најградскиот музеј во Скопје, мислам дека вреди.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *