Интервју со Игор Иванов Изи, „ПРЕВРТЕНО“ (2007)

Од првата клапа на „Превртено“ во Дебар маало, која ја покривме во „Филмополис“ број 93, па сè до премиерата на филмот на отворањето на „Браќа Манаки“ („Филмополис“ бр. 177), Иванов како да имаше константна трема, загрижен како сето тоа ќе помине. И да, помина како што треба. Откако падна каменот од срцето, по проекцијата, во холот на Домот на културата во Битола направивме еден краток разговор со него и со Јовица Михајловски, еден од носителите на значајна ролја во филмот на дебитантот.По големиот успех со краткометражниот игран филм „Бубачки“, кој се закити со неколку светски фестивалски награди, првиот долгометражен филм на Игор Иванов  Изи, „Превртено“, работен според вториот дел од романот „Папокот на светот“ на Венко Андоновски, по светската премиера летово на фестивалот во Карлови Вари, ја  доживеа и својата македонска премиера, отворајќи го Фестивалот на филмската камера. Речиси целата екипа на филмот присуствуваше на премиерата во Битола, кој наредниот период, освен на редовниот репертоар во киното „Милениум“, ќе го продолжи својот фестивалски живот во Валенсија, Котбус, Сао Паоло…

„Превртено“ е приказна за Јан Лудвик, кој ѝ припаѓа на загубената транзициска генерација во нашето општество. Неговиот панкерски став кон животот го доведува до безизлезни ситуации, во кои не може да се реализира себеси. Со суптилно решени сцени, дел од нив можеби и предолги и непотребни, „Превртено“ алудира на хаотичното и бесмислено време во кое живееме, играјќи на картата на лична идентификација.

Игор Иванов: Се обидов да направам филм што ги обединува сите наши генерации, сите ние кои бевме и сè уште сме на асфалтот на нашиот град од почетокот на 80-тите до денес. Затоа и амбиентот во филмот е таков, ги содржи сите тие времиња сместени во едно ново филмско време, како и сите простори низ кои пораснавме.

Јовица Михајловски: Мојот лик во филмот е метафора на сè она што го носи транзицијата како негативно и против кое се бунтуваат младите генерации, затоа што тоа е главна кочница за развој на нивните идеали.

И.И. Јан Лудвик е класичен анархист, можеби поблиску до панкер, да речеме анархист од нашето време, и нема никаква врска со рокенролот, нема спин и нема основна животна интенција, нема што да го води напред. Сплетот на околности го става во една инка, инката во циркусот, а циркусот е надвор од овој свет.

Ј.М. Филмот го нуди сето она што е превртено. Го нуди апсурдот во кој живееме со испревртени вредности, сето она што недостасува за да бидеме едно фино граѓанско општество и да имаме илузија и надеж дека системот на вистински вредности некогаш ќе се врати.

Неколку денови по фестивалската премиера „Превртено“ ја доживеа и својата скопска кинопремиера во „Милениум“, со тројни проекции од 17.30, 20 и 22.30, по што веднаш во следната емисија со Изи надолго и нашироко зборувавме за неговиот прв целовечерен проект.

– Слоганот на филмот е „за политиката, сексот и порокот“. Деновиве сме бомбардирани преку медиумите за актуелноста на вашиот филм. Колку со него успевате да ги разголите темите што сакате да ги загатнете, и колку со главниот лик, Јан Лудвик, успева да се идентификува македонската младина во моментов?

Игор Иванов: Политиката, сексот, порокот, живеењето на работ, тоа се клучните зборови во кампањата, и секако, имаат директна врска со филмот. Филмот зборува за инволвирањето на малолетниците во политиката, како и за фројдовската конотацијата во политиката – сексот. Од една страна волјата за моќ, а од друга страна сексуалниот комплекс и сексуалната немоќ. Филмот си има и една анархистичка, односно, панкерска линија изразена преку главниот јунак Јан Лудвик и неговиот живот што брзо минува низ таа транзициска рутина на настани и судбински го определува да живее онаму каде што се маргините на општеството.

– Тоциновски и Трајковиќ немаат големо актерско искуство зад себе. Дали нивниот избор беше случаен или намерен?

И.И. Свесен беше изборот на Милан Тоциновски и Сања Трајковиќ, кои не се професионални актери, затоа што за мене беше поважно тие да носат една веродостојност. Значи, барав карактери што од фотографски аспект, од искуствена физиономија, ќе треба да ги носат во себе карактерите што треба да ги играат. Бев свесен дека професионалните актери можеби ќе направат подобар перформанс, што е нормално и логично, но од друга страна, би го загубил она за кое пред малку зборував.

– Претходно Иво Трајков го екранизираше „Големата вода“ на Живко Чинго, a  вие посегнувате по сè уште актуелен роман, како едно од правилата во филмската индустрија – снимање филм релативно бргу по успехот на некоја книга. Тоа не е вообичаена практика во домашната кинематографија. Или, би требало да стане?   

И.И. Читајќи го романот „Папокот на светот“ препознав атмосфера, која за мене е најважна во филмот. Тоа е како кога менуваш канали на телевизија и ти треба една секунда да се вратиш на оној што си го препознал. Тоа е тоа што го чини филмот. Атмосферата за мене во книгата на Венко беше она што сега се гледа на филмското платно. Така јас ја доживеав, се разбира, со одредени поместувања во однос на она што мене како естетика ме интересира и сакам да го презентирам.

– Во кој период може да се смести дејствието во филмот? Како да станува збор за сублимат од филмски времиња!?

И.И. Тоа е чудно време, кое ги содржи сите времиња заедно, од 80-тите до денес. Се обидов да изградам филмски амбиент каде што просторот и времето нема да бидат прецизно лоцирани туку ќе бидат распослани низ сите наши времиња. За тоа постојат повеќе и помалку успешни примери во филмската историја. Се надевам дека успевам тоа да го приближам до публиката, да ги препознаат времето и контекстот во кои ние функционираме. Мислам дека со овој филм на светот му покажуваме кои сме, какви сме и што ни се случува во овие наши години на живеење.

– Низ романот на Андоновски постојано провејува размислата за смртта. Колку тој момент за вас беше атрактивен да го доловите и на филмското платно?

И.И. Проблемот на смртта во филмот е третиран како проблем што секој од нас го има, затоа што тоа е единствениот проблем што вистински го имаме како луѓе, во однос на другите проблеми што се минорни во однос на овој. Се обидовме со Венко и со екипата да го разрешиме барем онаму каде што можеме, на филмското платно, а другото е проблемот на индивидуата наспрема општеството и судирот на индивидуализмот и колективизмот што нè следи којзнае од кога, ние сме деца на транзицијата, родени сме во комунизмот, сведоци бевме на неговиот распад, денес живееме во еден не-систем, кој е базичен рудиментиран вид капитализмот, но сè уште сме во транзиција, а тоа значи премин, а не систем. Политичарите нè убедуваа дека тоа ќе заврши уште во раните 90-ти, но тоа не само што не се случи, туку ние и по 18 години сè уште се наоѓаме во тој чуден свет, немаме виза за никаде и сме деца на транзицијата.

– Какви фактори влијаат врз македонскиот филм за да биде успешен, да излезе надвор од стереотипите и да може рамноправно да им конкурира на другите кинематографии, ако не од Европа, тогаш барем од Балканот?

И.И. Многу фактори влијаат, верувам ова е прашање за сите филмаџии, не само за мене. Ние немаме жанровски филмови, ние имаме еден жанр што се вика „македонски филм“. Во поголемите држави е нормално да постојат комедии, трилери итн. Ние во историјата имаме само педесетина филмови и сите ги нарекуваме „македонски филм“. Но, сметам и дека квалитетот на нашите филмови наспроти квантитетот е одличен, затоа што шансите се премалку, па затоа се дава максимумот кога се вложуваш во еден филм. Најголемиот проблем на македонската кинематографија е што немаме стратегија, заради тоа што некој не сфаќа колку е важен филмот за една држава. Ако немате филм, вие немате држава. Филмот и фудбалот се двете основни точки на кои државата функционира, затоа што тоа се двете најмоќни пропагандни алатки што државата може да си ги дозволи. „Пред дождот“ е вистински пример за тоа што еден филм може да направи за една земја. Тоа не смееме да го заборавиме и мораме и понатаму да инвестираме во тој правец.

– Колку сте задоволен од реакциите и посетеноста на филмот во домашните кина? Каква е неговата фестивалска агенда?

И.И. Задоволен сум затоа што пред малку добив информација дека салите се полни и тоа ме прави среќен затоа што животот на еден филм зависи од тоа колку долго киносалите ќе бидат полни. Задоволен сум и затоа што на „Превртено“ му следи богат фестивалски живот. Следната недела одиме во Валенсија, па во Сао Паоло и Чикаго, па повторно во Европа, во Гент – Белгија, Котбус – Германија… Исто така, некои дистрибутери почнаа со прикажување на филмот и навистина сум задоволен како се движи целата работа околу него.

Приказната за „Превртено“ ја заокруживме со веста презентирана во 181. издание на „Филмополис“, кога информиравме дека филмот на Иванов ја доби наградата за најдобар режисер од жирито на чело со Словенецот Дамјан Козоле, кој, пак, претходната година ја зема истата награда и паричната сума од 40.000 евра. Филмот на фестивалот во Валенсија беше во натпреварувачки дел со 20 други филмови од медитеранските земји.  

(Интервјуто е направено во филмскиот магазин „Филмополис“ бр. 178, а транскриптот и воведниот текст се објавени во книгата „ФИЛМ.МКД“) 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *