Наградените филмови на „КинеНова“ 2019

Според реакциите на публиката и медиумите, годинашното, четврто издание на „КинеНова“ донесе возбудлива програма, на задоволство на филмските сладокусци. Посетеноста на кино-проекциите и неколкукратното полнење на кинотечната кино сала беа доволен доказ за тоа. За мене претставуваше голема обврска, но и кеиф да се одделат најдобрите дебитантски остварувања и да се стават пред судот на посетителите и тричленото жири, кое исто така имаше само пофални зборови за понуденото.

Рускиот документарист Васили Мански како претседател, човекот за чиј филм „Путиновите сведоци“ имаше голем интерес и преполна сала, и членовите Јесим Устаоглу, турска режисерка, со која направивме многу фин муабет на сцена заедно со  ad hoc гостинот Влатко Стефановски, композиторот на музиката за нејзиниот филм „Патување до сонцето“, и Ана Хофман, селектор на „Форум“ програмата на Берлиналето, ги издвоија најдобрите, и ми се чини дека годинашните награди на „КинеНова“ отидоа во вистински раце за вистинските филмски перформанси.

Правото да додели „Special mention“ жирито си го искористи без предрасуди, и наградата и’ ја додели на српслата актерка Снежана Богдановиќ за главната улога во филмот „Шевови“ на Мирослав Терзиќ.

„Снимањето на филм е тимска работа. Многу луѓе даваат свој придонес во визијата на режисерот. Со ова „специјално споменување“ сакаме да ја наградиме актерката чија сензитивна, фина и суптилна интерпретација на главниот лик е круцијална за емоционалното влијание во филмот“.

Наградата за најдобро сценарио жирито му ја додели на сценаристичко-режисерскиот пар Наташа Меркуловa и Алексеј Чупов за филмот „Човекот кој ги изненади сите“.

„Приказната раскажана во овој филм истовремено е реалистична, магична и изненадувачка. Да се раскаже истата на сосема верен, но и необичен начин е можно единствено со прецизно развиено сценарио“.

Тричленото жири за најдобар режисер го прогласи грчкиот филмаџија Бабис Макридис, кој се потпиша како реализатор на црната комедија „Сожалување“.

„Комедијата е тежок жанр. Во оваа црна комедија за човековата егзистенција, филмаџијата покажува одличен талент за апсурдот, одлично чувство на баланс за времето, дијалогот и музиката“.

И на крајот, главната награда на „КинеНова“ за најдобар филм отиде во рацете на авторката Елке Маргарет Леренкраус за нејзиниот документарен филм „Љубовен автомобил“.

„Режисерката во својот филм ни го покажува светот кој вообичаено не сме во можност да го видиме. таа ни раскажува за насилството, стравот, тешките меѓучовечки односи, пријателството, потрагата по подобар живот. Ние бевме фасцинирани од близината и соработката меѓу филммејкерите и протагонистките, што заборавивме дали гледаме документарен или фикшн филм“.

https://www.youtube.com/watch?v=or_ZwJBLXRA

„Малото“ жири во состав Димо Попов (кинематографер), Ујкан Хисај (продуцент и режисер од Косово) и Иван Ивановски (ликовен уметник и режисер на анимирани филмови) одлучуваше за најдобрите краткометражни филмови. Еве ги нивните одлуки:

За најдобар интернационален краток филм е прогласен германскиот „Капетанот“ на режисерот Стив Бах, најдобар македонски краток филм е „Готлиб“ на режисерот Крсте Господиновски, а специјално признание добија италијанскиот „Мојата сестра“ на Саверио Капиело и „Змијулче“ на Крсте Господиновски, Жарко Иванов и Кристина Гацова.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *