Документарниот филм “Плати и жени”, пак, беше причина после подолго време да проработи како што треба веројатно нашата најубава и најдобра кино сала, “Милениум” во ГТЦ во Скопје. Иако никогаш исполнето до последното седиште, сепак, киното испиша нова приказна во историјата на домашната кино-прикажувачка дејност, бидејќи никогаш досега еден документарец на редовен кино репертоар не предизвикал толкаво внимание како ова остварување на Атанас Георгиев. Но, и за тоа си има длабока причина, која лежи во провокативноста на самата приказна која авторот ја раскажува на искрен и разбирлив начин.
Накратко, во неа херои се младите луѓе од Балканот, кои заминуваат во Австрија со студентски визи. По одредено време, кога тие ќе истечат, наместо да се вратат во своите земји во транзиција каде ги очекува неизвесна иднина, тие плаќаат од 7 до 12 илјади евра за австриски ‘сопруги’, надевајќи се дека така ќе добијат државјанство на земја-членка на ЕУ. Токму тоа ќе го направи и авторот на овој филм, кој ќе отпатува во Виена и ќе успее да го сними сиот тој процес, истовремено обидувајќи се да дознае зошто луѓето го прават тоа, наведувајќи ги и своите причини, дури и пронаоѓајќи кандидатка за сопруга со која ќе организира лажна венчавка.
Иако не го почитува неговото дело, сепак, Георгиев можеби треба да му заблагодари на Мајкл Мур, кој со своите ангажирани документарни филмови во изминатите десет години успеа да го смени односот на публиката кон овој жанр. Георгиев, инаку, монтажер по вокација, успева со својот несекојдневен пристап кон приказната за ‘европските граѓани од втор ред’ да раскаже сторија која ќе предизвика многу полемики и која на многумина ќе им ги отвори очите, ако не до крај, тогаш барем ќе ги заскокотка да продискутираат на оваа тема. Токму тоа е и понатамошната судбина на овој проект, да отвора дискусии онаму каде што ќе биде прикажан, со надеж дека ќе промени барем нешто. Инаку, дека се работи за квалитетен документарец со автентичен филмски израз доказ се и освоените награди на ценетите филмски фестивали, онаа на “ЗагребДокс” во Хрватска, и секако, главната награда во конкуренција на 27 документарни филмови од целиот свет на фестивалот Vision du reel во Нион, Швајцарија.
(Текстот е објавен во магазинот „Клуб 360“)