Рецепт за успешна кинематографија: Романската кинематографија во последниве години ја доживува својата филмска ренесанса, со што стана најактуелна на Балканот
На почетокот од текстот веднаш се наметнува тезата дека штом една држава по долги години излегува од мракот, на површина се појавуваат еден куп валидни животни приказни што „плачат“ да бидат екранизирани. Меѓутоа, како и секоја земја од поранешниот Источен блок, и Романија се дави во долг транзициски период во кој недостасуваа елементрани услови за нормален граѓански живот, а камоли фреквентни режисерски имиња кои би го снимиле сето тоа, надевајќи се на меѓународна видливост и фестивалско признание. Но очигледно тој период е зад нив и романската кинематографија, која и не може да се пофали со многу репрезентативни наслови во минатото, конечно, во последниве години ја доживува својата ренесанса.
Се’ започна пред неколку години со филмот „Мсртта на г-нот Лазареску“, тажна приказна за ромаснкиот здравствен систем во распаѓање, кој на еден пензионер до бескрај ќе му го загорчи животот. Овој филм беше хит на фестивалите низ светот и им отвори добар пат на другите романски остварувања што следеа. Кинотеката на Македонија, во соработка со своите колеги од Букурешт, во десетина прикажувачки денови ни овозможи да видиме поголем дел токму од новите, но правејќи пресек и на постарите остварувања од оваа балканска земја, а потоа фестивалот „Синедејс“ го комплетираше впечатокот со прикажувањето на актуелните лауреати на Канскиот фестивал, филмовите „4 месеци, 3 недели и 2 дена“ (Гран при) и „Калифорнија сонува“ (Извесен поглед).
Токму овие два филма беа меѓу највпечатливите на „Деновите на евопскиот филм“ во МКЦ, кадешто организаторите оваа година влегоа далеку поамбициозно во овој проект, доделувајќи и награди за најдобрите. Филмот „4 месеци…“ го отвори фестивалот во Скопје, наидувајќи на бурна реакција кај публиката, барем кај оние со послаби стомаци. Изненадувачкиот годинашен кански побденик е само второ остварување на младиот режисер Кристијан Мунгиу, чиј првенец „Несреќа“ од 2002 година можевме да го видиме во Кинотечната програма. И во двата филма авторот се занимава со небулозите со кои мораше да живее обичниот романски човек во времето на Чаушеску. Во приказната за двете студентки Габита и Отилија, од кои едната е бремена, авторот на моќен начин ја разработува темата за илегалните абортуси, која во времето на комунизмот беше причина за смртта на голем број на жени. Но според критичарите, Мунгиу со филмот оди и подалеку, навлегувајќи онаму кадешто никој досега не успеал ниту да ѕирне, барем кога станува збор за третирање на олку специфична тема.
Ако Мунгиу во своите филмови се навраќа и го разголува тешкото минато на својот народ, тогаш неговиот современик Кристијан Немеску со сиот свој цинизам не’ бомбардира со филмовите кои тематски се сместени во транзициониот период, кој, иако Романија влезе во ЕУ, за поголемиот дел од граѓаните ќе потрае уште долго време. „Калифорнија сонува“ се базира врз вистинска приказна, за еден воз натоварен со воена опрема на НАТО, стопиран во едно мало место на романската граница. Во филмот режисерот, покрај исмевањето на бомбардирањето на Југославија во 1999 година од страна на Алијансата, на хумористичен начин ја прикажува и горчливата реалност во која живеат неговите сонародници. За жал, Немеску загина во сообраќајна несреќа и не успеа да го види филмот завршен, но тој е онаков каков што авторот и го замислувал, така што постхумната канска награда е најубав подарок за него.
Приказната за подемот на романскиот филм ќе ја заокружиме со неколку факти, од кои и македонската кинематографија може да извлече конкретни заклучоци. Филмологот Маријан Цуцуи, кој во Кинотеката на Македонија беше дел од дебатата со наслов „Постои ли рецепт за успешни балкански филмови?“, објасни: „Продукцијата во Романија до пред пет-шест години беше многу мала, но сега можеме да се пофалиме со вистински успешни примери. Таа се должи на донесувањето на законот со кој, наместо, 30, сега се издвојуваат 60 отсто од буџетот, од кои 70 проценти за дебитанти. Така успеавме да стигнеме до ниво од 10 до 12 долгометражни филмови годишно и околу 40 краткометражни, документарни и анимирани филмови“. Очигледно, станува збор за стратегија која одлично функционира!
@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 27 ноември 2007 година.