„Ноември“… збор ил два…

Денеска од печат излезе мојата прва стихозбирка насловена “Ноември”. Месецот кој е меѓник меѓу присутната есен и надоаѓачката зима, исполнет со меланхолија. А ако нема добра доза на меланхолија – нема ниту добра поезија.

Се радувам што по минатогодишното објавување на романот “Ветрилиште” на истиот, роденденски датум, повторно честам книга. Во продолжение следи потребата да објаснам зошто се одлучив да станам поет на „50+“ 🙂

„Пред одредено време добив покана на еден угледен настан да читам поезија. Се зачудив и објаснив дека сум прозаист и дека немам песни со кои би настапил јавно. Пријателката исто така се зачуди велејќи оти е речиси сигурна дека читала поезија од мене, но не знае каде, и оттаму идејата за поканата. Во секој случај, се заблагодарив, и со насмевки го завршивме разговорот.

Низ една фина реминисценција што следуваше, се наметна заклучокот дека речиси секој писател својата пишувачка активност ја започнал со песни. Тоа, чинам, е детерминирано од образовниот процес, при што во светот на пишаниот збор влегуваме токму преку поезијата за деца. И навистина, моите први обиди беа поетски. И не само тоа ‒ мојата прва официјална објава во сериозно списание беше „нешто што наликува на поезија“, а се случи пред три децении, со што само ми се потврди тезата дека речиси секој раскажувач започнува со пишување поезија.

Како аргумент плус, се сетив и дека поезијата се провлекува низ сите мои прозни
дела. Во првиот роман „Крај-пат“ еден од ликовите е музичар што пишува прекрасни балади и чијашто поезија е составен дел од приказната. Поднасловот на мојот втор роман „Фото синтеза“, пак, е многу поетичен: „под небо во боја на бамји“, и тоа со години „плачеше“ за понатамошна разработка. Подоцна, во збирката раскази „Двојна експозиција“, се провлекува песната „Уморен“, на која многу читатели реагираа пофално, бидејќи е слика и прилика на времето во кое живееме. Сето ова ми создаде мисла дека можеби навистина е време за објавување на првата стихозбирка.

„Поет дебитант на педесет+“, се шегував на своја сметка. Но коцката (беш)е фрлена!

Како и во прозните дела, најпрво сакав да имам приказна што ќе се провлекува низ целата стихозбирка, јасен план за тоа што таа како чувство треба да им пренесе на читателите. Уште од памтивек, кога станува збор за поезијата, првата асоцијација за неа е љубовта. Всушност, поезијата е синоним за љубовта. Ми беше предизвик да го „разголам“ тоа древно човечко задоволство што го туркало животот напред, кон неизвесната иднина. Но ако срцето на приказната е љубовта, таа сепак мора да има некаков зачеток, си реков. И така почнав од револуцијата. Таа е тој краток, но моќен човечки порив за промени, после кој, за жал, нештата најчесто остануваат непроменети, или ајде, да не бидам песимист, се менуваат само за глувчешко опавче. Затоа првото поглавје се состои само од една песна. По тој експлозивен, револуционерен момент, настапува нејзиното величество – љубовта, погледната од различни аспекти, емоции, странствувања… Како Кочо што ја сакал Раца, како Пејко што ја сакал Невенка…

Но, таа знае да биде и тивок убиец, како оној несреќник Мино што се криел зад дрвјата. И тука природно се наметна прашањето: во што се претвора љубовта кога ќе поминат доволно години и ќе настапи зрелоста? Сигурно си велите дека ова е еден голем, квантен скок за толку кусо време во една стихозбирка, но верувајте, се љуби брзо и страстно при што и времето бргу лета, и одеднаш пред вас се појавува таа, зрелоста (да не речам „староста“), којашто си носи нови предизвици. Тогаш, во тие моменти, време е за враќање дома, а таа тема, безброј пати обработена од многу писатели низ историјата, е засебен предизвик за преточување во поезија.

Не сакав да ги обременувам песните со многу зборови, сакав тие да дишат и да бидат интензивни како и самата љубов, со еден единствен збор во насловот, што прецизно ја опишува човековата состојба. А кога веќе споменувам наслови, чинам дека „Ноември“ е сосема соодветен за стихозбирката од емоционален аспект, месецот кој како меѓник стои меѓу меланхоличната есен и надоаѓачката студена зима, кога секој се засолнува во своето затоплено јаство. Впрочем, ноември е мојот месец, месецот во кој сум роден, а од тоа „проклетство“ нема бегање.

Пред самиот крај, сакам да ѝ се заблагодарам на Јулијана Величковска за несебичната помош и сите сугестии што ми ги даде пред објавувањето на оваа моја прва стихозбирка, иако во голема мера не ја послушав во однос на забелешките, како и на Никола Пијанманов, кој креираше прекрасна „арвопартовска“ корица.

Сметам дека не постои совршена книга, не постои совршена стихозбирка, затоа сакав да оставам песните да дишат, да имаат чудна структура, и најважно од сe’, да се почувствува во нив онаа атмосфера, оној креативен набој додека беа создавани без никакви предрасуди. На вас, читателите, останува да почувствувате на кој начин го доживувате овој „поетски крик на педесет+“ кој нема намера да просветли, туку да се протне во меѓупросторот во кој самиот живот ги диктира сите емотивни предизвици.

Јас се надевам дека ќе се пронајдете барем во една песна, во еден стих… и со тоа би бил сосема задоволен”.

И сосема на крајот, ред е да се сподели и една песна од стихозбирката 😉

Улиште

за да се вратиш
во својот дом
мораш да заминеш
како Сидарта
мораш да патуваш
на сопствен ризик
да откриеш нешта
што не се пријатни
да се изгориш
да паднеш
да станеш
да љубиш
да освоиш
да изгубиш

единствено тогаш
во тој момент
кога ќе изгубиш сѐ
во тој момент
ќе се пронајдеш себе
своето вистинско
јаство

и единствено тогаш
во тој момент
подготвен си
да се вратиш
во својот дом
во своето улиште
како свој на своето
како Одисеј
како Улис
како светец
што го пронашол големото
Ништо

Ништо
ти си совршено чисто
Ништо
ти си совршено наполнет пиштол