Таткото и ќерката Копола

Хотел „Континентал“, Скопје, крај на 80-ти.

Славниот Френсис Форд е поканет на свадба кај роднини по некоја македонско-италијанска линија, и со себе ја поведува тинејџерката Софија. Сопругата не сакала да чуе за патување на Балканот. Некаде по 2-3 часа веселба, очигледно на славниот режисер, по пар слаби шприцери, му станува досадно, бидејќи токму тој ги сними славните свадбарски сцени во „Кум 2“, и ја вади камерата од џебот.

Софче уште одамна превртува очи и му вели да си заминат зашто цел ден се чувствува „загубена во преводот“, не разбирајќи ни збор од роднините.

– Барем да знаев што се дешава на свадбава, ништо не разбирам!?

– Земи го камерчево и снимај. Ќе ти биде поинтересно.

Тоа е моментот кога Софија Копола, подоцна Оскаровка, за прв пат ќе го види светот низ окото на камерата, и за разлика од малите улоги во дотогашните филмови на татко и’ и неговите пријатели, ова за неа ќе биде оној антологискиот, вистински влез во светот на седмата уметност.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *