Во последниве години познатите режисерски имиња како да сакаат да не’ уверат дека како стареат, така се’ повеќе губат контакт со реалноста. Сведоци сме на еден куп остварувања во кои „бизарноста поради самата бизарност“ е во преден план, без никаков пардон кон публиката, која буквално треба да го истрпи нивното „авторско онанирање“ на големото платно. Да не наведувам имиња, но навистина е разочарувачки кога еден филмаџија, кој толку си го почитувал во минатото, одеднаш направил „пакт со ѓаволот“, почнувајќи да ни сервира разно-разни будалаштини, за кои ниту самиот тој не е сигурен за што (и кому му) служат.
Затоа, во последнава деценија новата енергија во филмот ја пронаоѓам во свежите сили на светската кинематографска мапа, во дебитантите, кои со своите први или втори остварувања знаат што сакаат, и иако почетници, на најдобар можен начин ги пренесуваат емоциите до нас, гледачите. Вообичаено тоа се мали приказни, односно, приказни за, условно, „малите“ луѓе, но со голем емотивен набој при претставувањето на нивните животни искушенија. На оваа линија се обидува да функционира и новиот скопски филмски фестивал „Киненова“, кој со две изданија зад себе сесрдно им отвора простор токму на новите филмски автори, кои штотуку треба да го дадат најдоброто од себе.
И познатите филмаџии кога ќе ги запрашате за најомилените филмови во нивната кариера, неретко знаат да се навратат на своите почетоци, кога умот бил чист, намерата чесна, а реализацијата школска и прецизно точна. Вистинска потврда за овие тврдења се и првите остварувања и на домашните филмаџии Ѓорче Ставревски („Исцелител“), Вардан Тозија („Џган“) и Даријан Пејовски („Три дена во септември“), кои го помрднаа интересот за домашниот филм кај македонската публика, по долгиот пост во кој се изнагледавме разни глупости.
Токму тоа беше и една од моите првични заложби, „Киненова“ да го јавне бранот на новата македонска кинематографија и да ги отвори вратите и за домашните филмаџии, и во еден фестивалски контекст да им даде додатно значење и перспектива на истите, како можност за сопоставување со актуелната европска и светска кинематографија во која авторите со своите први и втори филмови, како што веќе претходно напоменав, се’ повеќе го вртат вниманието кон себе. Следствено на тоа, годинава ќе имаме можност да ги видиме првите филмови на веќе споменатиот Ѓорче Ставревски („Исцелител“), но и „Златна петорка“ на Горан Тренчовски во чест на прерано починатиот Влатко Илиевски, како и еден храбар првенец, „Копање“ на Ивица Димитријевиќ и Мартин Иванов, како одлична поддршка на фестивалскиот концепт.
Годинава „Киненова“ за прв пат ќе биде отворен онака како што доликува, со дебитантското остварување на Јани Бојаџи, „Ругање на Христос“, како иницијален момент кој треба да се развива и во иднина. Филмот на Бојаџи е само камче во мозаикот од осум остварувања во главната селекција, кои ќе се борат за престижната фестивалска награда за најдобро дебитантско остварување, селекција која нуди лепеза од филмови од различни светски кинематографии. Како главна тематска карактеристика кај повеќето од нив може да се потенцира „грижата на совест“ кај главните ликови, една од главните одредници како во филмот, така и во литературата, но и во уметноста воопшто, која низ децениите наназад дала завидни дела и резултати. Општо познат е фактот дека постојат „добри“ и „лоши“ години за филмот, а ние, за среќа, се наоѓаме во период кога се снимени безброј прекрасни дебитантски остварувања, и изборот навистина беше тежок, но и сладок, а крајниот резултат сосема на задоволителтно ниво, бидејќи ги избравме најдобрите.
Главен програмски стожер годинава на „Киненова“ се неколкуте наградувани филмови од европската кинематографија, меѓу кои еден вистински репрезент на новото, почитувано на овие простори, руско кино („Блискост“ на Кантемир Балагов, пуленот на култниот Александар Сокуров, ни нуди едно сосема ново, поинакво видување на нештата), потоа, едно ремек-дело снимено со натуршчици од надоаѓачката унгарска кинематографија („Цветна долина“ на Ласло Чуја), констатација која важи и за новите ветришта во соседната, бугарска кинематографија, од каде ни доаѓа фантастичниот „Ага“ на Милко Лазаров, неодамнешен победник на Сараевскиот филмски фестивал, каде во конкуренција беше и турскиот филм „Крадци на гулаби“ на дебитантот Осман Н. Доган, и секако, куриозитетот во името на Говинда ван Меле, чиј филм „Гутланд“ вистински ќе ве разнесе, а доаѓа од луксембуршкото филмско милје, од каде, ќе признаете, ретко имаме можност да гледаме некое филмско дело.
Боите на азиската кинематографија достоинствено ќе ги брани можеби најдобрата меѓу нив, иранската кинематографија, која во Македонија има безброј почитувачи и ревносни следбеници. Вториот филм „Без наслов, без потпис“ на Вахид Џалилванд е вистински репрезент на иранското кино кое во последниве две децении собра еден куп фестивалски награди ширум светот, воспоставувајќи свој код и јазик на комуникација со публиката. Одличниот „Ретабло“ на Алваро Делгадо Апарисио, пак, е достоен репрезент на возбудливата јужноамериканска кинематографија, филм кој ќе не искачи во висините на недостижните Анди и ќе ни раскаже универзална приказна која никого нема да остави рамнодушен.
Искрено, ме израдува поканата годинава да бидам дел од екипата на перспективната „Киненова“ како селектор на филмовите во официјалната селекција, но и генерално, како координатор на фестивалската програма во чии рамки ќе гледаме селекција на норвешки остварувања, прекрасни кратки филмови, детска програма, и секако, програма посветена на 100-годишнината од раѓањето на еден од најзначајните режисери во минатиот век, филмскиот волшебник Ингмар Бергман. Сето ова ветува возбудливо фестивалско издание во првата половина на романтичниот скопски октомври.
Се гледаме во (се’ уште) најмагичниот простор на планетата Земја, кино-салата, и секако, во просторот помеѓу, за време на фестивалските дружби (доаѓа неодливата Аница Добра!!!), каде вообичаено се разменува прекрасна енергија 😉