Награди на јубилејното, 40-то издание на фестивалот „Браќа Манаки“

Синоќа во Битола беа доделени наградите за најдобрите кинематографери на 40-то издание на „Браќа Манаки“. Жирито составено од Ед Лакман, Калојан Божилов, Доминик Велински, Фејми Даут и Ненад Дукиќ ги донесе следниве одлуки:

Наградата „Мала камера 300“ ја доби кинематограферката Констанца Сандовал од Аргентина, за филмот „Чудовишен Господ“, поради поетичноста на сликата и суптилното користење на боите во приказната. Special mention отиде во рацете на кинематограферот Гијом Ле Гронтек за филмот „Комбето“, поради употребата на рачната камера која ги истакнува главните аспекти на приказната и употребата на боите на експресивен начин. Уште едно „посебно признание и’ е доделено на кинематограферката Јоланта Дилевска за филмот „Ајка“, поради интуитивната употреба на камерата – пристап кој и визуелно и драматуршки ја изразува емоцијата на главниот лик.

Кинематограферот на филмот „Пирани“, Даниеле Ципри е добитник на „Бронзената камера 300“ поради устроениот натуралистички пристап, силата на кадрирањето и светлото, заедно со глаткото движење на камерата.

Кинематограферот Џинсонг Донг ја доби „Сребрената камера 300“ за филмот „Езеро на дивите гуски“ поради квалитетот на фотографијата, постигнат преку светло и бои, особено во ноќните сцени. Моќна стилизација на фотографијата и кошмарниот свет на ликовите кои ја збогатуваат приказната.

И на крајот, главната награда „Златна камера 300“ отиде во рацете на кинематограферката Хелен Луварт за филмот „Невидливиот живот на Евридика Гузмао“, поради суптилното користење на боите и силните композиции кои ги откриваат емоциите на ликовите и нѐ приближуваат до приказната. Хелен Луварт маестрално ни ги покажува можностите на кинематографијата и нејзината психолошка моќ за раскажување приказни, сметаа членовите на жирито.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *