На први март во Археолошкиот музеј во Скопје беше отворена изложбата „Нингјо“, по повод 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу Јапонија и нашата држава. Експонатите, избрани од колекцијата на Јапонската Фондација, патуваат низ целиот свет, а македонската публика ќе може да ужива во нив заклучно со 26 април.
Јапонската Фондација е формирана со цел низ културна размена да се шират врските на оваа азиска држава со останатите земји низ светот. Патувачката програма содржи петнаесет различни изложби кои ја претставуваат културата на земјата на зајдисонцето низ современа уметност, фотографија, занаетчиство, архитектура, дизајн, манга стриповите и секако, прекрасните минијатурни кукли изложени во Скопје.
Јапонската уметност периодов ќе прошета низ 80 различни музеи низ светот воспоставувајќи културен дијалог со домашните уметници, проширувајќи и надополнувајќи го богатото артистичко искуство.
Насловена „Нингјо“, во превод „Човечки облик“, изложбата содржи 67 внимателно и прецизно изработени кукли, поделени во четири категории: „Нингјо за молитва на детскиот развој“, „Нингјо уметност“, „Нингјо фолклор“ и „Ширењето на Нингјо-културата“.
Куклите претставуваат сеопфатен преглед на моделите на јапонските кукли, од Каташиро и Амагацу, кои се сметаат за архетипови на јапонски кукли, преку локални кукли кои ги рефлектираат климата и анегдотите од целата земја, како и кукли-играчки од денешницата кои се ценети низ целиот свет.