Во октомври 2013 година во Даут пашиниот амам, на влезот од Старата скопска чаршија, се одржа прекрасна изложба насловена „110 години од раѓањето и 40 години од смртта на Никола Мартиноски (1903-1973)“, на која освен сликите на маестрото, беа претставени и по неколку дела од повеќе македонски уметници како Лазар Личеновски, Димитар Пандилов Аврамовски, Томо Владимирски, Борислав Траиковски, Спасе Куновски, Вангел Коџоман… негови современици и ревносни чинители на современата македонска уметничка сцена во 20 век.
Чепкајќи во фото архивите, многу се израдував кога ги најдов фотографиите од изложбата, на која во живо, со часови, можеше да се ужива во прекрасните слики на мајсторите на македонската ликовна уметност. Никола Мартиновски беше претставен со 50 дела во масло на платно, стакло и картон и 20 цртежи, а како дел од оваа изложба македонската јавност за прв пат можеше да ги види двостраната слика “Акт” изработена околу 1930 година, и “Цвеќе” од 1940 година.
Во зачуваниот каталог од изложбата кураторката Мирјана Талеска (кустос советник) нагласува: „Никола Мартиноски е автор кој заслужува повторно и по разни поводи да се навраќаме и да се потсетуваме за неговата историска улога и неговото место во создавањето и развојот на современата македонска ликовна уметност, како составен дел на националната култура во Македонија воопшто. Местото на врвот во македонската современа уметност на Мартиноски најзаслужно му припаѓа поради неговото своевидно поврзување на епохите – емотивната блискост и високата почит кон средновековното сликарство во Македонија и синтезата која тој ја создаде, напоредно со современите модерни струења. Во неговото исклучително богато творештво, авторот во сите традиционални теми и жанрови умееше да ја вреже својата сопствена и сложена творечка личност. Академикот Никола Мартиноски е сликар со високо стилско – изразни ликовни вредности, уметник со посебна и ретка индивидуалност во ликовниот ракопис“.
(Автопортрет, 1969)
Никола Мартиноски e роден е во Крушево во 1903 година, дипломирал на Училиштето за убави уметности во Букурешт, Романија во 1927 како најдобар студент на генерацијата. Во 1927 и 1928 година престојувал во Париз каде ја посетува Académie de la Grande Chaumière и Ransan. По враќањето во Македонија, освен воведувањето на европските модерни сликарски обележја , тој се истакнал и со својата активност во областа на културата и уметноста. Мартиноски раководел со Средното ликовно училиште во Скопје, Друштвото на ликовните уметници, Уметничката галерија во Скопје или денес позната како Национална галерија на Македонија, учествува во формирањето на Македонската академија на науките и уметностите, институции кои и денес се основни носечки елементи на македонскиот културен живот. Неговите уметнички дела се наоѓаат во колекциите на повеќе музеи и галерии, како и во голем број приватни колекции во земјата и во странство.
(Ученикот Диме (1945, лево) и Продавач на весници (1942, десно)
(Дервиш со бела брада (1934/35, лево) и Питач (1938)
Еден од убавите моменти на изложбата беше можноста да се видат сликите на кои Мартиноски им оддава почит на жртвите на скопскиот земјотрес во 1963 година, дела кои на моменти наликуваат на оние на холандскиот мајстор Хиеронимус Бош.
Скопски земјотрес, 1964/65
Земјотрес, 1967
Сè до неговата смрт Мартиноски бил директор на Уметничката галерија – Скопје, а во 1967 година станал и редовен член на Македонската академија на науките и уметностите. Тој е добитник на Награда за животно дело (1964) и Наградата АВНОЈ (1967). Во 1968 година, во Крушево, е основана Галеријата на Никола Мартиноски, со повеќе дела кои тој му ги подарил на својот роден град. Мартиноски бил креативно активен, сè до неговата ненадејна смрт, на 7 февруари 1973 година.
Месечина, 1961
Тешкото, 1970
Секако, моменти за паметење беа минутите поминати пред неговите легендарни масла на платно, Доилка (1970) и Акт на млада циганка (1971), едни од најубавите во историјата на македонското сликарство.
До следната ретроспективна изложба на маестрото, која се надевам дека ќе понуди уште поопширен и поинаков поглед на неговите антологиски дела.