Амулјани

Не го давам Јадранско море, но поради близината, и особено кога имаш деца, Халкидики е пологичен избор. Од пријатели и познаници веќе неколку години наназад добивавме фини оценки за малото островче Амулјани, и оваа година падна одлука да се помине летниот одмор токму таму.

Се патува до почетокот на третиот крак, и од Трипити, со траект, за 10 минути се стигнува на островчето, во кое буквално се’ е во мини варијанта. Селцето/населбата има една трафика, една бензиска (и тоа каква!), неколку таверни, кафулиња, детско игралиште, забавен парк, и сето тоа изгледа кичесто, но, си дошол на одмор, нели. Во единственото населено место има мали плажички, но тие се сепак за оние, мрзеливите, па затоа најдобро е да се упатите кон оние оддалечени најмногу 3-4 километри, кон каде и да се упатиш. А тек зајдосонцата… милина!

Најпознатата и најпосетена плажа е Алики, во чии рамки се наоѓа и кампот. Неможноста да се најде паркинг и принципот „чадор-до-чадор“ и „крпа-до-крпа“ уште веднаш ја избришаа оваа, сепак, убава плажа, од нашиот интерес. Затоа се упативме отспротива, кон Карагаци. Прекрасен залив со бар на плажа, класична поставка, при што краевите се оставени за оние со сопствен, магарешки товар на грбот, меѓу кои и ние. Но, тоа ти обезбедува малку приватност и слушање на брановите од морето, а не на летните хитови. Карагаци е супер, таму запознав и еден Словенец со три сина, чија крајна дестинација му беше Света Гора отспротива, животна приказна раскажана во три часа после која пивцето е далеку повкусно.

Калопигадо, пак, е соседски залив на споменатата Алики, и најразлична плажа од сите на островот. Ситниот песок, речиси муљ, велат дека е лековит, и многу луѓе се мачкаа по целото тело, и потоа така дремеа на плажа со саати. Влезот во морето е со алги, но плиток, како во Улцињ, со еден голем влез до глужди, за дури потоа да се нурнеш во убавата тиркизна боја на морето. Посебен штимунг правеа двата ротвајлера на едно бугарско семејство, кои цел ден беа влези-излези во водата. И генерално, на Амулјани претежно има Бугари како туристи, веројатно поради близината, но и убавината на островот. Тук-таму по некоја романска и албанска регистрација, и секако, неизбежните Срби. Класика – Балкан во мало!

 

По 2-3 дена лежерност, влегуваме во авантура и решаваме да ги посетиме двете плажи кои ни ги дава гугл мап на северот од островот. Прво се качуваме до брдцето до каде има асфалтиран пат, и потоа надолу по релативно добар земјен пат, и стигнуваме до Банана бич. Супер уредена, со хамаци, балдахини, сенки, прекрасен бар, но без луѓе!? И тогаш стигнува брод со 100-150 туристи, кои за 10 минути ја окупираат цела плажа. Значи, поентата на ова заливче е да му се пријде од морето, а не со автомобил. Истата приказна важи и за соседната плажа Тратоволи, но за да се стигне до неа, мораш да совладаш една удолница која сто пати се покајав што ја извозев. Ми стана јасно дека сум направил грешка дури кога стигнав долу и кога видов два паркирани џипа, кои ми се понудија да ме влечат нагоре доколку не успеам да се искачам. За среќа, приказната имаше среќен крај, но не се искапевме ниту на Банана ниту на Тратоволи, поради настанатата вонредна ситуација 🙂

Во вториот дел од одморот ја откривме линијата на плажи наречена „Мегали амос“. Крајната точка на островот од таа страна е „носот“ веднаш спроти Уранополи, а во продолжение е групата острови Дрениа, или таканаречени „магарешки острови“, до кои се стигнува или ако изнајмиш чамец, или со организирани тури преку агенција. Островчињата делуваа пусто оддалеку, но сигурно плажите им се убави, бидејќи гледавме дека има многу посетители. Ние сепак се задржавме на Остров-плажата, поради истоимениот Island bar во близина. Поради големината, оваа плажа дозволуваше интимност, додека отспротива се протегаат планините кон Света Гора, а на самиот раб имаше едно мало „светилиште“ кое туристите го посетуваа бидејќи од него се протегаше прекрасен поглед. Најголем проблем беа „чамџиите“, односно, туристите кои за 70 евра дневно изнајмуваа чамец, најчесто од Трипити и Уранополи, и прво копно на кое застануваа е токму оваа плажа, но најчесто ти се тупнуваат баш пред тебе и го оставаат чамецот тука, пред твојот нос, со чест на исклучоци, кои се истовараат, па потоа возачот оди во длабокото, пушта сидро, и пливајќи се враќа на брегот. Сето тоа го набљудуваше еден галеб отспротива, кој не мрдна од карпата, освен кога 2-3 нуркачи не му го пореметија денот на 15-на минути. Попладне му се приклучи и партнерка, со која потоа заминаа некаде во добар провод

Сепак, омилената плажа на која поминавме највеќе време се наоѓаше еден километар претходно. Иако првиот пат не’ дочека со облачно и ветровито време, Агиос Георгиос, барем она крајно парче кое ние го освоивме на неколку дена, и покрај класичниот бич-бар во средината од плажата, нудеше совршен мир, тиркизно море, богатство при нуркањето поради блиската карпа, малку аматерски риболов, и на крајот, жесток ватерполо меч.

Се’ на се’, топла препорака за Амулјани, нема да згрешите!

П.С. Ги молам туристичките агенции, после текстов, да не се тепаат кој попрво да ми даде бесплатен аранжман за Амулјани, на кој дефинитивно повторно би одел