На денешен ден во 1979 година, на Скопјанката Гонџа Бојаџиу, попозната како Мајка Тереза, во Осло и’ беше доделена Нобеловата награда за мир. Во нејзиниот спомен-музеј во Скопје, на видно место се истакнати копијата од дипломата од овој настан и фотографијата која датира токму од 10 декември, кога Мајка Тереза лично ја примила наградата од Нобеловиот одбор.


Нобеловата награда за мир е една од петте награди оставени во наследство од шведскиот индустријалец, изумител и производител на оружје, Алфред Нобел, заедно со наградите во областа на хемијата, физиката, физиологијата или медицината, и литературата. Од 1901 година наградата се доделува секоја година (со некои исклучоци) на оние кои што направиле најмногу за заедништвото помеѓу нациите, за укинување или намалување на веќе постоечките вооружени сили и за залагање и пропагирање на мировните конгреси. Најверојатно пред смртта, на произведувачот на оружје Алфред Нобел му проработела совеста, и во наследство оставил аманет, меѓу другите, да се доделува и наградата за мир.
