Туристичките агенции во својот каталог се’ повеќе нудат егзотични дестинации. Едноставно, на планетава не остана ниту една дестинација, ниту една плажа која веќе не е посетена и маркирана на „Google maps“ како „a place to visit and enjoy“. Во последново десетлетие на врвот од сите топ листи како една од најатрактивните летни дестинации фигурира полуостровот „Самана“ во Доминиканската република, кој во својата понуда ветува врели летни доживувања по не многу скапи цени, a некогаш, ако имате среќа, и за бадијала.
Доминиканската република е островска држава која го дели земјиштето со бурниот Хаити. Главниот приход им доаѓа од туризмот, а најпосетувана дестинација е токму полуостровот „Самана“, каде секогаш се бара „смештај“ повеќе. Долгите песочни плажи понекогаш предизвикуваат неочекувани слатки задоволства, во зависност во кој дел од полуостровот во моментот се наоѓате. Бујната зелена вегетација додатно придонесува за зголемување на уживањето кај посетителите, кои најчесто пристигнуваат на полуостровот слетувајќи директно врз него од небото, на малиот симпатичен локален аеродром.
Недалеку оттука се наоѓаат Бахамите, за каде историјата вели дека Кристофер Колумбо за прв пат стапнал на копно по двомесечната океанска пловидба во 1492 година. Но жителите на „Самана“ се уверени дека италијанскиот истражувач со шпански пасош прво стапнал токму на нивниот, а не на туѓиот имот, и тие гордо го пенетрираат тој незапишан историски факт во туристичките водичи, како врв на националната гордост и задоволството.
„Се’ зависи од перспективата на гледање на нештата“, вели актуелниот 69-годишен градоначалник на малото туристичко место Санта Барбара, случајно вртејќи ја фотографијата на полуостровот наопаку, на тој начин разоткривајќи ја тајната на превртеното огледало, правејќи и’ анти-реклама на „Самана“. Но, тоа беше само момент, кој виде-виде, а кој не – ќе си продолжи со полни гради да ужива во благодетите на доминиканскиот полуостров и ова лето. Доколку имате желба и време, но и финансии – пробајте и Вие, зошто да не!?