„Пинбол музеј“ во Будимпешта

Едно од најатрактивните и најзабавните места за посета во Будимпешта е „Pinball museum“, на 5-6 минути одење од главната туристичка улица „Ваци“. По посетата, по долги години пауза, си го остварив сонот повторно да заиграм на флипери, барем за момент чувствувајќи се како „Томи“ (Роџер Далтри) на Кен Расел 🙂

Мудро насловен „музеј“ кога сурфате на интернет, очекувајќи носталгична музејска поставка со одамна исчезнатите култни флипери од нашите животи, на крајот добивате полн погодок. Имено, на влезот плаќате целодневен билет (12-13 евра) и имате простор слободно да играте колку ви душа сака на преку 300 ретро машини, како во најлудите соништа. Само го стискаш копчето за старт на првиот слободен флипер, бројчаникот е на 000000, топчето излегува во долниот десен агол, потегнуваш, и во игра си! Е сега, знам, ќе помислите дека со тоа се губи магијата околу едниот жетон кој како мали сте го вртеле низ прстите се’ додека не одлучите да го брцнете во флиперот и да дадете се‘ од себе за да постигнете рекорд, но на овие години тоа и не ми беше баш важно, затоа што имав слободен билет до крајот на светот!

   

Многу интересни ми беа и „аналогните“ ретро игри кои датираат којзнае од која деценија од 20. век, меѓу нив и хокеј, фудбал и сл, како да си влегол во временска машина и да си се вратил во времето во кое не си бил ниту планиран, море, ниту мисловна иенка, а камоли роден 🙂

Самиот простор сепак нуди мала изложбена поставка составена од неколку фигури од стрип хероите, постери од легендарни филмови и уште неколку други дрангулии, кои највеќе ги има во скромното кафуле (во кое ретко кој навраќа бидејќи сите играат), како ретро телефон и грамофон којзнае од кога, но вредноста на овој простор е токму во тоа што експонатите се во функција и истите можеш да ги користиш до мила волја. Навистина не знам кога и како летнаа четири часа!?!

 

Интересно, „музејот“ имаше работно време од 16 до полноќ, и во текот на тие неколку часа продефилираа луѓе од различни генерации (дотерани, тетовирани, запотени, „електраши“, „биг-бенг-теораши“…), кои веројатно се полнеа со адреналин пред да влезат во ноќта полна со предизвици во големиот град.

Што се однесува до самите флипери, меѓу нив можат да се најдат разни тематски бисери, од филмот (Аполо 13, Франкенштајн, Војна на ѕвездите, Роки, Индијана Џонс…), преку флипери посветени на познатите музички бендови (Ролинг Стоунс, ГНР, Кис, Д Ху…), па се’ до откачените дизајни на кои доминираат „Б“ филмовите од 50-те (Revenge from Mars, Creatures from the Black Lagoon, Captain Fantastic…). Ако имате време, разгледајте ги внимателно, со мојот не баш сјаен фотоапарат ги сликнав речиси сите, па можеби ќе го најдете својот флипер од детството. Секако, овде претставен само избор од нив.

И да, само еднаш ми „пукна“ за гратис топче… еднаш-еднаш, кој ти дава 😉

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *