Некои издавачи практикуваат своите изданија да ги објават со придружен обележувач на страниците. Дизајнот вообичаено е кохерентен со корицата на книгата, но тоа и не мора да биде правило. Други издавачи, пак, своите книги ги објавуваат со клапни на кориците, кои исто така може да му послужат на читателот, кога ќе заврши со читањето, со клапната да обележи до која страница стигнал. На одредени педантни читатели овој начин не им е пријатен бидејќи сметаат дека така книгата може да се оштети, а истите особено се згрозуваат доколку читателот немарно ги витка краевите од страниците. Признавам, повремено и јас сум еден од нив, додавајќи сол на раната со признанието дека неретко со молив отстрана пишувам и фусноти, кои потоа ги користам при пишувањето на одреден текст. Како и да е, се чини дека најсуптилното решение е користењето на обележувачот на книги, Граничникот или Букмаркерот, како што милувате, доколку секако, го имате при рака. Доколку не… 🙂
Читањето книга си има свои ритуали. Некои луѓе сакаат комплетна осаменост додека се нурнуваат во лавиринтите на новата книга, други читаат придружени од (амбиентална) музика, трети можат да читаат исклучиво наутро, додека се свежи, четврти пак спротивно, само навечер, пред легнување, итн. Покрај овие афинитети, читањето си бара и други дребулии. Еве јас, на пример, минатиот пат ги заборавив очилата дома, и не можев да прочитам ниту ред во книжарница. Офтамологот ми рече дека релативно доцна ги добивам своите први очила за читање, на 46 години, и според нејзината пресметка, сум спасил шест години од животот, доколку светската просечна граница е четириесеттата година, кога видот почнува да се „расипува“. Но чувствувам дека колку повеќе ги носам, се’ повеќе станувам зависен од нив. Веројатно за пар години ќе ми треба нов диоптер.
Но, дури и со очилата, сфаќам дека со нивната четиригодишна помош при читањето, колку и да е светло во просторијата, морам врз страниците да фрлам додатна светлина, најчесто од телефонот, за да можам непречено да уживам во книгата. И за тоа си има решение. Една драга читателка неодамна го објави новиот „гаџет“ кој се става околу вратот, и на тој начин рацете ви остануваат слободни при вртењето на страниците, и истовремено можете да си мрцкате нешто, доколку сакате. Топ решение! Морам да си набавам и јас.
Деновиве, пак, во книжарница добивме уште едно драгоцено помагало – прстодржач на страници, рачно изработен. Едноставно, го ставате на палецот и книгата, колку и да е „дебела“, со него непречено можете да ја држите, без да ви предизвикува болка во прстите или зглобовите.
Но, конечно, да се вратиме на темата од насловот на овој текст. Дефиницијата вели дека Граничникот е тенка алатка за обележување, вообичаено направен од хартија, кожа или ткаенина, кој овозможува читателот лесно да се врати на местото каде што завршил при претходната сесија на читање. Алтернативни материјали за изработка на обележувачите се метал, месинг, свила, дрво, пластика… Некои книги содржат обележувач вграден при самото печатење на книгата. Оваа практика најчесто се сретнува кај комплетите и собраните дела од еден автор.
Чинам дека е време малку да го чепнеме и историјатот на Граничникот. Најраниот постоечки обележувач датира од 6 век и направен е од украсена кожа обложена со велум на задната страна, кој е прикачен со кожна лента на корицата на еден Коптски кодекс, кој се наоѓа во Даблинската библиотека. Пронајден е во близина на Сахара во Египет, под урнатините на манастирот „Апа Еремија“. Други најрани обележувачи и остатоци од нив се пронајдени исто така во Коптски кодекси кои датираат 7 до 11 век, како и во Каролиншките кодекси од 8 до 12 век. Обележувачите масовно биле користени во текот на средновековниот период, и вообичаено се состоеле од мала пергаментна лента прикачена на работ на страницата (или парче врвка прикачена на лента кај заглавјето).
Во 1860-тите во центарот на индустријата за свилени ленти, Ковентри во Англија, почнале да се прозиведуваат атрактивни машински ткаени маркери. Еден од најраните бил произведен од фабриката „J&J Cash“ за да ја одбележи смртта на Алберт, принцот од Консорт, во 1861 година. Кога ја забележал популарноста на ова помагало, Томас Стивенс набргу станал истакнат во областа и тврдел дека има деветстотини различни дизајни на граничници. Овој развој бил паралелен со пошироката достапност на самите книги, а опсегот на достапни обележувачи наскоро драстично се проширил, и се претворил во вистински престиж.
Да не заборавиме дека работата е отидена толку далеку, што од дамнина постојат и колекционери на граничници, кои секогаш кога патувале некаде, или тоа го правел некој нивен близок – фокусот бил да се донесат обележувачи на книги од крајната дестинација на престој. Не знам дали колекционерите си разменуваат букмаркери доколку имаат повеќе исти примероци, но веројатно и таа опција е отворена, затоа што се работи за страст и посветеност.
И на крајот, да споменам дека во ИЛИ-ИЛИ низ дваесет-и-кусур-годишното постоење на книжарницата, сме имале еден куп различни граничници во слободна продажба, кои наидувале на убави реакции кај читателите. Во моментов ни се актуелни рачно плетените обележувачи на книги, како најавтентично нешто што досега сме го имале. Употребен материјал – волница и игли. И добра волја.
Ах, да: букмаркерот со планетите во 3-Д варијанта од почетокот на текстот е набавен во прашкиот Планетариум, и е најчесто користен граничник во последниве неколку години дома. Едноставно, секогаш е тука при рака и не можеш да го промашиш, додека планетите ти се смешкаат доколку само малку лево-десно ја мрднеш главата. Истиот има и едукативен момент, бидејќи на задната страна содржи информции поврзани со основните карактеристики на планетите во нашиот Сончев систем. Убавини 😉