Кон „Земја на номади“ на Клое Жао

Вообичаено во овој дел од годината се подгреваат очекувањата околу добитниците на Оскарот, но поради пандемијата, се’ уште не се објавени ниту кандидатите за престижната награда, па се’ што преостанува е нештата однапред да се предвидуваат. Според добрите познавачи на седмата уметност, еден од посериозните наслови кој ќе биде дел од ловот на позлатената статуетка е „Земја на номади“ (Nomadland) на Клое Жао (Chloé Zhao). Филмот кој минатиот септември го освои „Златниот лав“ на најстариот филмски фестивал во светот, венециската „Мостра“, во годината во која многу продукции ги одложија своите планови на неодредено време, се одвои како „сериозен филм во сериозни времиња“, бидејќи отворено зборува за животот на „малите луѓе“ во време на криза, но не како протест против потрошувачкото општество, туку повеќе како „светска тага“ која се гледа во очите на самите протагонисти.

„По 88 години, во градот Емпајр, Невада, е затворена гипсарницата“, го парафразирам телопот од самиот почеток на филмот, кој јасно назначува дека она што оваа фабрика им значела на луѓето од локалната заедница засекогаш исчезнало, со тоа оставајќи во незивесност многу човечки судбини чие животно патешествие е врзано за малите гратчиња во околината. Една од нив е и Ферн (Frances McDormand), чиј живот се менува од корен откако по светската рецесија во 2008 година ја губи работата, сопругот и, куќата, и буквално останува на улица. Ако книгата се познава дали е добра, како што веруваат многумина читатели, па и писатели, уште по првата реченица, тогаш по првиот кадар од „Земја на номади“ веднаш се препознава и сензибилитетот на овој филм, кој одлично се надоврзува на филмовите од американската „инди“ провиниенција, кои во изминатите декади ни подарија еден грст прекрасни остварувања. Ферн го отвора изнајмениот магацин во кој ги сместила сите ситници од својот дотогашен живот и ја плаќа годишната рента можеби со последните пари кои ги има. Потоа влегува во белото комбе и тргнува на пат, еден вечен пат кој нема крај, приклучувајќи им се на илјадниците луѓе кои своите последни години од животот (иако меѓу нив има и многу млади и средовечни луѓе) го живеат со девизата „Life is an open road“.

Класичната дефиниција за номадите вели дека тие се заедница на луѓе кои се движат од едно до друго место и немаат постојано место на живеење. Денес, во светот постојат околу 30 до 40 милиони номади. Многу култури и заедници биле номадски, но денес номадските народи се среќаваат ретко поради индустријализацијата на светот. Според поделбата, има три вида на номади: номади што се преселуваат поради ловење, номади што се преселуваат поради трговија, и номади што се преселувале поради пасишта. Во оваа одредувачка и означувачка дефиниција ги нема „номадите“ кои стануваат тоа од немукает, но на кои тој начин на живот толку им станува близок и мил, што потоа не можат да се откажат од него. Токму тоа се случува и со Ферн, која во неколку наврати има можност за рехабилитација: нејзиниот пријател кому му е симпатична и пријатна ја кани да остане со него во семејната куќа каде тој се врати за да биде „дедо“ по професија; нејзината сестра и’ се исповеда дека доколку не била толку дрска и храбра да го напушти семејството толку рано, таа никогаш немала да биде она што е денес, пензионерка со среден брачен живот во предградието, исто така поканувајќи ја да остане со неа; на крајот од краиштата, Ферн може да побара и работа како учителка, професија која неколку пати ја практикувала на замена, од која како прекрасна „последица“ наизуст ги рецитира Шекспировите сонети…

Но не! Ферн длабоко под кожата го чувствува повикот на дивината, на непознатото, на сезонските работи кои ќе и’ обезбедат приход за следните пар месеци, и токму тие предизвици се клучни за нејзиниот конечен избор, на кој кога ќе му се додаде слободата да се отиде до работ од океанот во било кое време, каде моќните ветрови можат да те оддуваат како од шега, тогаш сите морални обвинувања и грижи на совест паѓаат во вода. Можеби Ферн е „луда Мара“, но таа конечно живее СВОЈ, а не туѓ живот!

Снимен според истоимениот роман на Џесика Брудер (Jessica Bruder) од 2017 година, во филмот на Жао, која го потпишува и сценариото, повеќето од протагонистите се натуршчици, што му дава додатна вертикала и длабочина на делото. Да, да, брадестиот Брејди и сестра му Лили, кои сезонски ги организираат камповите среде пустина, но и  Линда и Свенки, кои крај логорскиот оган под небото преполно со ѕвездени еони ја кажуваат својата животна приказна од која ги издвојуваат најубавите моменти, се вистински ликови, кои режисерката на феноменален начин ги вклопила во филмското сиже, со што на филмот му дава срце и душа која веднаш се препознава. Сепак, колку и да наликува на документарен филм, ова остварување секако дека не е тоа поради ликот на Ферн, која е измислен лик, но поради феноменалната игра на Френсис МекДорманд, на истата стопроцентно и‘ верувате и сочувствувате со неа како да е вистинска. Таа без скрупули си врши голема нужда во природата околу неа, или во кофата во своето комбе кога е студено, и сето тоа го прави толку нужно и природно, како и вечното прашање: „Па што ако Мадона е толку славна, зарем таа не оди да кака?“ На тој начин, „Земја на номади“ уште еднаш покажува колку е тенка границата помеѓу креативната документаристика и играниот филм, која во последниве години веќе е донесена на ниво на естетска непрепознатливост, што претставува уште еден плус во проширувањето на границите на филмската уметност.

Освен есенцијалното претопување на жанровите еден со/во друг, вредноста на овој филм лежи и во отворањето на многу културолошки (пот)теми кои ги препознаваме како типично „американски“. Не за бадијала во еден момент сестрата на Ферн вели дека таа ја почитува нејзината одлука да стане „номад“ бидејќи тие ја продолжуваат приказната за пионерите во Новиот свет, со тоа станувајќи дел од американската традиција. Враќајќи се во поблиското минато, пак, можеме слободно да потенцираме дека филмот во целост го има доловено духот на слободарските шеесетти години од минатиот век. Во него е присутна тенденцијата и желбата за враќање кон и спојување со природата, но со петното „пет децении подоцна“, после кои вкусот на таа посакувана слобода не е веќе ист. И земјата во која луѓето се заедно и се најсреќни само околу Божиќните празници, поради што Амазон мора да најми екстра работници за да ги спакуваат и пратат подароците, не е повеќе иста. Таа е претворена во карикатура самата на себе, во која фантомот на слободата за обичните луѓе, кои се борат со неизлечиви болести без можност за хоспитализација која би ќинела многу, е одамна недофатлив.

Да, Титаник економски тоне, но затоа постојат добрите „американски“ духови за истиот колку е возможно да се спаси. Тоа се тие топли и драги луѓе на кои комбето, или во подобар случај, RV –то, е нивниот дом, но тие не се „бездомници“, туку „бескуќници“, како што Ферн и’ вели на тинејџерката која ја знае од малечка. Kако и повеќето Американци кои не градат куќи со цврста градба бидејќи знаат дека еден ден можеби ќе треба да заминат, и Ферн живеела во монтажна куќа зад која се простирал двор од кој се гледало непрегледно пространство од долини и планини во далечината. Можеби оттаму и нејзината одлука да ги одживее пензионерските години на таков начин, бидејќи природата за неа никогаш не била далечна и недофатлива, после секојдневните прошетки со сопругот низ истата. И да, таа не се одлучува за потег во кој ќе се стопи и ќе исчезне во природата, како момакот во филмот „Into the Wild“ (2007), туку се решава за девизата на бит генерацијата и Џек Керуак, да се биде постојано „на пат“, од ден на ден уживајќи во класичната вестерн околина, која, и покрај индустријализацијата, е непроменета со векови, со што влегува во друштвото на бесмртни ликови од американското културолошко милје.

Ова е трето целовечерно остварување на Клое Жао (или Жао Тинг), која по премиерата на Санденс со дебито „Songs My Brothers Taught Me“ (2015) и безбројните награди за вториот филм „The Rider“ (2017), релативно рано, со „Земја на номади“, ја покажува својата комплетна авторска зрелост, за која сесрдно и’ помогнала и искусната ѕверка МекДорманд, која е една од продуцентите на филмот. Затоа, ништо чудно по маестралните улоги во „Фарго“ (2006) на браќата Коен (таа му е сопруга на Џоел) и „Три билборди надвор од Ебинг, Мисури“ (2017), за кои се закити со Оскарот, ова да биде и нејзина „трета (оскаровска) мајка“ во филмската кариера. На Клое Жао и’ ја посакувам истата „судбина“, бидејќи сними незаборавен филм кој потоа долго, сцена по сцена, ќе се навраќа во вашиот ум, барајќи одговори за кршливоста и минливоста на животот, слично како и онаа огромна макета на диносаурусот среде пустината, како прекрасна симболика дека и овие животни некогаш живееле и биле господари на планетата Земја, но исчезнале од неа без можност за рехабилитација, освен на филмското платно. Веројатно слична судбина, еден ден, ја очекува и човечката раса. Токму затоа и отворениот, литерарен крај на филмот, со белото комбе на Ферн кое шиба на отворениот и бескраен пат, пренесувајќи ни ја пораката да го живеме животот секој ден со полна сила, колку и да е суров. Или: „посветено на сите оние кои морале да заминат, се гледаме некаде на патот“.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *