Ѕвездени моменти во музејот „Орси“ во Париз

Една од главните париски дестинации на туристите е легендарната црква „Нотр дам“, која францускиот литерат Виктор Иго ја овековечи во своето дело во далечната 1831 година. Но, пред да го посетите ова велелепно здание во срцето на Париз, кое во последниве години интензивно се реновира по пожарот во 2019 година, топла препорка претпладнето да го минете во „Орси“, кој се наоѓа недалеку оттука. Поранешната железничка станица е едно од музејските места кои морааат да се посетат за време на престојот во Градот на светлината, бидејќи на едно место се собрани делата на многу ликовни мајстори од минатото. Меѓу нив и сјајната слика „Ѕвездена ноќ над Рона“ на Винсент ван Гог, која си поигра со мојот ум.

Musée d’Orsay се наоѓа на левиот брег на Сена. Сместен е во поранешната Gare d’Orsay, железничка станица изградена помеѓу 1898 и 1900 година. Музејот содржи главно француска уметност која датира од 1848 до 1914 година, вклучувајќи слики, скулптури, мебел и фотографија. Пред да влеземе, уживаме во скулптурите на плоштадот до него, додека чекаме во големиот ред да стигнеме до посакуваните билети, слушајќи како се зборува на различни јазици од целиот свет. Шесте бронзени алегориски скулптури ги претставуваат континентите, а оригинално се направени од уметниците Ем Мије (Јужна Америка), Алесандр Фалгер (Азија), Матурин Моро (Океанија), Алесандр Шеневерк (Европа), Ернест-Ежен Иол (Северна Америка) и Ежен Делапланш (Африка).

Во „Орси“ е сместена најголемата колекција на импресионистички и пост-импресионистички дела во светот, од сликари како Морисо, Моне, Мане, Дега, Реноар, Сезан, Сера, Сисли, Гоген и Ван Гог. Многу од овие дела биле чувани во Националнуот музеј Jeu de Paume пред отворањето на музејот во 1986 година, кој е еден од најголемите уметнички музеи во Европа.

Пред да се нурнеме во музејските убавини и да одделиме неколку слики во кои навистина уживавме (бидејќи во поголемиот дел од галерискиот простор беше забрането фотографирањето), ги шетаме музејските нивоа и оние меѓупростори кои нудат неизмерно задоволство. Од прозорците се фрла прекрасен поглед врз Париз, а најатрактивно е кафулето со големиот часовник, кој режисерот Мартин Скорсезе го овековечи во филот „Хуго“, или „Иго“, посветен на мајсторот на подвижните слики Жорж Мелиес.

Во холот се соочуваме со белата варијанта на „Портата на пеколот“ на Огист Роден, чиј црн немезис претходно го видовме во градината-музеј на уметникот. Приказната вели дека ова дело е посвета на „Божествена комедија“ на Данте Алигиери, со многу прецизно изработени фигури кои ги претставуваат ликовите во неговата легендарна поема. Нив ги предводи „Мислителот“, кој многумина сметаат дека е самиот поет Данте, а фигурата го добила името според истоимената скулпура на Микеланџело, на која тој го претставил тогашниот моќник Лоренцо ди Медичи. Портата за прв пат е изложена во 1880 година, а „Мислителот“, кој во меѓувреме како централна и највидлива фигура на портата станал многу популарен, бил изработен како засебна скулптура дури дваесетина години подоцна.

Најатрактивна за посета е петтата галерија, каде се наоѓаат делата на Импресионистите. Некои повеќе го сакаат Моне, некои пак Мане, во секој случај, од толку многу убавина на едно место – боли главата 🙂 Едно од претставените ремек-дела е сликата „Балконот“ на Едуар Мане, масло на платно работено во 1868–69 година. На него се претставени четири фигури, од кои едната седи: сликарката Берте Морисот, која се омажила за братот на Мане, Ежен во 1874 година. Во центарот на сликата, пак, е сликарот Жан Батист Антоан Гијме. Оваа, би рекол, балканско-сеирџиска слика, совршено го прикажува моментот на проследување на она што се случува надвор, на улицата, проследено со нагонот да се биде виден, присутен.

Од експлозијата на бои и мириси на сликите на Импресионистите, сепак, би издвоил една друга, малку поинаква. Се работи за „паркетарите“ на Гистав Кајбот, францускиот импресионист, чие масло на платно плени со својата големина и величина. По смртта на уметникот, семејството го предава во трајна сопственот на „Лувр“ во 1929 година, за конечно да се вдоми во „Орси“ уште од неговото отворање. Величината на оваа слика не е само во бравурозноста на нејзината мајсторска изведба (паркетарите како да стругаат тука, пред вас), туку и во темата која ја избрал Кајбот за уметничка обработка. Работничката класа во тој период ретко се претставувала на сликите, а ова е еден од чесните исклучоци кој заслужено влегол во историјата.

Кога сме веќе кај ангажираната уметност, би издвоил уште две дела изложени во „Орси“ кои достојно ми го привлекоа вниманието. Првото е насловено „Една улица во Париз во мај 1871 година“ на уметникот Максимилиен Лус, работена од 1903 до 1905 година. Истата раскажува приказна од времето кога улиците во Париз се во воена состојба, градот е под опсада додека во тек е француско-пруската војна, и владее спротиставеност меѓу двете политички сили на сцената. Резултатот од тој набој во воздухот е претставен на платното.

Второто дело насловено „Пропаганда“ е излезено од четката и умот на Ежен Булан, и прикажува патувачки продавач во домот на едно сиромашно семејство. Тој се обидува да му продаде книги и обоени графики на главниот во домаќинството. Во неговата лева рака држи портрет на популистичкиот политичар генерал Буланже, а мотивите на продавачот комбинираат политика со бизнис. Розетата на реверот ја покажува неговата улога на човек-истражител на генералот. Сјајна слика, бидејќи го отсликува духот на времето, поточно, општествено-политичката клима во 1889 година во Франција.  

И конечно, галеријата со делата на големиот холандски сликар Винсент ван Гог, кој своите ремек-дела ги создал престојувајќи на југот од Франција. Покрај неколкуте портрети, тука е неговата соба во која го доживува врвот на својата креативност, но и на своето лудило, за потоа да се лекува во болницата во сен Реми, која исто така ја овековекува со масло на платно.

Но… но! Врвот кај мене како посетител на „Орси“ го доживеав со сликата чие сјајни ѕвезди фигурираат во насловот на овој текст. Уште кога влегов во просторијата во која таа беше изложена со другите слики, оддалеку како да не и’ придавав значење. Но кога конечно се доближив до „Ѕвездена ноќ над Рона“, се случи чудо! Ѕвездите навистина оживеаја и почнаа да светкаат на небото, но не само тие, на сликата се’ оживеа. Се колнам дека не користев никакви психотропни супстанции, се’ се одигра најприродно на свет. Едноставно, не можев да престанам да гледам во платното и во играта која ми ја приредуваше. Се поттргнав, ги протрив очите и го вратив погледот врз сликата, и повторно исто. Играта на ѕвездите продолжи, и тогаш сфатив дека ван Гог создал ремек-дело кое го допира небото, космосот… „Ѕвездена ноќ над Рона“ ја насликал во 1888 година, а во писмата до брат му Тео напишал дека со неа сакал „да изрази надеж со еден грст ѕвезди на небото…“

Размислувајќи потоа, по оваа случка, ја сфатив моќта на сликарството во изминатите векови, кога таа била единствената магија јавно да ги доживеете делата на вистинските мајстори, кои истовремено ќе ја заголицкаат вашата фантазија на ангажиран или хедонистички начин, без екрани, телевизии, радија, мобилни телефони и слични глупости. Да, само сликата пред вас, со внатрешен глас за дијалог до бескрајот и назад.

Пред да излеземе од „Орси“, не’ заплиснува уште едно пријатно изненадување, уште едно ремек-дело, овој пат со потпис на Александер Харисон (1853-1930). „Самотија“ од 1893 година, со темните тонови на квечерината околу реката кои не се доволно моќни да ја покријат сета убавина на осамената жена во чамецот, за одлична рамнотежа на претходно доживеаното.

Повторно надвор, повторно меѓу грандиозните скулптури во дворот, малку да здивнеме од она што го видовме и доживеавме. Потоа, прваец „Нотр дам“, а наспроти неа следи и посета на култната книжарница „Шекспир-енд-ко“.

Ова дефинитивно (беш)е прекрасен париски ден! 😉

@2012

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *