Наградените филмови на „КинеНова#10“

На 2 октомври се случи свеченото доделување на наградите „Златна грива“ во рамките на десеттото, јубилејно издание на Интернационалниот фестивал „КинеНова“. Жирито во состав Срдан Голубовиќ, српски режисер и претседател, и членовите Владимир Самоиловски, македонски кинематографер и Хамед Солејманзадех, ирански филмски критичар, откако изразија задоволство од селекцијата на кратките и долгометражните остварувања во официјалните селекции за наградите, ги донесоа следниве одлуки:

Во селекцијата од 16 кратки филмови, special mention за особено визуелно достигнување доби филмот „Затемнување“ од Ахмет Елзогби од Египет. Жирито сметаше дека станува збор за автентичен филм со исклучителна кинематографија и креативна игра со светло и ефекти.

За најдобар краток филм, пак, награден е „Пиратска земја“ на грчкиот режисер Ставрос Петрополус. Жирито го оцени како многу интересен филм, со храбро истражување и голем режисерски подвиг што креира простор за човечка комуникација во модерното време каде тоа не е многу лесно, и не’ тера да размислуваме подлабоко за нештата.

Во селекцијата од шест долгометражни дебитантски остварувања, тричленото жири за најдобро сценарио наградата му ја додели на филмот „Помеѓу боговите“ на авторите Момир Турудиќ и Вук Ршумовиќ. „Филм за сомнежот, длабокото човечко егзистенцијално преиспитување на животот, прашањето за човештвото и суштината на нашето постоење, со исклучителни ликови, прецизност во нарацијата, кредибилитет на ликовите и јадрото на она што ни го нуди кинематографското раскажување приказни“, вели образложението.

Истиот филм ја понесе и наградата за најдобра режија со следното образложение: „за внимателно осмислениот и контролиран мизансцен, исклучителната работа со актерите, минималистичките режисерски алатки преку кои режисерот создава емоции, интимност и разбирање – силни и моќни, трогателни и убедливи визуелни елементи“.

Фестивалското „Гран при“ отиде во рацете на грузискиот режисер Георге Сикарулидзе за филмот „Паноптикон“, кој е копродукција меѓу Грузија, Франција и Италија. Жирито ја образложи одлуката на следниот начин: „Исклучителна режисерска интуиција во раскажувањето приказни која се базира на клише, но далеку ги надминува границите на очекуваното, внесувајќи нè во светот на личниот, кревкиот и еротски универзум на главниот лик. Чувствителноста, храброста, непредвидливоста и ранливоста на ликовите во филмот создаваат мозаик од необичен и фасцинантен свет на непознатата Грузија“.

Благодарност до жирито и, се разбира, препорака да ги погледнете филмовите, доколку тоа не го сторивте за време на фестивалот. Поздрав до следната година и селекцијата на нови, возбудливи деби остварувања кои ќе ги снимат филмаџиите, ловејќи ги животните приказни со отворени очи 😉