Романот „Ветрилиште“ како јубилејна, десетта објавена книга

Драги пријатели, денеска од печат излезе десеттата, јубилејна објава од мојата работилница, романот „Ветрилиште“. Спакувана во невообичаен формат, со тврд повез и шиени внатрешни страници, книгата навистина изгледа прилечно. Сепак, многу поважно е она што таа го содржи, па како провокација, во продолжение го споделувам текстот од задната корица, а потоа и извадок од прекрасниот поговор на Оливера Ќорвезироска кој на соодветен начин го заокружува ова издание.

„Секоја приказна треба да има почеток, средина и крај, но не секогаш по тој редослед, велеше Жан Лик Годар.

Овој роман се одвива за време на едно деноноќие (па ни толку!) во животот на Борис, или ако повеќе сакате, на Писателот. Не е експериментален во формата, туку си тече класично, од почеток до крај, без поместувања во зацртаниот редослед, освен ако не се земат предвид постојаните размислувања и реминисценции во однос на нештата што се случуваат околу главниот протагонист, кои вешто ги испреплетуваат минатото, сегашноста и иднината, што работите ги прави неизвесни. Но, она што е сосема извесно е дека оваа приказна започнува и завршува со пеењето на еден петел-ранобудник: Кукуригууууууууу…“

„Петел“ (1938), Пабло Пикасо

„Петтиот роман на Игор Анѓелков, неговата десетта книга, и покрај бруталната искреност и соголувањето и на текстот и на авторот, успева да ја зачува потентната „недореченост“ како внимателно одбран крај. Но, тоа е тоа што текстот и го заслужува и го бара од финишот.

Романизирајќи го сето она што сите го помислуваме или го премолчуваме, Анѓелков останува доследно недоследен, свој, автентичен, изграден и неодминлив романсиер во современата македонска книжевност од последните речиси две децении. Оксиморонот „доследно недоследен“ совршено го надополнува „издвојувањето на несекојдневното за да се исцрта што пореално токму секојдневното“ како негово творечко кредо.

На читателите им останува да решат дали (не)добивањето награди ќе го сфатат како секојдневна или како несекојдневна практика во домашниот културен контекст. И, што е уште поинтригантно, прашањето што останува да лебди над „Ветрилиште“, но и над сите нас, е дали и што можат да променат наградите кога доаѓаат или кога не доаѓаат? Дали ним им е понеопходна книжевноста отколку што тие ù се неопходни нејзе?“ Оливера Ќорвезироска

Ве предизвикувам да се нурнете во „Ветрилиште“, да полемизирате со темите што романот ги отвора, и се разбира, потоа да го споделите своето мислење за нив.

Ви посакувам пријатно книжевно патување 😉

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *