Совршена елеганција во непознавањето на филмскиот јазик

Кон „Plan 9 from outer space“ (1958) на Ед Вуд

Во рубриката во која ги претставуваме „најлошите дела“ во филмската историја одвојуваме простор за совршениот дијамант во таа жестока конкуренција, филмот „План 9 од друга планета“ на „најлошиот режисер на сите времиња“, Едвард Д. Вуд Џуниор.

Фамата околу ова култно име на лошиот филм ја наметна кој друг ако не „лошото дете“ на американскиот филм, режисерот Тим Бартон, кој искористи една дупка во времето во средината на 90-те години од минатиот век, период во кој не се случуваше ништо возбудливо на филмското платно. Токму тогаш, поточно во 1994 година, тој го сними биографскиот бисер „Ед Вуд“, филм за истоимениот best boy во холивудските филмски студија во 50-те години, но истовремено и човек со прекрасна визија во однос на филмскиот медиум составена од: снимање со натуршчици, аматерска филмска екипа, no film budget и тотална импровизација при екранизација на сценариото, како еден вид џез наменет за сребрениот екран. Од ваквиот начин на работа произлегле неколку наслови од неговата лабораторија, кои во тоа време успеале да се прикажат на редовниот кинорепертоар во неколку забутани градови низ САД, во термини тотално неадекватни за гледање филм, во сали полни со фрикови кои бараат евтина забава.

Зашеметен од ваквиот ентузијазам на Ед Вуд, откако ја проголтав и добрата медиска приказна на Тим Бартон (ако има најдобри, тогаш има и најлоши режисери на сите времиња), тргнав во потрага по „Деветката“, најлошиот филм на сите времиња. Успеав да го најдам во колекцијата на еден пријател, кој го нарачал директно од САД. За ситуацијата да биде тотално „едвудовска“, ВХС копијата беше со американскиот НТСЦ стандард, па морав да направам додатни напори за да го погледнам филмот низ пристојна проекција, откако прво го изгледав без тон, онака, на брзака, од љубопитност. И…

Необјасниви хорор елементи кои доаѓаат од друга планета, во форма на човечки суштества, се обидуваат да ја парализираат планетата Земја воскреснувајќи ги мртвите. Тие имаат своја база од каде ја координираат целата акција, цела иконографија составена од знаци, поздрави и американизиран јазик, разбирлив за филмската публика. Целиот филм е бркотница низ подземјето на големите градови, со посебен акцент на гробиштата како митско место во кое се мешаат духовите на многу живи мртвоци. Фантастично лоша глума, прекрасно лоша режија!!!

Во манирот на еден куп филмови од тој период, кои спаѓаат во научнофантастичниот жанр и кои се занимаваат со интелигенцијата од други планети, гости на Земјата, „План 9“ совршено им парира во пристапот при доловувањето на „скери“ атмосферата што режисерите се обидувале тогаш да ја постигнат. Токму таквиот пристап го прави овој филм дури и допадлив за гледање, па ако претерам, дури и рамо до рамо со високобуџетните филмови на иста тематика од тој период.

Сите овие факти му одат во прилог на генијот Ед Вуд, кој, не сакајќи, постави извонредно ниски стандарди за снимање на едно филмско дело, кои многумина години подоцна ќе ги искористат за правење филм по секоја цена со својата домашна видеокамера. Се’ што ви треба е само добра волја, за Планот 9 да успее. А потоа следуваат и План 10, 11, 12… 🙂

@Текстот е објавен во јули-август 2002 година во „Урбан магазин“.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *