New music first, кон „Здраво млади 9“

Лани на први септември, а годинава ден порано, фестивалот „Здраво млади“ со деветтото издание ја докажа својата зацртана траекторија по која се движи сите овие години, преточена во јасниот слоган „New music first“. За разлика од загрепскиот „ИнМјузик“ и новосадскиот „Егзит“, кои годинава ја имаа среќата хедлајнери да им бидат The Cure, па продажбата на влезниците одеше како алва, МКЦ како организатори на овој фестивал на сосема различен начин и’ пристапуваат на музиката и претставуваат вистински свеж здив во регионот, што може и да се препознае по посетеноста, каде реки млади луѓе беа дел од возбудливиот настан синоќа во паркот зад МКЦ.

Стандардно, се паркирам на скопската калдрмисана „улица на црвените фенери“ некаде околу 19.45, но се’ ми изгледа неприродно празно. Звукот доаѓа некаде од позади, и службените лица ме упатуваат во паркчето каде годинава е новата локација на фестивалот. Се’ e прописно заградено, и морам да вртам дури откај МАНУ за да стигнам на местото на настанот. Попат го сретнувам Блаже Конески, го поздравувам со една фотографија и си помислувам дека покрај маестрото вечерва ќе поминува една нова генерација млади луѓе жедни за нови (звучни) искуства, дека господарот на зборовите ќе слуша нови звуци кои на ваков или онаков начин ќе влијаат на новите деца, со надеж дека истите нема да го заборават македонскиот јазик. Но, вечерва е сепак време за журка!

За кратко пристигнувам во бермудскиот триаголник на македонската голгота, паркчето кое во децениите наназад вообичаено беше точка во која неретко се практикуваа „ниските страсти“, во срцето на тројната оска МАНУ-СУД-МРТВ, кај споменикот т.н. „црвена бомба“, или „шишарката“ 😊 Супер, одличен потег на луѓето од МКЦ да го вратат во живот овој простор, кој се покажа дека одлично функционира за ваков тип на летни музички фестивали, бидејќи има просторност, зеленило и отворено небо над нас. Откако добив жиг на раката во вид на фестивалска алка низ „конц-логор-жицата“ на влезот, конечно станав дел од „Здраво млади“ филозофијата. Се’ уште нема гужва, посетителите после 21 часот почнаа помасовно да влегуваат на фестивалот, вложувам пари за пијачки/јадачки на платежната картичка, која е новина на фестивалот, и се приближувам кон (моите) први изведувачи на сцената.

За жал, аргентинското дуо со берлинска адреса, Mueran Humanos, веќе го завршиле својот настап, и се прашувам: кој дошол во 19 часот да ги гледа, да го е.ам? Но имало и такви, за среќа, па од пријателите добивам позитивни реакции за нивната четириесетминутна психоделична свирка. Она што за мене е деби настап се момците од македонската хип-хоп група ZeeBomb во соработка со Matej Foltz, стандардна формација која низ еден lazy пристап ги изведе своите ангажирани теми, докажувајќи дека овој израз има свој континуитет на нашата музичка сцена, создавајќи талентирани музичари кои својот гнев, но и радост кон животот го канализираат низ суптилна хип хоп естетика на сцената.

По нив, можеби малку несоодветно, но настапува дуото „Дилон“, зад кое стои бразилката од Берлин Доминик де Бингтон, која со својот пријател не’ маѓепса со ангелскиот вокал и настапот во стил на Daughter, или подобро, Chinawoman на истиот овој фестивал.

Во паузата меѓу два настапа ја посетувам изложбата под отворено небо. Оваа година честа да ја претстави својата фотографска работа му припадна на неуморниот Зденко Петровски, кој сиве овие години наназад е „дежурниот виновник“ зошто поголемиот дел од концертите во МКЦ си добија своја доживотна квалитетна архива.

 

Тивок, ненаметлив и строго професионален, Зденек е будното око на урбаната музичка сцена која гравитира околу МКЦ, и со право му е отстапен простор во рамките на „Здраво млади“ со цел неговата работа да допре до пошироката публика.

Интересно, освен препознатливите лица на музичарите, на фотките може да се видат и дел од луѓето кои се активни чинители на концертниот/ноќниот живот во Скопје, што претставува додатен квалитет на изложеното. Фотките ќе можат да се видат и во текот на следната недела во холот на МКЦ.

Токму во холот е сместена и втората, денс/ди-џеј сцена, која сепак ја отвори гитарско име, лидерот на култните „Girls against boys“, Скот МекЛауд, кој во петокот одржа и работилница за  гитара за деца од 10 до 14 години, во рамките на јуниор програмата на фестивалот. Скот настапи соло, шетајќи низ авторскиот репертоар, како добро загревање за она што не’ очекуваше надвор, американските инди херои „Оператори“.

Токму на кирилица и беше напишано нивното име на екранот позади, претпоставувам на иницијатива на Билјана Мирковски алијас Девојка, која е северноамериканска снашка веќе 20-тина години, сопруга на лидерот Ден Бекнер, кој пак зад себе има фино портфолио членувајќи и музицирајќи во неколку алт бендови од почетокот на милениумот.

 Со изглед и став на Џое Страмер од „Клеш“, Бекнер беше главната движечка енергија на сосема солидниот настап на Operators, а момент за паметење беше кога Билјана/Девојка на подзаборавен македонски побара од публиката да ја испее „Скопје младост ти ќе бидеш“, на што присутните со драго срце ја прифатија играта. Убаво.

Голем фан на „Оператори“ е г-нот Ане Тунтев, кој во друштво на Штипјанецот Горан Јовановиќ ја одржуваа рамнотежата од страна на концертните ветерани во однос на претежно помладиот дел на фестивалската публика. Така и треба да биде 😉

Додека со нетрпение ја очекуваме кумановско/скопската атракција РИБ, ги разгледувам другите содржини во паркот, каде има за секого по нешто. За оние со главата во облаци на располагање е 3-Д патување во виртуелниот свет, за оние со вишок енергија која не сакаат да ја потрошат во шутка пред сцената не е на одмет малку бокс, за подебелките малку мрсничко во делот за храна, за оние што мрчат – мрчандајз 😊, и за мрзеливите – масички и хамаци за социјализација/дружба.

 

Со првите рифови на Ивица и Јане и продорниот ритам на Џано од позадина, веднаш се насетуваше дека РИБ вечерва ќе имаат еден од најдобрите настапи, ако не и најдобар. Интрото беше доволно индикативно дека триото во овие пар години веќе ги достигнува своите врвови, делниците се прецизни и добровозечки, а одредени теми го имаат она прекршување кога таман си се заиграл, момците ја смируваат атмосферата, за потоа повторно да те вратат во игра со уште поголема енергија.

 

Очигледно РИБ веќе имаат и свои поклоници меѓу младата генерација, бидејќи момците и девојките во првите редови очигледно ги препознаваа темите и секогаш реагираа позитивно на нив. Изненадувањето и преминот кон следниот бенд беше заедничкиот настап на РИБ со вокалот на Fujiya & Miyagi, Дејвид Бекам… пардон, Дејвид Бест, одлична тема која можеби најавува нов патоказ за музичка размисла во иднина. Напред наши 😊

Време беше да се оди таму „кадешто царот оди гол“ и каде се смеам на неколку графити на плочките на стандардно затнатото ве-це во МКЦ.

Во холот програмата продолжила со ди-џеј сетови на најавените артисти, а во моментот одеше популарната фанки тема на Бруно Марс и Марк Ронсон за размрдување на газовите на неколкумината присутни.

Излегувам надвор за да го проследам настапот на споменатиот електронски бенд од Брајтон, а попатно ја забележувам фестивалската атмосфера, која е веќе вжештена.

„Фуџија и Мијаги“ не се мој тип на музика, им дадов шанса, но не можев да се оттргнам од впечатокот дека гитарата и басот во рацете на музичарите дефинитивно се вишок.

Вокалот на Бекам… пардон, Бест, е длабок и сугестивен и веројатно добро функционира на слушалки, но во живо харизмата изостанува. Сепак, бендот направи добра атмосфера и го однесе фестивалот до својот зенит.

Се враќам во холот на МКЦ и посетеноста таму веќе е и повеќе од солидна, што значи дека овде ќе се танцува до раните утрински часови. На главната сцена, пак, финишот е резервиран за хрватските електро-поп бендови „Свемирко“ и „Ниплпипл“. И тогаш скокајќи на неа се појавува маркантниот шармер Марко Вуковиќ, кој облечен опуштено и летно, во бел шорц и жолта маичка, заедно со екипата не’ извозеа низ меланхолично-романтичните текстови во кои претежно зборува за загубата на љубовта. „Хрватскиот Ештон Качер“ секако дека ги освои срцата на девојките, кои ги пееја неговите песни на глас заедно со него. Елегантно.

  

И на крајот, мистериозната денс атракција „Ниплпипл“ за заокружување на деветтото издание на „Здраво млади“. Кондицијата веќе не е на завидно ниво, звукот кој доаѓа од сцената не ми е уверлив, па „старите коски“ сепак ми дадоа знак дека полека треба да ја напуштам сцената, оставајќи ги младите, оние на кои и претежно им е наменет овој прекрасен фестивал, да се спојат со ѕвездите над Скопје.

  

До следното, јубилејно, десетто издание на фестивалот, кога ми се чини дека еден-два добри хедлајнери ќе завршат голема работа, како Cigarettes after sex лани. Секако, и јас ја палам последната цигара ноќва, за средување на впечатоците, пред да осамне новото сончево утро над градот и да ми шепне: „Здраво, младиќу“ 😉

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *