Најубаво во животот е кога коцките спонтано ќе се наредат, без однапред да го форсирате крајниот резултат. Човекот што ја напиша и компонираше една од култните песни во поранешната федерација не дека и претходно не бил во Скопје, но ете, патиштата тогаш не ни се сретнаа. Овој пат, преку заедничкиот пријател и неговиот филм насловен според веќе споменатата песна, се случи средбата која беше кратка, но интензивна и полна со топлина. Да, Зоран Предин беше кратко во Скопје, повторно оставајќи длабока трага зад себе.

А како поинаку со човекот кој на ниво на еден Булат Окуџава, во 80-те години на минатиот век го предвиде сето она што се случи деценија подоцна, а речиси никој не веруваше во тоа, барем не меѓу оние, „наивните“. Предин ги напиша стиховите кои се’ уште се релевантни, и за кои големиот Ѓорѓе Балашевиќ во филмот вели дека тоа се стиховите за кои единствено жали што не ги напишал тој, но драго му е што тие се на Зоран Предин, човекот крај чие име единствено сака да биде споменуван на овие простори.
Кој тебе, Прасловену, те научи да пливаш
за да ја препливаш таа руска река
и да се населиш во моите гени!?
Орди словенска крв со денови одат преку реката
напред поглавари и директори
зад нив курви, млади мажи и пензионери.
Сексуално силни, исклучително здрави
со богат чекор дојдени од прадамнина,
по стотина генерации способни домаќини
и според сите прописи
ни заебаа се’ што можеше да се заебе.
Директно образовани, одат наутро на работа низ деновите,
напред се гробовите и сиромашните
зад нив мртвите риби и цркнатите пци.
Без пигмент сме зачнати
модерна кашеста маса од бетон
се размножуваме, вкрстуваме, кастрираме, маршираме,
за да можеме, според сите прописи,
да заебеме се’ што можеме да заебеме.
Со Слободан Максимовиќ, денес угледен филмаџија со база во Словенија, не се бевме виделе полни три декади. По неговото враќање во родното Сараево во средината на 90-те, и на обајцата ни се случи „живот“, и ете сме, по три полни децении во Љубљана, на лаф-муабет. Меѓу другото, зборувавме за неговата плодна кариера, која вклучува наградувани кратки и долгометражни остварувања, а меѓу нив и актуелниот „Прасловен“, биопикот за enfant terrible Зоран Предин од „Лачни Франц“. Му реков дека мора да дојдат во Скопје на „КинеНова“, а тој се разбира дека се сложи, затоа што неговиот многунаградуван краток филм „Невидливата рака на Адам Смит“ играше на едно од првите изданија на фестивалот во Скопје. И по десетина месеци, речено-сторено.

На десеттото, јубилејно издание на Интернационалниот филмски фестивал „КинеНова“, честа да го затвори фестивалот му припадна токму на документарниот филм за кој периодов постои голем интерес во регионот. По фестивалската премиера во Сараево, секаде каде што се прикажуваше беше топло пречекан и со големи овации поздравен.

Македонската премиера се случи на 1 октомври во „Киноверзум“ во Велес, од каде е родум мајката на режисерот Максимовиќ. Во таа дождлива велешка вечер во која брзавме по автопатот да стигнеме на крајот од проекцијата, за да имаме една мала сесија од прашања и одговори со авторот, уште еднаш се потврди дека културните настани во помалите градови знаат да предизвикаат достојно внимание.



И конечно, Скопје! Вечерта на 2 октомври, во киното „Киноверзум“ во Домот на културата во Кисела вода, најпрво беа доделени фестивалските награди, а потоа се случи и проекцијата на „Праслован“. За тоа време, екипата во која покрај Предин и Максимовиќ, беа и сопругата Барбара Лапајне Предин и Борис Дежуловиќ, како рамноправни учесници во филмот, се опушташе во локалното кафуле. Го искористив моментот за дружба, но и за автограм на плочата „Не ми дихат за овратник“, која е една од омилените на сопругата, и за која во поздравот кон Предин рече дека е важно да се спомене дека е една од плочите кои музички ја оформиле во животот. Тоа му се допадна на Предин и со драго срце ни „подари“ прекрасна посвета на обвивката од легендарниот албум на „Лачни Франц“.





Кога ја извадив обвивката на плочата од кесичката, очите на Прасловенот светнаа, како одново да се сретнува со старата љубов. Радости!





За тоа време, публиката во киното, која и покрај обилниот дожд таа вечер, најде сила да дојде и да го проследи овој прекрасен настан, уживаше во прекрасниот рокументарец во кој се „разголува“ 40-годишната кариера на Зоран Предин, која се’ уште трае. Имено, вечерта пред оваа во Скопје, тој одржа концерт во преполната сала „Ватрослав Лисински“ во Загреб. Предин изјави дека со тамошната публика се во „посебна љубов“.

Во филмот на Максимовиќ учествува еден куп безвременски великани на југословенската културна, спортска и научна сцена, која говори за ликот и делото на Предин: Габи Новак, Бранко Ѓуриќ, Борис Дежуловиќ, Петар Поповиќ, Ања Рупел, Миљенко Јерговиќ, Јуре Франко, Матија Дедиќ, Зоран Чутура, Елвис Џ. Куртовиќ, Мањифико… Но веројатно најдобриот исказ го дава една постара госпоѓа, која по концертот (повторно!) во „Лисински“ во Загреб пред неколку години, вели дека нејзини најомилени пејачи се Зоран Предин и Ник Кејв. И не е далеку од вистината.

Вредноста на документарниот филм лежи и во тоа што на класичните „talking heads“ во овој филмски жанр одлично се надоврзува играниот дел кој Максимовиќ одлично го сложил. Покрај симпатичната ЈНА епизода од 80-те, низ текот на целиот филм не’ вози еден водич, кој групата туристи ја шета низ градот доближувајќи им го животот и делото на југословенскиот и словенечки музичар, од родната куќа во Марибор па се’ до музејската поставка која ја сочинуваат експонати од различлни периоди од неговата кариера.

И се разбира, највредниот момент е тоа што Предин не е претставен исклучиво во суперлативи, туку и преку неговите „лоши“ моменти, вклучувајќи го и оној со кошаркарскиот судија по еден натпревар. Затоа што животот е збир и од добри и од лоши моменти и одлуки.

По проекцијата на филмот, после која следеше громогласен аплауз од присутните, ги поканив гостите да се качат на сцената на една фина сесија од прашања и одговори пред фестивалската публика.











На сцената Предин се заблагодари за поканата на фестивалот и се разбира, на присутните во публиката, зборувајќи за чувството како е да се види сопствената четиридецениска кариера во само два часа, иако во филмот е претставена само 1/3 од она што можело да влезе во сценариото.


Барбара Лапајне Предин се осврна на претставувањето на интимните, семејни моменти од нивниот живот, додека Борис Дежуловиќ ја кажа можеби најточната дефиниција за уметникот Предин, за кој покрај тоа што рече дека не е типичен Словенец (оттаму тој е и Прасловен, нели), неговата тајна лежи во постојаното менување и желбата да се истражи и да се нурне во нешто ново. Предин најпрво му сврте грб на својот пријател, не можејќи да ги слуша неговите фалопевки, но на крајот, нормално, срдечно му се заблагодари.




Сценаристот и режисер Слободан Максимовиќ раскажа за неколкугодишната борба со обилниот архивски материјал, но и за уживањето додека ги интервјуирал луѓето поврзани со животот и кариерата на Предин. Интересна беше и ангдотата за премиерата на Сараевскиот фестивал, која поради дождот, од отвореното кино морала да се префрли во затворен простор, но сета публика дисциплинирано чекорела низ градот за да го догледа филмот.

Од сиот разговор на сцената, веројатно една од повеќето изјави која вреди да се запамети е онаа на Предин, кој на прашањето „Како дошло до соработка со Слободан и како настанал филмот?“, едноставно одговори: „Јас нему му дадов марихуана, а тој направи еден добар џоинт!“ 🙂


По полчасовниот разговор исполнет со хумор, време беше за еден длабок наклон пред публиката, која повторно возврати со гласен аплауз и овации!


На крајот, како заклучок, се’ ми се чини дека е време Зоран Предин да се донесе и во Македонија на концерт кој, сигурен сум, ќе предизвика големо внимание кај овдешната публика, од почитувачите на матичниот бенд „Лачни Франц“ па се’ до шансониерските излети во стилот на Арсен Дедиќ. Дотогаш, уживајте во она што „прасловенот“ има да ни го понуди на музички, филмски и книжевен план, затоа што уметноста лежи во постојаната трансформација, а таа кај Предин е константна!
